1. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ се проветрува и се освежува. Штом ги отвориле сите врати и прозорци, изгледа дека внатре многу смрдело.
Поминаа времињата кога можевме да ја замислуваме идната Влада на Република Македонија, во која како министер за надворешни работи би седела Доста Димовска, а министер за внатрешни работи би бил Борис Змејковски? Замислете си ја македонската шефица на дипломатијата, стокмена со свежо направени локни на фризурата, како во охридската вила “Билјана” го средува јазичниот спор со нејзината колешка од Бугарија Надежда, а строгиот министер за внатрешни работи, кој секогаш бил за ред и дисциплина, лично командува со акцијата на раздвојувањето на нашиот и нивниот народ, кои се собрале во Охрид – “колевката на б’лгарштината”. Сега, откако се скараа, не верувам дека во иднина би можеле да функционираат заедно. Не знам како тоа би се одразило на обичниот граѓанин, ама сигурен сум дека новинарите ќе останат без многу интересна тема за следење. Ќе признаете, ќе беше многу забавно ако имавме шеф на дипломатијата кој министерот за внатрешни работи го обвинува за бугараштво, а овој пак, го обвинува првиот полицаец за крадење.
Кога се прави провев, никогаш не се знае од каде дува. Таму ти имало и бугараши и србомани и интелектуалци и рурални типови, а богами и полицајци и шпиони. Пред реконструкцијата на Владата и владејачката партија беше потресена со поделбите на “сељаци” и “граџани”, крадци и чесни, луѓе што навалуваат кон Белград и чисти Македонци.. . Така што, сега кога во двете најголеми партии во Македонија ќе се издуваат, ќе можат и да излезат подготвени на избори.
Претседателот Глигоров веќе прогнозираше дека на следните избори ниту една партија нема да може сама да состави Влада. Дали најортодоксните гласачи на СДСМ би му простиле на Бранко, ако по изборите се обиде да составува влада со ВМРО-ДПМНЕ? Не! Дали најзакоравените ВМРО-вци би му простиле на Љубчо, ако воопшто и прави муабет со СДСМ? Не! А зошто – не, ако на гласачите им се објасни дека ова ВМРО е проветрено, освежено и исчистено од бугарштината, а СДСМ се ослободило од крадците!?
2. При толку силен провев и освежување, нормално е што има и толку нездрави. Знамегазачот од Мечкин камен прво призна дека бидејќи бил пијан не бил свесен што прави, а сега со оглас во весници бара правна помош. Неговите од ВМРО-ДПМНЕ се прават луди, сосема го отпишаа и не му даваат пари ни барем за една пристојна одбрана. Драчевчанката Сребра што со “течност” го испрскала претседателот била болна и не се појави на судење. Градоначалникот на Гостивар Руфи Османи не бил во психофизичка состојба да се брани.
Добро, има ли некој здрав? Луѓево или се пијани, или настинати.. . Провевот ли е виновен што живееме во нездрава средина. Не верувам. Зашто, ако затвориш врата ќе биде уште полошо. Дури тогаш смрди – не се трпи.
3. Заврши расправата во Собранието за јулските настани во Гостивар. Сега допрва ќе се формира и Анкетна комисија, можеби некој полицаец ќе биде суспендиран, а до тогаш можеби и ќе ги земе под свое Елизабет Рен и ќе испрати некого на школување во странство да научи како се тепа по западни демократски методи. Можеби и министерот Томислав Чокревски на коалициониот партнер ПДП ќе му каже јавно која политичка партија работела на уривањето на државата, кој правел парадржавни органи.. . До тогаш којзнае што уште ќе ни се случи.
И премиерот Бранко Црвенковски од толку проблеми што го навјасаа не успеа да најде време да ни го покаже октоподот што се силеше дека ќе го фати уште во април. Му се случи реконструкција на Владата и расправа во неговата партија, па му се случи Гостивар, па разговори за изборните модели, па Мечкин камен, па пропаѓањето на преговорите со “Ауди”, па “освежувањето” во ВМРО-ДПМНЕ.. . Кој ли сега да размислува на Соња, на Силјан, на промашените приватизации, ограбени штедачи, афери со рекетари. Иоанака доволен број граѓани на Македонија отидоа до некое море во соседството и на тамошните трпези имаа прилика да видат како изгледа октопод. Такви животинчиња има само кај нив. Кај нас можат да се најдат во неколку полуксузни продавници. Во Македонија октоподот е – замрзнат.
4. На Британците им е потребно да пронајдат виновник за смртта на својата принцеза Дајана. Треба да се разберат луѓето. По предавањето на Хонг Конг на Кинезите, од монархијата им останаа само неколкуте стада овци на Фокландите и островот Монсерат кој ќе им го уништи вулкан, па глупаво е народната миленичка и мајка на идниот крал да им загине како припадничка на џет сетот, заедно со љубовникот во автомобил што го возел пијан возач, половина час по полноќ со 180 километри на час среде град, или скраја да е, да ја отепала тајната служба. Затоа, виновни се новинарите и таблоидите.
Којзнае дали во Македонија се исплатува да се печати таблоид. Еве, на пример сите знаеме кој бил на одмор во Портокарас во Грција, а кој во Варна во Бугарија. Како јавноста тука би ги примила фотографиите на сопругите на политичарите во костими за капење. Нека види народот како стојат пластични влечки, со чорапи, во комбинација со штофани панталони за на плажа. Или, колку им се испукани петиците на дамите. Знаат ли дека еден дел од тие што ни ја ни ја водат државата со ги чистат забите со нокти по јадењето.. . Можат да се “ловат” и во кафулињата низ Скопје, со интересни фаци од естрадата, со службени возила што одвреме навреме ги удираат, по бутиците да видиме кој ги облекува…
Македонија е целата таблоид затоа што кај нас ионака традиционален квалитет ни е да знаеме сé за приватниот живот на другите. Од светот не заостануваме затоа што и кај нас новинарите се дежурни виновници, дури и кога ќе направат разговор со некого да го претстават, а тој испаднал глупав. Единствено ни фалат принцези. А и единствената војвотка што ја имавме, моментално е во фаза на проветрување.