1 Што е оваа врева околу споменикот на српскиот цар Душан што се појави во Скопје? А зошто да не се појави? Зошто Хасан Приштина да може да има споменик, а цар Душан да нема? Како може на еден крај од градот да го имаме Ѓорче Петров на коњ, а на другиот крај Тодор Александров на коњ? Што сe не видовме од споменици тука, толку лавови, коњи и магариња има, па сега цар Душан бил проблем. Па и Србите во Македонија треба ли да гласаат?
На српскиот цар Душан му се случи истото чудо како што му се случи на бугарскиот министер за надворешни работи Симеон Радев. И за министерот, кој во 1913 година го потпишал Букурешкиот договор, никој не знаеше како се качил на терасата на новото Министерство за надворешни работи. И кој му помогнал да се качи. Па после го тргнаа и го симнаа во депото на Музејот на македонската борба. Зошто во депо? Оти не е од восок. Нека стои, може ќе се најде.
А можеби спомениците навистина сами си се поставуваат низ Скопје. Видел цар Душан дека тука е рајот за споменици и решил самиот да си се нарача, самиот да си се излее и самиот да си се смести. На постамент кој, очигледно, бил празен. Па самиот си го изгравирал и името на плочка за да се знае кој е.
Уште едно чудо се случува во Македонија. Споменици се вселуваат, а луѓето се отселуваат.
2 А со Тито што правиме? За него се знае кој го поставил, ама не се знае кој е овластен да го тргне. Кога можеа сите што биле окупатори да добијат споменици, зошто па и Тито да нема. Ако ништо друго, тој барем бил единствен претставник од Македонија во Јајце на 29 ноември 1943.
3 Патем, да не го видел некој генерал Пиколомини како се распрашува за слободен постамент? Неговото име е неразделно врзано за историјата на Скопје. Го запалил градот во 1689 година за да ја запре епидемијата на колера. Сигурно му е некој далечен претходник на министерот Никола Тодоров. Пробал со драстична мерка да го подобри здравството. Плус и австрискиот генерал, во некоја рака му доаѓа како преродбеник. Да не го изгорел градот до темел, немало да има нови градби.
4 Животот доби нова смисла. Се роди нова надеж. Покрај самитот на ЕУ. имаме уште еден судбоносен датум за чекање. 30 декември. Тогаш ќе се влечат првите награди на играта на среќа за собирање фискални сметки. Министерот за финансии Зоран Ставрески порача: “Наполнете ги рацете со фискални”.
Досега, во вторник и петок во Скопје од пензионери не можеше да се влезе во автобус. Или во амбуланта и аптека. А од 1 декември веќе не може да се влезе ни во пилјара. На пензионерите дополнително ќе им се промени квалитетот на животот. Наместо да седат дома и да се секираат ако им се невработени децата, или се стечајци, или се кукавици што избегале во странство и не се осмелиле да отворат свој бизнис, тие сега за сенешто ќе излегуваат и ќе си купуваат по едно парче. Еден леб, една фискална. Едно млеко, втора фискална. А од аптека со полна рака фискални можат да излезат. Треба да си будала сe одеднаш да купиш. Повеќе артикли на една сметка ти ја намалуваат шансата за добивка. Имаш три внучиња, ќе си купиш три лижавчиња. Три пати по едно. И децата среќни, и три сметки во рака, и денот исполнет. Три во едно.
5 Претседателот на Европската комисија Баросо рече дека Русија не може да става вето на договорот на Украина за соработка со ЕУ . Па Русија не стави вето. Украина не го потпиша договорот за асоцијација со ЕУ заради добрососедски односи. И нема што во Брисел да се лутат. Нели за приближување кон ЕУ се најважни баш добрососедските односи. Освен кога на ЕУ не и` се важни.
6 Ќерка ми учи во петто одделение и пред некој ден побара помош да напише домашна задача на тема: “Јас министерот”. Мислев дека не ја разбрав добро и побарав да видам што пишува во учебникот. И, навистина, таму напишале: “Замисли дека си пратеник, министер или судија. Раскажи некоја случка од твоето работно место или што работиш. Насловот на твојот состав може да биде: Јас во Парламентот, Јас во судот, Јас во Владата…
Си помислив, децава учат основи на општеството, па им кажуваат за основите на демократијата и за поделбата на законодавна, извршна и на судска власт. Па уште се занесов и почнав да и` раскажувам дека има и четврта власт – медиумите, како коректив на другите три. А ќерка ми бледо ме гледа и не знае дали да ми верува. Кога ја вртам насловната страница, учебникот не бил по општество туку по македонски јазик. Па мудро ја советував, кога веќе мора да избира меѓу трите професии, да избере судија. Ако ништо друго, сакала не сакала, ќе мора да учи во животот. Па белки нешто и ќе и` остане во главата. А за другово и не мора. Ако те избере народ и ако те сака партијата, може и неписмен да се снајдеш во животот.
После ваква лекција, мене ми се отворија очите. Веќе не се чудам кој сe не се нашол на пратеничка листа и како од дете одеднаш се станува министер. Па тие од петто одделение веќе си ја знаат работата.
7 Децата на школо учат што ќе работат ако станат министри. Преку телевизија учат дека треба да бараат фискални сметки. А кај кого доаѓа инспекторот, ќе научат кога ќе почнат да ги работат дуќаните кои ги добиле на наградната игра со фискалните.
8 Германската фирма која го изгуби тендерот за депонијата Дрисла се закани дека ќе го тужи Градот Скопје и ќе бара отштета од 80 милиони евра. Навистина, ние правиме многу ѓубре, ама буџетот на Скопје е само 54 милиони евра. Како ќе наплатат ако добијат? Ако испратат извршител да наплати, што ќе им дадеме. Ќе мора и нас и спомениците, сосе загадениот воздух да нe соберат. Па кога ќе видат кого треба да земат, ќе се откажат од тужбата.