1 Многу сакам да верувам во сопствената држава. Без разлика кој во моментов ја претставува. И баш ми е гајле дали терористите, или криминалците ги лови Гордана Јанкуловска од ВМРО-ДПМНЕ, или некоја нејзина колешка или колега од СДСМ. И многу сакам да верувам во полицијата. Да сум сигурен дека е способна да спречи терористички акт, или ако веќе се случи, бидејќи и многу посилни полиции не успеале с да предвидат, барем да ги најде виновниците. И многу сакам да верувам во судството. Без разлика дали мнозинството што ги избира судиите е од ВМРО-ДПМНЕ, или од СДСМ. И да сум сигурен дека правдата ќе биде задоволена. За памет. За да не остане сомнеж дека може пак лесно да се повтори.
А верувам ли?
2 Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во вчерашното интервју за “Дневник” рече дека терористите “брутално н потсетија на што треба да бидеме подговени”. Таа не мисли дека ова е нова ера, туку “најбрутално потсетување во какво време живееме”.
Зарем власта заборави во какво време живееме? Зарем опиени од рејтинзите, омразата кон опозицијата, понижувањето на новинарите, игнорирањето на вистинските проблеми, купувањето тендерски мир со ДУИ и тврдоглавото трошење пари за самопромоција за да ни докажат колку се успешни, заборавија дека Македонија не е изолиран остров безбеден од тероризам?
Факт е дека има пет жртви, убиени без причина и барем засега без мотив. Факт е дека има пет осомничени со кривични пријави за тероризам од кои двајца се во бегство. Факт е дека Македонија изгуби невиност и од сега, па натаму министерката, па и кој било што би ја наследил, не ќе може да се правда дека “брутално н потсетија на што треба да бидеме подготвени”.
Ама ми е страв дека и оваа лекција нема да ја совладаме.
3 Како што со “Скопје 2014” се занимававме со неважни прашања, дали нешто е убаво или не, колку е кич, а колку е напредно, а никој не постави прашање, зошто толку пари се потрошени и зошто баш сега, така и со убиството на петтемина си ловиме грешки или лапсуси на министерката, броиме дали биле исламски радикали, или обични радикали, дали се платеници или верници, кој е нарачател, дали процесите се монтирани или не, дали излегле 1.000 Албанци на протест или не…
А всушност има две главни прашања: Дали повикувањето на исламски радикализам е само покритие на полицијата за дилетантизмот што го направи партизацијата во службите? Или навистина теророт е злостор на исламски радикали? Што и да е, и едното и другото е страшно.
И нема разлика. Ако денеска е исламски радикализам, утре може да биде некој друг радикализам. Едно е јасно. Македонија е жртва на терористички напад. Со тероризмот нема шега. Без разлика дали е Бин Ладен или Андерс Брејвик.
4 Сега сите се чудат и на воздржаноста на Американската амбасада. Зошто? Затоа што меѓу уапсените има Албанци, а тие по дефиниција им се пријатели? (Освен оној радикал од Дебар што пукаше во НАТО автобус на аеродромот во Франкфурт). Или затоа што чекаат да видат како судовите ќе се справат со оваа ситуација? Како и во секоја нормална држава. Полицијта има сомневања и апси, а судот одлучува кој е крив.
А ние? Дали ние имаме доверба во судството?
Е затоа веќе 21 година, пишувајќи ја оваа колумна самиот на себеси си здосадив кога упорно инсистирам на тоа дека е страшна поделбата на “наши” и “ваши”. Затоа што 21 година и нашите и вашите мислат само на партијата, а ние будалите сме им дале да водат држава. Во која ете, како и во многу понапредни држави од нашата се случува и тероризам. И каде се сега ДПА и ДУИ, редовните коалициони партнери на која било влада да се појават и да ме убедат дека се споспобни да ја водат државата без да н делат на уште едни “наши” и “ваши”? Или, наоѓањето цел арсенал оружје во визба на Албанец е нормална работа оти му треба за пукање на свадба? Па кога полиција ги прашува од каде ти е оружјето, тие велат: “Се чудам”. А полицијата не смее да влезе во подрум за да не се зачуди уште повеќе.
Е таква ни е државата. Ама јас верувам во полицијата. И верувам во судството. Соголени сме пред најголемото зло на светот и немам кому друг да верувам. Белким по ова и едните и другите ќе сфатат дека нема веќе “наши” и “ваши”. Сите сме наши и сите сме соочени со иста опасност.
П. С. Им благодарам на ВМРО-ДПМНЕ за честитката по повод 3 Мај-Светскиот ден на медиумите.
Особено го ценам оној дел каде што велат дека “за ВМРО-ДПМНЕ слободата и професионалната работа на медиумите е еден од фундаментите на демократскиот развој на едно општество”.
Ќе го имам тоа на ум кога следниот пат некој од нивните агитпропи ќе ми испрати СМС на мобилниот да ме предупредат дека според пишувањата во оваа колумна тие анализирале дека не сум “нивен”. Па уште и се јавуваат на повисоко ниво да ме смиреле, синким можат умот да ти го сменат.
Се надевам дека веќе нема да имаат време за јавувања. Имаат многу посериозна работа. Сме им дале држава за водење.