1. Коалиционите партнери продолжуваат со детската игра. Тамам помисливме дека минатата недела се договориле како да се извлечат од ситуацијата со гласањето за изборната комисија, кога на продолжението на седницата на Собранието си продолжија секој по своето. Изгледа не им рекла учителката како да се однесуваат. Или, им рекла, ама не ја слушаат.
Така и пимплањето што е законско, а што е незаконско одеше слично како кога децата ќе се соберат на роденден да дуваат свеќички на торта. Па еднаш некој ќе ги дувне свеќичките предвреме, а другите се лутат. Па вториот пат, славеникот нема да земе доволно здив за да ги дувне, па сите му помагаат. Дури по трет пат им успеа на децата сите да дувнат во еден здив.
Не дека им дошло време за дување свеќички. Коалицијата уште не направила ни една година. Власта ни е во пелени.
Затоа, одвреме-навреме им треба промена на пелените. За проветрување. Само што тие не се деца, па проветрувањето си го викаат – самит. Во последно време им смрди работата па зачестија со меѓупартиските самити. Баш ме интересира, ако веќе се однесуваат како деца, што ли прават на тие самите првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и ДА. Сигурно не играат “Не лути се човече”. Не оди да зборуваат за рафинерии и банки, а да вртат “човечиња”. Тие вртат “Монопол”. Прво се караа околу поделбата на функционерските места по општините. Но, по сé изгледа, веќе го надминаа времето кога се лутеа ако некој некому му застане на полето. Сега се лутат кога некој некому ќе му ги земе милионите.
2. Самитите потоа прераснуваат во кафеанска дружба. Така му кажале на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски. И тој предложи највисока институција во државата да биде ритуалот на пиење кафе на Љубчо и Циле во “Галија”. Затоа што во времето на Бранко не се пиеше кафе во кафеана. Се пиеше виски.
Ако институцијата “пиење кафе на Љубчо и Бранко” се прогласи за врховна државна институција според Уставот на Македонија, тогаш ќе настапи сериозна владина криза. Ќе се јави Џафери со прашањето: “Камо чај за мене?” Па после ќе се јават меѓународни посредници, комисии за човекови права, па одлуки на паритетна основа, по принципот на позитивна дискриминација “две кафиња и еден чај” и на крај ќе мора да се усвојуваат амандмани на Уставот.
Плус, овие од ВМРО-ДПМНЕ навистина сакаат сé да биде по нивно. Ај Љубчо ќе помине со кафе, ама Циле кај поминува без скара. Не постои коалиција која би опстанала ако не се почитуваат темелните вредности на демократијата – во кафеана секој да си нарача што си сака. Освен тоа, не се ни овие вечни. Ај утре ако им се врати Бранко на власт, а во Уставот не е запишано пиењето виски. Затоа овој член од Уставот мора да биде особено прецизно дефиниран. Ова е сериозна правна држава и не се мисли од денес за утре. Се мисли денеска, што ќе пиеме вечерва.
3. Во партиските штабови и во Владата се отвораат нови работни места на бројачи на редови. Секој ден по некој ни кажува колку реда сме одвоиле за некој кандидат за претседател, каде сме го ставиле на страницата, ни ја мерат големината на буквите на насловите, оценуваат која фотографија е малициозна. Опозиционерите ни се лутат по навика – државен весник, па мора да е против нив. А овие од власта, пак, ни префрлуваат дека понекогаш сме поопозициони отколку медиумите што се блиски до опозицијата. И мислат дека со тоа ќе нé навредат. Толку се загрижени за нас што веќе почнува да станува неудобно.
Туку, имаме среќа што народот не треба да го избира и првиот човек на Македонската православна црква. Уште и кандидатите за архиепископ да почнеа да ни праќаат пораки, како што ни праќаат некои кандидати за претседател, ќе се мрдневме од умот. Вака, среќа што нема општонародни избори и за архиепископот. А со овие земниве – ќе издржиме некако. Не ни е првпат.
4. Приказната околу мистериозниот товар што бил исфрлен од мистериозниот хеликоптер на КФОР во Липковското Езеро се заплеткува. Прво се тврдеше дека е фрлено “нешто”. Потоа “нештото” се претвори во огнени топки. Откако топките согореа, почнаа раскажувањата дека хеликоптерот фрлил некое буре. Кога, пред два дена, еден очевидец на телевизиската екипа ѝ тврдеше дека дека тоа било голема конзерва. Како одминува времето, а натпреварот во нуркање станува здодевен за навивачите, ќе излезе дека некој пилот од хеликоптер фрлил “кока кола”. Како во филмот “Кога боговите паднаа на теме”. А кумановци, од страв да не се отрујат, пијат кисела вода.
5. Државниот секретар за надворешни работи на Норвешка Атлари пристигна во Македонија да го ослободи капетанот кој беше притворен по сообраќајната несреќа во која загина министерот Стојкоски.
Ние уште глумиме сериозна држава. Не го даваме капетанот. Дури ни госпоѓата Атлари не успеа да го шармира Борис Трајковски да го предадеме Норвежанецот.
Ај да видиме уште колку ќе им се правиме важни. Наместо да трошиме пари за судски трошоци, па за евентуален затвор, можеме да се испазариме со Норвежаните. Барем додека имаат желба да дадат пари. После, и без пари, сами ќе си го земат.