1. Љубчо Георгиевски се прослави во 1990 година во Прохор Пчињски кога го натепаа српските џандари. Кога се врати во Скопје, гордо ни ги покажуваше модринките, позирајќи пред гробот на Гоце Делчев. И – стана славен.
Сега и Никола Поповски има шанса да се прослави. Ако сака в година да биде кандидат за претседател на државата, не е лошо и тој да изеде ќотек. Зошто ќотекот од Прохор Пчински им помага на македонските политичари да влезат во историјата.
Поповски нема шанси да добие ќотек од српската полиција. Ама не е исклучено да го натепаат српските попови. Така тој и во стварност ќе ја потврди изреката дека ќотекот е излезен од рајот.
2. До вчера власта се надеваше дека за стогодишнината од Илинден ќе положи цвеќе на спомен плочата на АСНОМ во Србија. Оваа година се падна и стогодишнината од смртта на идеологот на Илинденското востание Гоце Делчев. Зошто никому не му текна за стогодишнината од смртта на Гоце да оди да положи цвеќе на местото каде што беше убиен, во Баница. Затоа што Грците ни се помали пријатели од Србите?
3. Море да си ја земе Никола Поповски со себе Ганка. Таа ќе ги среди поповите, ќе ги построи, има “сус” да стојат. Само да не го земе мегафонот в рака. Гледај сега како го строи Хари Костов. Го кани на ноќно кино, а тој не и прифаќа.
Ганка и Хари ќе ги гледаат лентите од протестот на избрканите ЕСМовци пред Собранието. Треба да ја усогласат монтажата. На бившата министерка за култура не и се допаѓа тоа што министерот за внатрешни ја исфрлил нејзината улога.
Ганка го смени филмот. Како власт ја гледавме во балски фустани, а како опозиција го зеде мегафонот в раце. Од сапунски опери влезе во акциони филмови. Од “Династија” премина во “Чарлиевите ангели”. Со таков ангел и Никола Груевски може Чарли да биде.
4. Црешовото топче по 100 години се врати во државава и беше поставено во Музејот на Македонија. Ама, Бранко не отиде да го види. Тој дента си имаше попаметна работа. Отиде во “Александар палас”, на промоција кај Трифун Костовски.
Премиерот рече дека во 2004 година ќе се занимавал со економија. Размислува пресметано. Турците топчето го осигурале на 800 илјади евра. Со проста математика Бранко меѓу Трифун и топчето си пресметал дека повеќе ќе му се исплати да оди кај Трифун. Повеќе вреди. А и помлад е.
5. Министерката за надворешни работи Илинка Митрева ќе ни носи туристи за Олимпијадата. Таа во Јапонија со нејзината колешка разговарала за бројните јапонски туристи што в година ќе ја посетувале Грција, па како што беше соопштено, јапонската влада ќе им дадела препорака да ја посетат Македонија.
Со благослов на Владата Јапонците ќе нагрнат кај нас. В година ќе имаме јапонска инвазија. Патот од Табановце до Богородица ќе се жолтее од јапонски туристи. На цел потег нема ниту еден пристоен клозет.
Ама, работата веќе оди кон подобро. Од светкањето на јапонските блицеви на фотоапаратите ќе и светне и на власта. Ете, таа веќе има идеја на патниот правец кон грчката граница да подели микролокации за да можат туристите што в година ќе одат на Олимпијадата во Атина, да потрошат некој денар и кај нас.
Никому до сега не му текна дека в година ќе има Олимпијада во Атина, а се знае од пред осум години.
Туку, да не се збунила Илинка? Да не ги носи таа Јапонците во Пекинг. Таму ќе има Олимпијада во 2008. До тогаш можеби некој клозет на микролокација крај патот и кај нас ќе се изгради.
6. Премиерот Црвенковски повторно се сретна со претседателот на Синдикатот Ванчо Муратовски.
Владата му одобри на Синдикатот 2,5 милиони денари, а Синдикатот се уште не сака да и плати на државата данок во вредност од 9 милиони денари. Така што, Муратовски ни зел од нашите заеднички пари повеќе од 11 милиони денари.
Дали Бранко на последната средба го праша Муратовски, кога мисли да ни врати барем дел од парите што ги стекнал издавајќи го имотот на ССМ под наем? Или, тоа е цената на мирот што мора да се плати од државниот буџет. За да му седи мадро Муратовски на Црвенковски, ќе плаќаме сите.