1 Зградата на Владата ќе добие нова фасада за 18 месеци. Распишаа конкурс и рекоа дека тоа ќе биде реставрација. Ама кога ги прикажаа проектите за реставрација, сфативме дека тие не знаат што е реставрација. Во нивната глава реставрација е да се урне с, и да се изгради одново.
При жив автор на наградуван објект граѓаните ќе гласаат на Интернет каков лик треба да има зградата на Владата. Дали ќе биде неокласицизам, барок, модерна, постмодерна, футуризам или идиотизам.
Сите знаеме како се клика на Интернет и како божем компјутерот сам решава дали фасадата ќе бидер барок или неокласицизам. Или ќе си остане таква каква што ја смислил авторот.
Впрочем и ние во “Вест” пред Нова година со кликање на Интернет избиравме женско газе на годината. Само што тоа го правевме за забава. Ама ова што го прави Владата веќе не е забавно. Туку е болно. Затоа што ова веќе не е мајтап со барокот. Ова е силување и уништување на културното богатство.
Уште од почетокот на проектот “Скопје 2014” сметав дека тоа е прашање на вкус. Ако досега сум се смеел на Триумфалната капија и сум ја сфаќал како објект од тематски парк во Дизниленд или реплика во Лас Вегас, намената исклучиво за привлекување туристи, ова со зградата на Владата веќе не е смешно. Наивно верував дека и “Скопје 2014” нема врска со идеологија туку станува збор за несовпаѓање на вкусовите. Изградија нови објекти. Добро. На крајот на краиштата, ни барокот ни неокласицизмот не се неминовно грди. Но кога ги видов решенијата за реставрација на зграда на награден објект од модерната, јасно е дека не станува збор за разлики во вкусовите. Ова веќе е чиста идеологија. Која порачува: “Времето почнува од мене. И подобро ви е да се согласите со тој факт. Оти во мене е силата”.
Впрочем, и премиерот Никола Груевски, кога ја објаснува македонската позиција во однос на ЕУ и на Грција, самиот кажува дека кај што има сила, нема правдина.
2 Ако не бев доволно јасен со изборот на газето и со мешањето на термините реставрација и новоградба, ќе ви дадам уште попластичен пример. Замислете музејот “Лувр” во Париз да реши да ја реставрира “Мона Лиза” на Леонардо да Винчи, и да распише конкурс за проекти за реставрација. Потоа на нивната веб страница ќе ги даде петте најуспешни проекти за реставрација. На едниот проект Мона Лиза е нашминкана. На другиот има модар подлив под окото. На третиот е со мустаќи. На четвртиот има голи гради. И на петтиот проект е истрижана ќелава.
Ќе кликаат граѓаните и, според кликовите на веб страницата, ќе ја изберат Мона Лиза со голи гради. Или со мустаци. И така РЕСТАВРИРАНА Мона Лиза со мустаци и со голи гради отсега натаму ќе биде изложена во “Лувр”. Како “Мона Лиза” од Леонардо да Винчи.
Цела среќа што ваква реставрација во Франција нема никогаш да помине. Дури и да му текне на Саркози. Иако Леонардо одамна е мртов.
3 Архитектите, урбанистите и врвните интелектуалци молчат. Исто како што молчеа кога главниот град остана без тротоари. Кога дивоградбите со по дватри потпокрива го уништија квалитетот на живот во сите маала. Кога парковите се уништуваат со катни гаражи за деловен простор и супермаркети.
Ниту едно протестно писмо не напишаа. А не дај боже да ги прашаш за изјава за весник. Сите ќе ти речат: “Немој со име да ме споменуваш”.
4 Искрено кажано, не се загрижив многу затоа што лондонскиот магазин “Економист” ја стави Македонија на првото место според индексот на беда. Зар “Економист” треба да ни го каже тоа што и самите го знаеме? И сега треба да ни биде полесно откако и “Економист” тоа ни го потврди? Да. Сиромашни сме. И имаме многу невработени. Свесни сме и дека најголемиот број што се вработени и редовно примаат какватаква плата, се државните службеници и пензионерите. Што ти доаѓа како претурање од шупливо во празно.
Многу повеќе од првото место на списокот на бедните ме загрижи што е мерилото за правење на таа табела. Објаснето е дека невработеноста и инфлацијата го даваат индексот на безнадежност. Значи, бедна е онаа земја што има висок индекс на безнадежност.
Портпаролот на Владата објасни дека невработеноста е од времето на лошата транзиција и приватизација. Што значи дека иако ја ситнат веќе шестата година откако се на власт, ним пак Бранко им е крив. Исто како што пред тоа Бранко се жалеше на Љубчо.
Постојано некој некому му е виновен. А ние бесперспективно чекаме во ходникот. Е токму тоа е вистинската причина за очај. Затоа што додека Бранко и Никола си го мерат индексот кој е повеќе виновен, индексот на безнадежност расте.
Секогаш кога Македонија е лидер во нешто, Владата снима реклама, а министрите не се симнуваат од екраните. Баш ме интересира како би изгледала владина реклама “Македонија, лидер во безнадежност”. Македонија е вечна. Затоа што надежта последна умира.
5 Пратеничката група на ДПА се закани дека ќе направи с што е во нејзина моќ секој иден попис на населението во Македонија да пропадне. Пратеникот Имер Алиу рече: “Ви ветувам од ДПА, ниеден попис отсега и во иднина нема да може да се реализира во Македонија. ДПА ќе се погрижи да пропадне секој следен попис, уште повеќе што сега имаме алиби и политичко и морално право да го оспоруваме секој друг процес кој ќе се обиде да се спроведе во Македонија”.
Па што не кажаа порано. Да не арчевме џабе 14 милиони евра во оваа немаштија и безнадежност.
Не е толку страшно што пратеник од собраниска говорница се закани дека ќе го урива поредокот во државата. Пострашно е што сите други пратеници му одмолчаа.
Ако веќе во Македонија не смее да се прави попис на население, најдобро е овие од ДПА да направат барем попис што с не смее да се прави без нив. Или полесно ќе биде да се направи попис што с смее да се прави.
Дали смее законот за Албанците приврзаници на ДПА да важи исто како и за Македонците.
6 Конечно, воздухот во Скопје е чист.
Падна веб страницата која го мереше индексот на загадувањето. И на мерната станица ништо не пишува.