ЈОНЧЕ ДИГИТРОНЧЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:186:"ВоАмстердампроституткитесегледаатнаизлози,акајнасгидаваатнателевизијаводиректенпренос

    1. Македонскиот политички систем наскоро ќе се изучува на сите позначајни универзитети во светот. Единствен пример сме како најголем удар на парламентарната демократија може да биде самиот парламент.
    Парламентот во Македонија е трговско друштво. Ама не е друштво со ограничена одговорност. Тоа е дружина на луѓе со неограничена неодговорност и неограничени можности за правење пари за себе.
    Пратениците во Собранието веќе не одат на седница само со мобилки, туку и со дигитрончиња. За да можат во секој момент да видат колку вредат. И да пресметаат колку добиваат при преминот од една партија во друга. Па кога одат на преговори, не разговараат за идеолошки, туку за курсни разлики. Наместо на консултации во базата, излегуваат и набрзина пресметуваат на дигитрончето колку вредат нивните два прста.
    Пратеничката функција е многу угледна работа и носи сериозни обврски. Народните избраници не се некои шалабајзери, па тукутака, непромислено и непресметано да менуваат бои. Сите зборуваат за марки. А пратениците не се толку ограничени, па да мислат само на една работа. Дигитрончето им треба да видат колку е тоа и во долари.
    Луѓето прашуваат од чии пари се плаќаат трансферите. Како нема пари, кога цел рудник со злато продадоа.
    Пратениците имаат за што да се борат да седат во Парламентот, па и да бараат привилегии за цел живот. Туку што имаме ние што треба да гласаме за нив? И не само за нив. Толку ја поевтинија пратеничката функција, така што има ли смисла да гласаме за кого било. Да избереме некого за пратеник, а тој после да печали за себе со нашите гласови и со нашите пари?

    2. Собранието на Македонија можеме да го направиме и туристичка атракција на главниот град на државата. Амстердам си го има квартот на црвените светилки, а ние си го имаме Собранието. Само уште да ги запалиме црвените фенери. Единствената разлика е што во Амстердам проститутките се гледаат на излози, а кај нас ги има на телевизија. Во Амстердам гледаш во излозите зашто се забавни, а кај нас те фаќа срам кога ги гледаш на парламентарната говорница, па нејќеш ни да ги гледаш.
    Луѓето коментираа дека пратениците деновиве многу се проституирале и дека Собранието личело на париски Пигал. Тоа не е воопшто точно. Пигал е институција и таму владеат некакви закони и сè се одвива на ниво. Ова нашево е Резил сокак.
    Ние сме многу сексуална нација. Или некој нè работи однадвор, или се работиме меѓу себе. Затоа сме задоволни. И релаксирани.
    А тоа што велат дека политиката е курва, тоа е искривено гледање на работите и обид да се омаловажи политиката. Политиката не е курва. Неа ја прават политичарите.

    3. Амди Бајрам знае сè, па дури и кој со кого живее. Како нема да знае, кога бил со сите на средби во четири очи, па после ги раскажува наоколу.
    Бадијала Бранко му го бара на Циле клучот за 21 век. Му го зел Амди. Веројатно онаа вечер кога се сликаа во “Александар палас”, од расположение Циле се разбашкарил и го затурил клучот. Амди си го нашол. Си рекол: “Еј, клуч за 21 век! Не знам што да правам со него, ама ќе се најде”. И му се најде.
    И додека Амди пушта брада за да личи на Љубчо, како што пушташе мустаќи додека Циле му беше идол, Бранко се чуди каде згреши: дали зашто се врза со Циле или затоа што го испушти Амди.

    4. Баш убаво што амбасадорот на ЕУ Жозе Пинто Тешеира сака да ни се најде во кризни моменти, па ни ја спасува Владата. Многу го цениме и тоа што вика на брифинг европски ориентирани новинари за да им ја објасни разликата на реформите на ВМРО-ДПМНЕ и оние на ДА или, не дај боже, на СДСМ.
    Како знак на благодарност на загрижениот амбасадор во оваа прекрасна земја предлагам да му дадеме македонско државјанство. Така ќе ја има таа чест да излезе на демократски избори во Кондово или во охридскиот хотел “Магнус”. Изворно да почувствува колку сме напреднале со демократијата и реформите.
    Па нека види како е со македонски пасош да си се врати дома, тогаш кога ќе му биде најпотребно. Јас имав едно такво европско искуство. Пред две години, со шенген виза со важење за цела година и со можност за повеќекратно влегување, бев малтретиран на лисабонскиот аеродром од некој полициски Жозе, затоа што Португалија не го признавала нашиот пасош. А одев на конгрес на европски новинари.
    Верувам дека овој нашиов Жозе во таква ситуација, исто така, би ми помогнал. Да си се вратам во Скопје да уживам во развојот на реформските процеси и демократијата.

    5. Сè уште не можам да се соземам од говорот на Саво Климовски. Џабе беше што по трогателниот настап имаше половина час пауза и што дури и МТВ се вклопи во програмската шема па емитуваше траурна музика. Боже, си помислив, на човеков да не му подметнат пиштол место пенкало, па да се убие во директен пренос.
    Добро е што сè заврши среќно. Сега Саво ќе може да им се врати на секојдневните обврски. Како редовен плаќач за скапаниот лифт, има шанси да го изберат и за претседател на куќниот совет. Така што ќе има можност да им се заблагодари и на тие што ги заборави во прошталниот говор. На пример, на чистачката на која редовно ѝ ја полнел кофата со вода кога го чистела неговиот кат. Или на пиљарот што му криел млеко за внуката.
    Ви благодарам. Бевте прекрасна публика. Ве сакам сите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира