1. МВР откри зошто се убиени кумановците во Ирак. Биле алчни за пари. Портпаролот Горан Павловски вчера соопшти што открила истрагата. “Голем број од овие луѓе не се социјални случаи, не се ни добро ситуирани, меѓутоа имаат некоја пристојна живеачка во Македонија”, рече тој.
Луѓето се виновни оти отишле да заработат. А полицијата наместо да си ја врши работата открива кој колку пари имал. И дали буричкале во контејнери, или само немале пари за свадба. Во држава што се декларира како пазарно ориентирана и демократска, портпаролот на полицијата одредува стандарди за пристојна живејачка.
Не дај боже сиромашките да сакале да купат кола, или скраја да е – стан. Владата ќе речеше: “Така им треба”.
2. Луѓето беа киднапирани веќе два месеца во земјата во која отидовме да и донесеме слобода и демократија. Ама власта почна да ги бара откако си ги видоа сограѓаните на телевизија. И тоа на “Ал Џезира”.
Бранко веднаш се стави на “стенд бај” и даде налог да се контактираат “пријателските служби”. Каде беше Бранко два месеца?
Илинка почна да врти телефони, ама “знаете многу е тешко да се добие Багдад”. Веројатно затоа што сите телефонски линии ги имаше зафатено Бучко. Тој уште утрото пред да биде објавена снимката соопшти дека војниците се безбедни. Да не имал претчувство човекот?
Потоа Илинка бараше безбеден коридор да ги врати останатите работници, ама немаше авион. Нејзиниот заменик Фуад Хасановиќ кој дури сега дознавме бил шеф на некое координативно тело отиде да ја гледа лентата во Катар. Доцна оти “знаете, авионските линии со Катар се многу комплицирани”. Така ни кажуваа репортерите на телевизиите.
Во меѓувреме премиерот Хари Костов изјави дека ние не можеме да спроведеме истрага во Ирак. Ние спроведуваме истраги во Македонија. Полицијата не може да открие кој го уби матурантот Ванчо што играше кошарка во Тетово пред две години, ама откри дека убиените кумановци не живееле толку лошо за да мораат да одат на печалба.
На сета наша мака фалеше уште Хисни Шаќири да дава изјави. Тој е докажан експерт на УЧК за киднапирања. Како само никој не се сети да го повика и командант Лека нешто да изјави. Барем совет да дадеше.
3. Три дена изворот Рашче од кој се снабдува со вода за пиење цело Скопје беше блокирано од локалните селани оти тие не плаќале вода, а водовод им ја исклучил. Полицијата не ја растури блокадата. Се пофали дека се снашла. До Рашче “пристапила по алтернативни патишта”. Ова е пак изјава на портпаролот на МВР.
Полицијата го чува Рашче илегално. За да не се налутат селаните па да им текне да ги блокираат и алтернативните патишта.
Никој од ОБСЕ, ЕУ и НАТО не одржа прес конференција да ја осуди блокадата како чекор назад кон враќање на довербата и рамковниот договор и заостанување на патот кон ЕУ. Ни полицајците од “Проксима” ги немаше да демонстрираат разбивање на блокада по европски стандарди кога е загрозено снабдувањето со вода на главен град на една европска држава. Дури ни Батлер не даде изјава како демократска Америка би го решила проблемот ако некој го блокира снабдувањето со вода на Вашингтон.
Среќа што пред нас е референдумот. Среќа што ДУИ е заедно со СДСМ и сака референдумот да не успее. Ги убедија селаните да ја отстранат блокадата за да не предизвикуваат помасовен одѕив на скопјани против новата територијална поделба на главниот град. Селаните сами си пуштија вода. Ако референдумот не успее, градоначалник ќе им биде Пенов. Тој ќе им направи и фонтана.
4. Претставниците на ОБСЕ, НАТО, ЕУ и САД не беа ни на блокадата на автопатот Скопје – Тетово. Таму се протестираше за ослободување на командант Баци. Полицијата не интервенираше. Блокадата била “уредно најавена” во полиција.
На камионџиите што се бунеа против фалсификуваните дозволи на Буџаку полицијата не им дозволи да ги блокираат патиштата. И нивната блокада беше уредно најавена, ама ќе се попречел сообраќајот. Протестот за ослободување на криминалец со кој се блокира автопат е легален. Оти блокадите што се по рамковен договор не го попречуваат сообраќајот. Тие се пат кон Европа.
5. СДСМ не може без Бранко, ама не може ни без Љубчо. Сега сакаат да им помогнат на љубчовистите од ВМРО-ДПМНЕ да не го изгубат мандатот во Собранието. Ќе го сменат законот за избор на пратеници. Откако ќе ги изберат да можат да си менуваат партии.
Професијата “пратеник” ќе стане една од најдобро платените професии во државата. Те избира народ, а потоа те купува партијата на која и требаат гласови за да владее.
Љубчо на времето ги купуваше пратениците на Циле кога решија да му ја расипат коалицијата. Овој закон му треба на СДСМ ако случајно ЛДП реши да глуми опозиција. Да може да ги купат и нив.