1. Премиерот Хари Костов не убеди дека Македонија ќе остане цела, нема да има граници, нема да се дигаат ѕидови и куќите ќе останат на исто место.
Така е. И куќите во Арачиново останаа во селото. И куќите во Матејче никој не ги пресели. Само, каде се луѓето што живееја во тие куќи? Сега премиерот ќе оди по собирните центри на избрканите и ќе им објаснува дека тие се залогот на Македонија за влез во Европската унија. Дали луѓето што дома си останаа без дом можат да си се вратат во селата, или и во овој случај Хари ќе преговара, а Бранко ќе договара за да постигнат компромис. Како оној пат кога три дена преговараше за да влезе во Вејце. И постигна компромис. Храбро се повлече.
Премиерот е реален политичар. И самокритичен. Самиот си се исплука оти не преговарал добро. Рече дека во иднина вака не треба да се работи.
Треба веднаш да му се даде на Али Ахмети се што ќе посака. Оти ќе направи војна. И нема да влеземе во ЕУ. И што е најважно – ќе се растури коалицијата.
Во такви пресудни моменти настапува државникот. Оти, “треба да знаеш, треба да можеш”. Седнува со Али да работат “за Македонија заедно”. И на крај објавува “уште една голема победа – победа за Македонија”.
2. Уште не ми е јасно што сакаше да каже Хари кога не праша ако во Скопје живееле 20 отсто Англичани, дали ќе ни пречело втор службен јазик да бил англискиот?
Навистина, што ако наместо Албанците, во Македонија како малцинство живееја Англичани? Ќе бевме Ирци. И ќе го зборувавме истиот јазик. На малцинството.
Наместо Швајцарија на Балканот, ќе бевме Ирско чудо.
3. Странците побрзаа и на партнерите во преговорите им честитаа за постигнатиот компромис.
Тие добија честитки.
А нам ни сочувство не ни изразија.
4. Портпаролката на ДУИ Ермира мехмети открива пикантни детали од преговорите. Таа вели дека “надвладеала политичката храброст” и дека предизвикот што го надминале “ги зближил партнерите”.
Опа… Таму имало зближувања на партнерите. Која ли му била партнерка на Бучко? Какви тајни и раскажала Теута Арифи на Ермира, за таа да и се восхитува на храброста на Бучковски. Или, замислете го зближувањето на Муса Џафери и Радмила Шеќеринска. Тие се идеални партнери. Тој молчи, таа уста не затвора. Охридскиот договор преточен во нивното зближување Рада би го објаснила вака: “Ам шо знам… Не ме нервират, не се караме, убо ми е…”
И каде ја згрешил работата Хари, па Али не го сакал за партнер. Само Бранко и никој друг. Оти, не треба само да сакаш, не треба само да знаеш, ама треба и да можеш.
Хари не можел.
5. Портпаролот на СДСМ Борис Кондарко рече дека според Статутот на партијата пратеникот од Струга, од разбирливи причини, ќе може да гласа слободно, по своја волја. Само Стружанката може да има памет.
Другите, од разбирливи причини ќе гласаат со паметот на Бранко. Тие не се таму за да мислат. Тие се за да гласаат.
6. Ристо Пенов ги трие рацете. Охохо… колкаво Скопје ќе добијам. Колку ли павер елементи им требаат на Сарај и Кондово? Како ли ќе се урбанизираат руралните средини, ако не со “Урбан инвест”.
Ќе светнат канделабри по кондовските сокаци. Можеби и некој мост ќе треба да се реконструира следните десет години, за уште два мандата. Зошто сретсело на Кондово да нема босански гранит како на плоштадот во центарот на двојазичната метропола? Меѓу нас нема граници. Италијански дрва и јапонски цреши ќе го красат шеталиштето во Сарај.
Само уште да се најде некој кооперативен братучед да ги направи двојазичните табли, и последната рамка од политичкиот дел на Рамковниот договор за Пенов е завршен.
За Али Ахмети е почеток.
7. На патот кон Обединетите нации, Киро го загуби името. На патот кон ЕУ, Бранко ја загуби државата.