ИЛИНДЕНСКА И БИХАЌКА

Несеситеразликинепремостливи.Ситесесогласијадекасудиитесекриви.

    1 Знаете ли дека премиерот Никола Груевски додека работел во Кабинетот гледал кошарка и навивал? Ама и оние од Бихаќка се собрале и гледале кошарка. И тие навивале. И тоа беше вест по порталите. И тоа сериозна вест. Дека премиерот навивал за Македонија. Ама и опозицијата навивала за Македонија. Како Илинденска и Бихаќка да се две различни држави, ама навиваат за иста репрезентација.
    Што сакаат да ни кажат? Дека имаме среќа што и опозицијата и власта навиваат за Македонија? Па за кого да навиваат? Ова е нешто што треба да најде место во извештајот на Европската комисија во октомври. А и во Стејт департментот би можеле да го нотираат како напредок. Не се сите разлики непремостливи. И никој не се огради со забелешка од правните квалификации за првиот несреќно изгубен меч. Сите се согласија дека судиите се криви. И дека пак на Македонија и е нанесена неправда. Како пред 100 години во Букурешт.
    2 Мотото на годинашното славење на 8 Септември е “Наше единство, наша победа”. Значи половината е постигнато – и Илинденска и Бихаќка гледаат Сител и навиваат за иста репрезентација.
    Повеќе од борбата на нашите репрезентативци на теренот ме импресионира само ентузијазмот на колегите од спортските редакции. Уживам во епска лирика. Кога слушам дека двеилјадната македонска фаланга во Словенија не може да си ги залечи раните по неправедните порази, веднаш помислувам колку ли му било тешко на Александар Македонски кога се думал дали да тргне кон Индија или кон Јесенице. Ај двеилјадната фаланга во Словенија, тие барем на почва на Европска Унија си ги лечат раните, туку и два милиони Македонци останаа дома покрај малите екрани со незалечени рани, со тенденција да го урнат проектот на министерот за здравство “Мој термин”. Замисли сите да тргневме по матични лекари да си ги лечиме раните од украдените победи и неправедните порази. Убаво каже коментаторот “да ни кажеа во јуни, да ни навестат некако, да си знаеме”, оти “пред почетокот на ЕП зад затворена врата во Европа се договориле нешто против Македонија”.
    Па од епска лирика премина во политичка анализа “Не сакам да верувам дека постои заговор против Македонија, но до крајот на мечот ќе видиме”. И на крај го детектира проблемот “Овде немаше фаул, ама тоа е… мала е Македонија”.
    Полскиот судија беше за нас, ама Италијанецот и Хрватот не ни признаа кош. Заговор – пар екселанс. Плус комбиниран со лични мотиви. Црногорците шверцуваа цигари во Италија. А Хрватите само што влегоа во ЕУ, почнаа да се прават Словенци. Само така малата Македонија можеше да загуби од големата Црна Гора.
    3 Кога сме веќе кај единството и победите на државата, ми текна на една аматерска снимка запленета од УЧК што беше емитувана во екот на војната во 2001 година на јавниот сервис МТВ. Некои голобради учки, во друштво на две-три женски седнати покрај некои грмушки, пиеја пива и раскалашено од забава пукаа со пиштоли и машинки додека од некој касетофон ечеше албанска народна песна. Чат-пат некоја од женските ќе станеше со некој од хероите, ќе се изгубеше зад грмушките, па по кратко време ќе се вратеа. И така редум.
    Која држава, кое единство, која гордост кога гледаш од кого државата ја изгуби војната.
    Секогаш кога ќе се сетам на таа снимка ми се буди чувство на пониженост. Ама нејсе. Се помиривме, се ставивме во охридска рамка, се амнестиравме, се исповработивме по национални клучеви и продолживме да живееме во преуредена држава, се обидуваме да се почитуваме, славиме заеднички празници и гледаме напред. Можеби и актерите од таа снимка во меѓувреме станале министри, пратеници, амбасадори, директори на јавни установи и – тоа е тоа.
    Дванаесет години подоцна, лидерот на јунаците од снимката Али Ахмети оди во државнички посети во Вашингтон, Берлин, Софија, Атина… Тој ни го соопштува предлогот на Нимиц, бара дебата за името. Тие што пукаа од тетовското Кале, а кои Џорџ Робертсон од НАТО на почетокот ги викаше бандити и разбојници, сега зборуваат за безбедна иднина, напредок, интеграција, а не изолација.
    Претседателот Ѓорге Иванов сe уште не може да собере храброст да почне да се меша во својата работа. Министерот за надворешни работи Никола Поповски не може да си ја заузда распашаната дипломатска војска неспособна да организира ниту еден претседателски регионален самит. И додека премиерот Груевски се слика со цела Влада и раскажува како ќе ги зголеми прекршочните казни, шефот на Кабинетот на лидерот на ДУИ Артан Груби ни соопштува кога ќе дојде Нимиц во Скопје со нов предлог за името.
    Кој ја води тука надворешната политика? Или можеби сама се води. Па кај ќе стигне ќе видиме до крајот на мечот.
    Е тоа е таа верба во Македонија што ја читаме на билбордите.
    4 Премиерот ги најави измените во прекршочната политика и инспекциите. И единственото нешто што СДСМ имаше да каже беше дека глобите треба да се преполоват.
    Опседнати од популизмот со кој ВМРО-ДПМНЕ им ги отвори очите, СДСМ не може да го види тоа што ние сите го гледаме и чувствуваме. Не е проблем во висината на глобите. Проблем е што глобата не важи за сите подеднакво. Тоа што, од улично паркирање до затворање фирми, критериумот за казна зависи од партиската припадност. Па глоба секогаш плаќаат “вашите”, а никогаш “нашите”. Односно, плаќаат и “нашите”, во ретките моменти кога треба да се дисциплинираат.
    5 Пратеникот Антонио Милошоски на Твитер напишал “Кога ќе порасне Телма сака да биде А1”.
    А што сака да биде Милошоски кога ќе порасне? Пратеникот магистрирал и докторирал во Германија. Таму лани претседателот на државата Кристијан Вулф падна затоа што им се заканувал на медиумите да не објавуваат за неговиот корупциски скандал додека бил премиер на Долна Саксонија. Милошоски беше министер за надворешни работи. Беше портпарол во Владата на Љубчо Георгиевски и сите го паметиме како до сега најдобар и најпрофесионален портпарол на Влада. Како опозиционер беше долгогодишен колумнист на “Утрински весник”.
    Заборавиле каде биле. И власта толку ги опи што не знаат ни каде одат. Од каде им е таа потреба на ВМРО-вците нон-стоп да им судат на медиумите? Веќе не верувам дека станува збор за недостиг на демократски капацитет. Таа опседнатост е знак за нешто посериозно од тоа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира