1 Најсрдечно го поканувам премиерот Никола Груевски да ми дојде на гости. Живеам во центарот на Скопје. Кога ќе излезе од кола, за да влезе во мојот влез нема шанси да не се сопне од дупките пред зградата. Тој е последната надеж за мене и за моите соседи веќе другиот ден да ни ја асфалтираат улицата. Со себап, може и светло ќе ни пуштат и ѓубрето ќе ни го изметат.
Кога Груевски се сопна од последното скалило на отворањето на лифтот на Крстот на Водно се дигна на нозе цела експертска јавност. Познат и признат архитект во свои шеесетти години стручно објаснуваше дека кошулката на подлогата од скалилото била некој сантиметар поголема, дека не е премиерот несмасен, туку скалилото не чинело… А и главниот од Фондацијата за Крстот го правдаше премиерот оти се сопнал, затоа што пред него паднало и едно детенце. Како да му требало оправдание за сопнувањето. Можеби рејтингот ќе му паднеше.
Вчера требаше да ги кршат скалите што го сопнаа премиерот. Мора еднаш да се стави ред во оваа држава. Нема тука 17 сантиметри, 18 сантиметри… Нема ваква бетонска подлога, онаква кошулка… Сите скалила мора да се по пропис. Оти Груевски не е обичен човек. Тој не смее ни да се сопне.
Проблемот на Груевски е што не внимавал каде гази кога се качувал на Крстот.
Во Ерусалим, на Голгота, каде што бил распнат Исус, мора да се качуваш по скали. Ама, таму скалите се сите со различна височина и нееднакви. Тоа е така за кога ќе се качуваш угоре, да мора да гледаш удолу. Оти горе е Господ.
2 Тоа што ќе ги кршат скалите не е нешто ново во ефикасноста на комуналните служби. Пред десетина години кога Бранко како премиер со колата на сопругата удри во една бандера во Скопје, бандерата веднаш беше тргната. Да не пречи во водењето на државата.
3 Кога сме веќе кај Бранко, Владата забележа едно значајно остварување. Успеа на Претседателот да му го дигне рејтингот од 4 на 9 отсто.
4 Не е голем проблем кога газда ќе смени главен уредник на весник што го поседува. Ама голем преседан и катастрофа за слободата на сите медиуми е кога газдата го сменил уредникот затоа што неговите ставови не биле исти со ставовите на Владата. А уште пострашно е што, иако газдата тоа јавно го изјави, а уредникот го потврди, не се најде никој, а особено не професионалното здружение на новинари да реагира.
Тоа што му се случи на колегата Бранко Героски може да му се случи на секој што го заборава основното професионално правило: Кога својата професија ќе ја ставиш во служба на тесните интереси на својот газда, когатогаш ќе те фрлат како искористено марамче.
Десетина видни македонски новинари се нашле во положба да бидат марамчиња на Велија. Се почна со Гордана Стошиќ која со своите врски со Сорос му купи предаватели и пилиња. Ацо Кабранов му направи најгледани вести. Герман Филков и Сабина Факиќ ги воведоа бизнис вестите во македонскиот етер. Александар Чомовски кој воведе стандард за ТВ интервјуа и отворени програми, од главна ѕвезда беше тргнат оти не бил многу убав и не догледувал. Александар Дамовски кој го покрена “Време”, на крајот се доведе во ситуација со дваесетина новинари да бега во “Нова Македонија” при што сите јавно признаа дека газдата со години не им плаќал придонеси.
Сега дојде редот и на Героски. Помина времето кога му требаше на газдата да го фали затоа што со нелојална конкуренција го уништува медиумскиот бизнис во Македонија.
Ги слушав на телевизија изјавите и на Бранко и на Велија. И двајцата тврдат дека Велија го сменил.
Од каде пак сега Велија излезе газда и на “Шпиц”? Нели според закон не смее ист газда да има и телевизија и весници?
Лани во декември кога пукна бруката со неплатените придонеси на колегите од “Време” се откри дека и тие од “Шпиц” имале ист газда. Според централниот регистар, тогаш газдарица на двата весника била извесна Ѓултен Џемаили. Таа ја презела компанијата од синот на Велија во мај лани.
Затоа, колега Бранко, не грижи се. Слободно чувствувај се како главен уредник на “Шпиц”.
Според законот, Велија не ни може да те смени. Те менува газдата. Тебе требало да те смени Ѓултен.
Лани Велија се фалеше дека имал големо влијание во весниците, иако не е газда.
Среќа што нема толкаво влијание и во Владата.
5 Во секој бизнис во Македонија има по некој Велија кој, за среќа, нема толкаво влијание и во Владата.
Може Собранието да донесе и уште 100 закони за два дена. Ама џабе фалењето пред Европа, ако законите важат за едни, а за други не.
6 Еден мој пријател, Швајцарец, кој со години живее во Македонија беше гостин на телевизија на 8 Септември. Истиот ден кога Груевски го одржа говорот во кој повика на обединување за Македонија.
Кога го прашаа швајцарскиот Македонец за коментар по повод празникот, тој рече: “Денес славиме Ден на независност. Од утре пак неизвесност.