1. Ми олесна откако прочитав дека Али Ахмети во Швајцарија примал инвалидска пензија зашто бил параноиден шизофреник. Кога е во прашање Али, затаи и швајцарската прецизност. Сега сакаат да откријат дали ги зезнал со измислена дијагноза, или навистина е болен, ама не можат. Али се врати на домашно лекување. Во Македонија.
Сега е јасно и зошто Ахмети не влегува во Собранието. Параноичен е – се плаши да не го уапсат.
Голема е утехата ако навистина водачот на бившата ОНА успеал да ги зезне Швајцарците. Затоа што не сме само ние зезнати. Ако нам ни зел територија, ним барем им ги собрал парите.
Друга утеха е што барем за се што ни се случуваше минатата година можеме да најдеме лекарско оправдување. Животот навистина ни зависел од волјата на шизофреничари.
Е, тоа ти е. Од судбината не се бега. Од шизофреничари не можеме да се ослободиме.
2. Добра глума покажа Стојан Андов кога се правеше дека разбира што му зборуваат на албански, па уште и заврши со “Благодарам, кој друг бара збор!”
Ама, тоа што се правеше удрен, не му помогна да остане и глув. Свечена, несвечена, тоа ти е. Нели имаше некакви охридски преговори, рамковни договори, измени на Уставот… Нели секои два дена доаѓаа Солана и Робертсон и не влечеа за уши.
Затоа луѓе носете слушалки. Ако веќе дозволуваме да не влечат за нос, барем да не им даваме да не влечат за уши.
3. Како што тргнала работата, покрај слушалки, во Собранието ќе мора да се монтира и еден голем екран. За да може на него пратениците да го гледаат Али Ахмети. Бидејќи, тој, со Гзим Острени и Фазли Велиу ќе бидат дописни пратеници. Екранот ќе биде поставен високо над главата на новиот спикер Никола Поповски. Па, кога ќе се зборува Али Ахмети, другите ќе го гледаат со главата горе.
Странците што ни ја прават владата претеруваат. Прво, не му дадоа на Али Ахмети да дојде на предизборен митинг на ДУИ во Чаир. Сега, не му дадоа да влезе во Собранието. Зошто тогаш му даваат да прави влада?
4. Поради Ахмети и Бранко мора да оди во илегала. За да не го прашаат новинарите нешто за новата влада, или не дај боже за Ахмети, се отепа криејќи се. Тоа, со оглед на партизанското минато на неговата партија и не му оди тешко. Еве, сите се чудат по кои тајни ходници Бранко успеа да влезе директно во собраниската сала. Сиромашкиот. Сигурно и дома се плаши да сонува. Да не спомене случајно во сон некое име на иден министер, па жена му да го чуе. А и кога зборува, сигурно самиот на себе си зборува – да не го разберат другите.
Овие на Бранко во принцип се плашат да проговорат, па веќе не знаат како да се скријат еден од друг. И додека Јани Макрадули дава изјави дека преговорите со ДУИ ќе почнат по првата седница на Собранието, ДУИ веќе гласал за Никола Поповски. Е кој преговарал за тоа? Радмила и Никола. А Радмила не знае дека била на преговори со ДУИ. Од што си зборуваат сами со себе, за никој да не дознае што мислат, веќе губат критериум кога ќе прозборат и со друг.
Не знам зошто СДСМ се бореше да дојде на власт. За пак да остане во илегала!? Го гледате Пенов со неговото либерално-деморатско сфаќање на поделбата на власта. Додека Бранко се крие по ходници, Пенов си го чисти паркот и си решава кадровски прашања. Еден замав со метлата и оп – Гошев станува министер за финансии.
По оваа, веќе почнуваат обложувања кога ќе биде првата реконбструкција на Владата. Дали Гошев прв ќе се откаже, или Бранко ќе му ја земе и метлата на Пенов. Каде се научени овие од СДСМ да даваат нешто на друг?
5. Гледате како давал Љубчо? Половина Водно му го дал на Пеце Наумовски за да го стави на пратеничка листа. Кошаркарот бил заслужен граѓанин на Македонија. Најголемата заслуга за нас е што играл во странство и си заработувал пари од играњето.
Љубчо давал земја и на други. Како да сме живееле во феудализам, а феудалецот си поклонувал делови од земјата секому за кој ќе помислел дека е заслужен.
Среќа што вмровците како Пеце не биле многу алчни. Замислете, Пеце да бил уште позаслужен од тоа што е па покрај шумата на Водно од Љубчо да го закупел и Вардар. Па сега ќе плаќавме мостарина.