1. Времињата се променија. Кај нас се уште доаѓаат Романки за да играат на шипка, ама нашиот премиер оди во Романија по памет како да се влезе во Европската унија. Романија ќе ни помогнела на нашиот пат кон ЕУ. Бранко така изјавува во Букурешт и очекува ние тоа да му го купиме како успех. Како да сме вчера родени.
Кога Бранко дојде прв пат на власт во 1992 година, ние во Романија шверцувавме мастики, хулахопки и вегета. Кога ќе се појавеше автобус на “Галеб” на улиците на романските градови, луѓето го гледаа како да им слетало вселенско летало. Тогаш Бранко ни велеше дека Бугарија е многу полоша од нас. За Романија не сакаше ни да знае.
Гледано од историска дистанца од 11 години ние сме многу понапред. На Бугарите помош за влез во ЕУ ќе им дава Словачка. А нам Романија.
Во следниот мандат Бранко ќе го прошири кругот на пријатели кои ќе и даваат помош на Македонија за влез во ЕУ. Не може да се потпре само на Романија. Албанија е на ред.
2. Од историска дистанца и Хисни Шаќири сега може да биде потпретседател на Собранието. Пред една година не можеше. Тогаш ДУИ сакаше да го направи потпретседател, ама СДСМ не се согласуваше. Тогаш не беше добар за коалицијата. Сега е добар.
Што се случи за една година? Дали Хисни положи испит кај Бранко за добро однесување? Дали пратениците од СДСМ заборавија што мислеле пред една година? Нели Бранко ветуваше дека ниеден од командантите нема да добие функција?
Исто како со Романците, и за Хисни Бранко мисли дека ние сме вчера родени. Не ни знаеме за пратеникот од минатиот состав на Парламентот што зема пушка в рака и од собраниска клупа замина в шума да се бори против државата. Или, знаеме, ама не паметиме.
3. Новинарката на А1 Снежана Лупевска пред некој ден беше на гости кај неколкумина од криминалците од кумановскиот крај за кој МВР има објавено потерници. Очекував да ги видам луѓето во некои визби, на скришни места, подготвени да бегаат во секој момент. Се разочарав. Какви ли се тие криминалци чии лица ги има на полициска потерница кои се снимаат за вести дома, удобно залегнати во фотељи со јамболии. Тие не ни имаат намера да бегаат штом седат дома по влечки и чекаат новинари да даваат изјави.
На еден од нив куќата му била само стотина метри од полициската станица. Ама, полицијата не ги апси оти правеле професионална проценка и оценка кога тоа да го изведеле. Полицијата ги чува криминалците. Да не им се случи нешто додека МВР ги прави плановите за апсење.
4. Власта ќе дозволи меѓународен тендер за лекови што ќе отвори простор Македонија да стане депонија за сето ѓубре странски лекови. Ама власта пак не е виновна за тоа. Не можеле да и се спротивстават на Светската банка. Како што никогаш не можат да се спротивстават на ММФ, на НАТО, на Европопската унија и САД. Нашите се добри, ама овие странците се ептен катиљ.
Странците ја прифаќаат одговорноста за неспособноста на нашите политичари. Тоа ти е исто како да воспитуваш размазено дете.
5. Во недостиг на настани, главна тема беше како државата во еден момент останала обезглавена. Претседателот бил во Берлин, премиерот во Букурешт, претседател на Собранието нема, а Батлер играл тенис. Тој ден не забележавме дека ни е нешто полошо од обично, кога сите се тука.
Штета што Хисни Шаќири уште не е избран за потпретседател на Собранието. Ќе имаше шанса барем еден ден да ја води државата против која крена пушка. Вака за сите глави мислеше потпретседателката на Собранието Лиле Поповска. Само што за кусо време не успеа да им се претстави на граѓаните. Не одеше како Борис по струшкиот пазар да ги влече луѓето за ракав и да им вика: “Знаеш која сум јас, Лиле, Лиле претседателката!”
6. Со промоцијата на новото туристичко лого на главниот град, отпечатени се и плакати. На сите плакати мотивот е ист – Скопското кале. Само што е сликано од различни агли.
А што друго да се слика? Мостот? Не е за сликање, осакатен е. Плоштадот? Не е за сликање, раскопан е.
Градоначалникот на Скопје Ристо Пенов имал многу амбициозни проекти. Ќе градел тунел под Вардар. Само што има проблем со граѓаните. Скопјани не се амбициозни како него. Тие би сакале само еднаш да го видат Камениот мост како што треба.
Во овој мандат Пенов треба да ги направи и Мостот и Плоштадот и спортската сала и нов мост преку Вардар… До в година ова време тој ќе работи над земја. Потоа ќе се фати за тунелот. Со третиот мандат, Пенов ќе го фати и подземјето.