ИСТОРИСКИ ЧАС

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:125:"Завременабашибозукот,заптиитенедаваленисоопштенијазарајата

    1. Турскиот премиер Месут Јилмаз, од Скопје тргна за Битола да ја посети спомен-собата на Кемал Ататурк, основач на модерната турска држава. Патем, како добри домаќини, му одржавме историски час. Му покажавме како било во турската држава пред доаѓањето на Ататурк. Јилмаз учел во училиште за времето на башибозукот, ама благодарение на нашата гостољубивост, виде како традицијата во еден дел од бившата Отоманска Империја се негува и по 90 години од Младотурската револуција.
    За волја на вистината, не е сé баш така како што било пред Ататурк. Во времето на башибозукот, заптиите не ни чувствувале потреба со соопштение да ѝ се обратат на рајата. Денес, на полицијата ѝ требаат само два дена за да утврди дека колоната со турската делегација била прописно придружувана од обележани возила. Блазе си ѝ на оваа раја со ваква власт. Што сé не ни се случи во државата, а никој од чаушите не излезе виновен. Ние си имаме беспрекорно чиста власт. Постојано е виновен некој друг.
    Полицијата го обвинува несреќниот битолчанец од “шкодата” дека не запрел да ја пропушти колоната и дека загубил контрола на движењето. А што ако, сиромашкиот, ја загубел контролата за некоја секунда порано, па го отепал премиерот Јилмаз? Што ако, по судирот, двете возила не отишле настрана, туку останале на место, во правецот на движење на колоната, па да се направел карамбол од турската делегација во верижен судир, што при такви брзини сигурно би предизвикал повеќе жртви? И тогаш ќе зборувавме за беспрекорно чиста полиција и беспрекорна организација на патувањето!?
    Дали на патот Прилеп – Битола има ограничување на брзината на движење, или сообраќајните знаци не важат за власта? Дали зборуваме за истата полиција што и низ скопските булевари секојдневно ги вози луѓето од власта со 100 километри на час и ги преплашува минувачите на пешачки премини. Дали зборуваме за оние што паркираат каде што е забрането паркирање, минуваат на црвено и се качуваат по тротоарите и со своите приватни возила, затоа што им се може, бидејќи носат униформа?
    Се имам соочено со такви ситуации неколкупати и од таквото однесување ми се врежало в глава дека за нив законите не важат. Некој наивно, уште дента кога се случи несреќата, спомена одговорност и оставка. Зошто? И кому би поднесувале оставка, кога чаушите не одговараат пред рајата.

    2. Првата вест за несреќата ја емитуваше турската новинска агенција од Анкара. Снимки од местото на настанот имаше турската телевизија. Спасувачи на повредените беа членови на турската делегација и турски новинари. Сите податоци можеа да се добијат од турската амбасада во Скопје.
    За тоа време, македонската полиција смислуваше соопштение, во македонското Министерството за здравство немаше човек задолжен за информирање, бидејќи министерот е на двонеделно патување во Јапонија, во протоколот на македонската Влада не знаеја што ќе се случува со натамошниот тек на посетата, а истражниот судија во македонскиот Суд ги чекаше вештачењата.
    Во трката по информации што ја водевме тој ден, една државна службеничка речиси хистерично ни се развика: “Што правите вие новинарите, поради вас ќе останам без работа!” Среќа за неа што живее во Македонија. Да живееше во Турција, ќе останеше без работа ако не дадеше изјава.

    3. Еден ден откако ги испотепавме Турците на патот Прилеп – Битола, министерствата за внатрешни работи на Македонија и на Турција потпишаа протокол за соработка.

    4. Турците прво нека ни го вратат црешовото топче што ни го запленија во 1903-та, а после нека ни подаруваат авиони. Не можеме тукутака да скокаме во историјата. Треба да нé привикнуваат постепено. Ете, убаво Американците ни подарија хаубици од Втората светска војна. Кога нашите војници ќе постигнат добри резултати во гаѓањето со црешовото топче, како што гаѓаа со американските хаубици на Криволак, дури тогаш ќе можеме да размислуваме за авиони.
    Авионите што ќе ни ги подари Турција ќе бидат компатибилни со другата старудија што ќе ја прибереме во нашата депонија за старо железо. Освен хаубиците што за прв пат се употребувале во Втората светска војна, и транспортерите од арсеналот на бившата Источна Германија, со авионите “Ф-5” ќе бидеме страв и трепет на Балканот. Освен ако не нé престигнат Албанците со високософистицираните “миг 17” .
    И Грците се исплашиле. Знаат дека од Скопскиот аеродром не можеме да полетуваме на север, зашто за помалку од минута авионите влегуваат во српскиот воздушен простор, па им е страв, случајно, полетувајќи на југ, да не им падне некој авион врз Солун.
    Сега не ни останува друго, ќе мора да му дадеме поддршка на НАТО да воведе зона на забранети летови над Косово или да ги бомбардира базите на југословенското воздухопловство. Не за друго, туку за да останат тамошните пилоти без работа. Бидејќи ќе нема кој да пилотира со нашата флота, ќе ги изнајмуваме.

    5. Во рамките на историскиот час, повторно е актуализирана идејата за трамвај во Скопје. Додека сите светски метрополи размислуваат за супербрзи возови и надземни железници на една шина, ние сонуваме за превозно средство од минатото. Со трамвај од 19 век, ќе се доклинкаме во 21 век.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира