1. Ицко од Булачани има погрешен прекар. Поштар. Поштарот не ти врши работа ако те брка полиција. Да се викаше Поштарот Џејми Шеј, како што му е прекарот на еден командант на ОНА од потерницата на МВР, полицијата немаше да тргне да го апси. Ќе си ја чекаше Жане Лупевска во влечки дома и ќе даваше интервју дека е амнестиран.
Булачанци станаа во одбрана на нивниот поштар. Тоа значи дека Македонците научиле нешто од Албанците. Штом полицијата ќе тргне да ги апси локалните криминалци, селаните прават барикади. На помош се повикува и рамковниот договор, и партиите, па ако треба и меѓународната заедница. Ако мораше министерот за внатрешни работи да преговара со Арачиновци да му ги предадат Чакала и Бреза, тогаш нормално е да преговара и со Булачанци да не им го вознемирува Поштарот. Ако претседателот Трајковски ги амнестира Чакала и Бреза како борци за човекови права, тогаш ќе мора да го амнестира и Поштарот како борец за одбрана на татковината.
И така ние најдоцна до февруари ќе поднесеме апликација за членство во Европската унија. Затоа што во Еу ни бараат да си го обезбедиме владеењето на правото на цела територија и воедно да го почитуваме рамковниот договор. Така и правиме. Полицијата оди да апси за да обезбеди почитување на правото. Претседателот амнестира за да обезбеди почитување на рамковниот договор. А тоа што криминалците се на слобода е колатерална штета на патот кон ЕУ.
Сега претседателот ќе ја разгледува молбата за амнестија на Поштарот. Писмото што селаните од Булачани му го дадоа на Хари, треба да заврши кај Борис. Хари му е поштар на поштарот.
Му се препорачува на Ицко да си го смени прекарот. Поштарот не им значи ништо на странците. Бидејќи веќе има еден Џејми Шеј, Ицко би можел да се прекрсти во Џорџ Робертсон. Или, барем во Поштарот Џорџ. Така ќе предизвика почит кај претставниците на меѓународната заедница. Но, уште повеќе кај претседателот. Да се вика Ицко – Џорџ, неговите соселани воопшто не треба да пишуваат писмо до претседателот. Не треба ни да моли за амнестија. Кога е во прашање Џорџ Роберстон, Борис сам ќе му се јави. “Еј Џорџ, Ицко ли е таму?”
2. Премиерот Бранко Црвенковски се пофали дека е подобар од ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека за разлика од порано кога полицијата бегала од криминалците, сега криминалците бегаат од полицијата.
А пак, за разлика од Бранко кој вели: “Криминалците бегаат од полицијата!”, вистината е: “Криминалците и бегаат на полицијата”. Тоа е драстична разлика. И не е за фалење.
3. Новиот претседател на Собранието Љупчо Јордановски на Комисијата за именување самиот си се предложи за функцијата и сам си ја прочита биографијата во трето лице еднина. Толку не го бива за зборување. Дури и кога е роден и што завршил мораше да чита како што му напишал некој друг. Откако успешно си се прочита, самиот си се гласаше.
Да не мислел Љупчо дека тој е некој друг? За себе нема мислење, ама полн беше со зборови за неговиот претходник Никола Поповски. Рече дека ќе бил презадоволен ако биде приближно добар како него, па дури и еден метар подолу од неговото ниво.
Ете ги кадрите на Бранко. Поповски го стави за министер за финансии одти бил к не. Љупчо го стави претседател на Собранието оти бил под нивото.
4. Со новите лични карти ќе сме можеле да ја минуваме и границата. До сега со пасошите секаде патувавме, а сега и со личните карти ќе се изнапатуваме. Сакаш во Албанија, сакаш во Косово. Барем додека не станат членки на ЕУ.
5. Директорот на слободните економски зони, некојси Шатку, го разрешиле поради незадоволителни резултати во работењето. Шатку не доаѓал на работа цела година. А Бранко ни се испофали дека в година економскиот раст ќе го направи со слободните економски зони. Ај што Шатку не му верувал на Бранко и не гледал потреба да доаѓа на работа. Ама како Бранко дури по една година дознал дека директорот му го нема. Толку го интересирале слободните зони.
Башка, кој вели дека Шатку не си развива слободни зони. Видете го Арачиново, Липково, Тетовско…Не се плаќа струја, не се плаќа вода, не се плаќаат даноци, а бизнисот си врви. Послободна економска зона – здравје.