1. Ете што ти се вика одлична меѓусоседска соработка. Само што премиерот најави “бум” во странските инвестиции, Бугарите ни испратија барут. Арно ама, барутот го испратија во невреме. Им го фати македонскиот Елиот Нес. Дури и шверцерите ја сакаат новата министерка за внатрешни работи, па самите си наместија успешна акција за да се забележи спектакуларното откритие на столетието уште првиот ден. Веднаш се гледа како државата успешно функционира кога брат Љубе оди во акција, во координација и конспирација со Министерството за внатрешни работи. Полицијата ја апси Армијата.
Всушност, станува збор за континуирана активност на АРМ за воена одбрана на Македонија. Нели Македонија е буре барут на Балканот. И Армијата е загрижена да не направи “бум”. Затоа, штом барутот влезе во државата, Армијата го спроведува до граница и го извезува во Србија. Сега Елиот Нес го демонтира бурето барут на Табановце и направи беља. Наместо да координира со премиерот, тој координирал со министерката. И барутот ни остана дома. Освен буре барут, Македонија е позната и како јаболко на расколот. Ама повеќе не. Откако Бузле има скршени прсти, не може да бере јаболка.
Сега си имаме и јаболка и барут, ама, сепак, сме безбедни. Затоа што “Сувенир” од Самоков нема материјал да прави ракети за огномет. Наместо огномет, за Нова година ќе го пуштат Љубе Бошковски да дава изјави. Позабавно е. Сите телевизии ја повторуваа снимката од Табановце по неколкупати. Ќе профитираат на брат Љубе. Велат дека најголемите фирми решиле да вметнуваат реклами кога е најинтересно. Помеѓу две реченици. Ама, се појавил непремостлив проблем. Никој не може да открие кога на Бошковски му завршува една реченица, а кога почнува нова.
Искрено се надевам дека министерката Доста Димовска нема да му забрани на Бошковски да дава изјави. Како поинаку ќе дознаваме за сите глупости на полицијата.
2. Пред некој ден, во Драмскиот театар во Скопје, на премиера се појави премиерот со сопругата. Телохранителите околу него ги туркаа сите гости што, не дај боже, случајно ќе застанеа во близина на сопружниците Георгиевски или ќе им се најдеа на патот. Небаре луѓето отишле да ги гледаат Љубчо и Снешка, а не претстава.
Не очекував од приучени вратари и локални маалски мангупи да се однесуваат покултурно кога премиерот оди во културна институција. Не верувам дека пред да станат многу важни, некогаш во животот и биле в театар. Ама, има ли некој да им каже каде одат.
Отсега премиерот нека не се грижи за културното ниво на неговата придружба. Не мора да ги води в театар. Театарот си го имаат во МВР.
3. Љубчо состави нова Влада. Најважно е што претседателот Борис Трајковски при составувањето, немал никакви сугестии. Не влијаел врз одлуката на премиерот.
Сега новата влада ќе добие уште 100 дена за ненапаѓање. Тоа е многу добра финта. Љубчо може секои три месеци да прави нова влада и постојано да добива 100 дена. Така ќе си го истера цел мандат, а ќе остане невин.
Виновните ќе одат за амбасадори. Бидејќи Трајковски во предизборната кампања ветуваше професионална дипломатска мрежа, сега премиерот му ја урива концепцијата. Само, сепак, може да биде полезен кога ќе се испраќаат новите амбасадори. Гледам, и со Коен и со Чампи се среќаваше на аеродром. Бидејќи таму е често, не е лошо да му направат и кабинет. Па кога ќе ги испраќа амбасадорите, ќе може да им помогне и околу куферите.
4. Мендух Тачи призна дека постоел некој договор во рамките на коалицијата, ама за него јавноста не смеела да дознае. Штом не е за јавност, значи одлично се договориле.
Тачи уште кажа дека ќе имало уште промени во јавните претпријатија, за да се зацврстела во нив позицијата на ДПА. Не кажа дали по претпријатијата ќе формираат и основни организации на партијата. Ако не им текнало, нека се потрудат. Така позициите на партијата ќе бидат уште позајакнати. Особено кога ќе воведат и партиски казни.
Штом на Тачи му е поважно јавните претпријатија да функционираат за општо добро на ДПА, значи во Западна Македонија нема држава, туку има само партија. Не треба воопшто да се мачат и да прават кадровски промени. Зошто да има смени, кога може да има апсења. Поефикасно е.
5. Чувствувам дека Циле и Милијана Даневска и во новата влада, пак ќе се скараат. Не е Милијана за министер за трговија. Додека беше по развојот, ги шиеше кошулите, а сега како трговка, ќе мора да ги продава. А што се кошули во однос на она што може да го продаде Циле. Тупурковски требаше да биде министер за трговија. Го бидува повеќе од Милијана. Тој знае да си ги продаде и луѓето од партијата.
Пратеникот Радомир Карангелески рече дека во новата влада ДА го презема најтешкиот дел од работата. Ако мислеше на образованието, тогаш е во право. Со деца најтешко се излегува на крај.
Љубчо рече: “Не учиме!” и Циле си замина на зимски распуст. Што ќе останува тука. Може нешто ќе го прашаа, а тој ќе мораше да каже. Па после ќе го критикуваа дека ги менувал изјавите и ставовите. Вака, во Америка никој ништо не го прашува. Башка, сега ќе му ја испратат и Радмила Кипријанова, па ќе можат заедно во Вашингтон да формираат задграничен комитет на ДА.
Со оваа влада, Циле конечно го направи историскиот договор за кој толку години зборуваше. Го потпиша и има шанси да си замине во историјата.