ХУМАНИТАРНО ОРУЖЈЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:121:"ЛојалностаконВладатасепокажувасовозењеслужбениавтомобили

    1. Водителот на контактно-рекреативната програма на МТВ “Директно со Владата” одвај дочека емисијата да се приближи кон крајот, па како десерт на лежерно расположените гледачи да им го сервира одговорот на сложеното пра­ша­ње “Како со 28 илјади плата да се купи “Тојота”?”.  Дополнителен услов е да се има и да се продаде десет години стар “голф”.
    Се разбира, одговорот не го даде самиот водител, кој завчера вечер беше зафатен со пресметките на структурата на трошоците на Македонската радио-телевизија, па се ценкаше со премиерот дали претплатата треба да изнесува 300 или 350 динари. Невозможниот потфат со тојотата во комбинација со стариот “голф” го објасни лично премиерот Кљусев, кој одвај дочека да му биде поставено тоа прашање, за конечно да ги демантира гласините за функционерските евтини јапонски автомобили, добиени како компензација за извезениот тутун, па со блажена насмевка му се пожали на загриженото граѓанство дека, ете, и него, иако е премиер, му земале фазла 85 илјади.
    Веднаш потоа, за да не ги разочарува докрај, бидејќи тешко ѝ на државата кога во неа дури и премиерот можат да го крадат, им вети дека наскоро Владата ќе им рече решително”Не!” на српските “застави”, а за возврат, во име на експертската љубов и достоинство со кои неговиот кабинет тржествено ги дарува поданиците, им порача дека не е далку денот кога сите ќе возат странски автомо­били со мала царина, дури и поевтини од тутунските “тојоти”.
    Во тој момент на најпатриотскиот дел од граѓаните на Македонија им падна камен од срце. Од силна возбуда и радост веднаш потрчаа кон своите автомобили и свртија неколку крукчиња околу зградата како израз на благодарност кон дарежливиот премиер. Тој толку спонтан и симболичен гест во исто време беше и неконтролиран излив на восхит, затоа што повикот упатен од Кљусев само пред една недела “да се опамети  нашиот индивидуален потрошувач, односно граѓани­нот, бидејќи не може да се дозволува, во време на економска криза каква што имаме, олку масовно да се користат моторните возила кај населението” – повеќе не важи.

    2. Ако Кљусевото нафтено ембарго останеше на сила подолго време, гра­ѓаните за да ја докажуваат својата лојалност кон раководството, ќе мораа да се возат само со службени автомобили. Вака, што се однесува до лојалноста, сé е во ред.
    Проблемот е во тоа што деновиве остана само Кљусев да ја контролира ситуацијата во Републиката. Претседателот Глигоров е во Америка. Според но­виот Устав него го заменува претседателот на Собранието. И тој замина во Швајцарија. Па сега единствена гаранција дека некој нема да направи пуч ни е Никола Кљусев.
    Полошо од тоа е што Стојан Андов, бидејќи се подготвуваше за пат, не ја водеше последната седница на Собранието. Го заменуваше Тито Петковски. А тој, сиромашкиот, многу сериозно си ја сфатил работата. Па на пратениците им беше здодевно. Немаше со кого да се караат. Дури сега видоа колку им недостига Андов, за да им го прави животот поинтересен. Затоа и не се појавија во салата по паузата, за да ја продолжат расправата. Видоа колку тоа ќе им биде безначајно без Андов. Се разочараа поради невичноста на Тито Петковски да ги разонодува. Башка што и гледалиштето не ги познава како сериозни. Мора да се признае – голем ризик е кога се појавуваш на екран, гледачите очекуваат хумор, а ти ги заспиваш од здодевност.

    3. Многу сериозно и пред сé принципиелно си ја сфаќа работата т.н. Сојузен секретаријат на Владо Камбовски за правосудство и управа на некогашниот Сојузен извршен совет на некогашната Југославија. Српската гарда е внесена во неговиот регистар како здружение на граѓани. Белградските весници велат, имала хуманитарни цели. И ги исполнувала сите услови за регистрација: има минимум десет члена, не ја загрозува територијата на СФРЈ и не распалува расна омраза.
    Слично на Српската гарда сега ќе се соберат десетина граѓани со оружје в рака и ќе се именуваат на пример: “Совет на потрошувачи”. Па ќе тргнат со пушките по продавниците, во хуманитарна акција за намалување на цените. Ова хуманитарно здружение меѓу другото ќе ги преплашува трговците во истиот момент кога само ќе помислат да подигнат цена на некој производ. Користа од нивното дејствување ќе биде повеќестрана. Не само што ќе се сопре инфлацијата, и тоа без употреба на административни мерки, туку ќе се обезбеди нагледен материјал за д-р Камбовски да напише уште еден научен труд на тема “Употреба на оружјето во хуманитарни цели”.
    Што се однесува до формалната регистрација, би требало да нема проблеми. Условите се исполнети. Спорен е само оној кој бара од Советот на потрошувачите да не распалува расна омраза. Што правиме ако некој продавач е Црнец?

    4. Не е виц, ама би можело да биде:
    Вчера во редакцијата се јави еден читател со прашањето:
    – Зошто вие во “Вечер” вработувате само малолетни?
    – Како!?
    – Па зошто сите текстови ги потпишувате само со иницијали?
    Денес, како што можете да забележите, сите сме потпишани со полно име и презиме. Сме пораснале.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира