ИДЕ ШУМАРОТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:54:"Владатафункциониранормално

    1 Премиерот три дена го немаше да даде изјава, албанскиот коалиционен партнер излезе од Влада, а владиниот портпарол Ивица Боцевски упорно изјавува: “Владата функционира нормално”.
    Боцевски, навистина, функционира нормално. Единствено тој дава изјави, ама баш тоа му е работа. Или се збунил. Ја видел Вера Рафајловска како се појавила првпат по два месеца да посади дрво и веднаш му се видело дека сѐ е нормално.
    Да не се појавеше Вера Рафајловска, Боцевски ќе изјавеше: “Владата функционира ненормално”.

    2 Некој дрва сади, некој оди по амбасади.
    Додека Груевски, сосе цела Влада, садеше дрва, војводата Мендух Тачи одеше да го кодоши по странските амбасади. Груевски ја садеше иднината. Тачи му ја мочаше сегашноста.
    Кога Груевски си го одбра Тачи како добар албански партнер, и покрај тоа што ги изгуби изборите кај албанскиот електорат, наивно веруваше дека ќе може полесно да го контролира.
    Ама наместо да му го дигне рејтингот на коалициониот партнер за да обезбеди стабилност на Владата, тој со ДУИ правеше Мајски договор за тоа што требаше на Албанците да им го испорача ДПА. Уште не дојде нов мај, а на Тачи му дојде времето. Знаеше дека нѐ чека април и самитот на НАТО. И дека ако не наплати сега, никогаш нема да наплати.

    3 Владата масовно се вклучи во акцијата за садење дрва. Потег кој е значаен за иднината на оваа земја. Ако има дрва, ќе има и шума. А во шума секогаш може да дојде шумарот и да ги избрка шумкарите. Оти ние без шумар не можеме да функционираме.
    Кај и да е, до 2 април ќе се појави.

    4 Наместо да гради сојузништва за да му бидат поткрепа за битните одлуки што треба да ги донесе во име на земјата, Груевски ги растураше и тие што ги имаше.
    Само што дојде на власт, се караше со ДУИ. Во тоа време се караше и со Фуере. Потоа веднаш побрза да се скара со Бранко и да го извади од заборав. Па им се сврти на Грците со аеродромот и статуите да ги саска без потреба. Карањето со СДСМ е морално по дефиниција оти се опозиција. Па ја расипа калимерата и со Тито. На крај ја оплеска и со Американците.
    И сега пак Бранко ќе нѐ спасува. Таква судбина сме имале. Ебате судбината.

    5 Ако не добиеме покана за НАТО, не е крај на светот. Но НАТО е целта што тие ни ја ветија и за тоа ги гласавме. Така што ако не добиеме покана, тоа нема да биде наш неуспех. Тоа ќе биде неуспех на власта.
    Само што и при таков неуспех има познати сценарија како тој може да се оправда. Што мислите, кои би биле главните теми на Груевски на следните избори?
    а) Не го дадовме уставното името (кое, патем речено, никој не ни го бараше)
    б) Не им попуштивме на Албанците
    в) Им пркосевме на Американците.
    И да не заборавиме, тоа што е најважно ќе си го вратиме шеснаесеткракото сонце од Вергина. За инает. Нека пукнат Грците.

    6 Ретка е привилегијата да живееш во историско време за својата држава. Ама не сакам сите историски моменти што ги паметам да бидат порази. Утре што ќе славиме? Сѐ што сме изгубиле?
    Велат дека и оваа 2008 година е историска шанса. Ама некако премногу ми трае шансава. Ние осумнаесет години имаме историски шанси и никако да ги искористиме. Се расфрламе со времето, а тоа е најскапо.
    Историска ни беше 1991 кога прогласивме независност. Историска беше 1993 кога влеговме во ОН. И 1995 кога имавме атентат врз претседателот и договор со Грција. Во 1999 НАТО ја бомбардираше Србија и нѐ нападнаа 350.000 бегалци од Косово. Историска беше 2001 година кога нѐ нападнаа бандити што станаа борци за човекови права и победија
    Да не зборувам и дека сите избори ни се историска пресвртница и секоја влада одново добива шанса да ја оправи земјата. Цело време нешто чекаш, а добиваш исти фаци и исти сценарија. Цело време чекаш разврска, а животот ти е без врска.

    7 Не очајувајте кога гледате како премиерот се мачи да објасни што му се случува. И на тоа можете да гледате позитивно.
    НАТО е, пред сѐ, одбранбена организација. Затоа ќе мора да нѐ бутнат внатре. За да нѐ одбранат од самите себе.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира