КАФЕАНСКИ ДОГОВОР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:117:"ПотписотнаСтоичковипоттанаБранкоќеостанатвоисторијата

    1. Рада повторно гледа подалеку од другите. Таа рече дека успехот на референдумот за територијалната организација ќе значи непочитување на Рамковниот договор. “Претпоставувам дека пораките и од меѓународната заедница и ЕУ се јасни, а онака како што е поставено референдумското прашање значи непочитување на Рамковмниот договор”. Вицепремиерката Шеќеринска проба да не доубеди со констатацијата дека “скоро да нема држава во светот во која тој процес на децентрализација и територијално организирање не е поминат без сериозни критики”.
    Точно е. Во Македонија територијалното организирање што ни го понудија СДСМ и ДУИ наиде на многу критики. Најмалку на 180.454. Тоа се потписите на луѓето што чекаа по задушливите ходници на подрачните единици на Министерството за правда, патуваа за да се потпишат, чекаа во редици на горештина, паѓаа во несвест… Луѓето што побараа референдум тоа го правеа за се да биде во рамките на институциите.
    За разлика од изнудувањето на референдум, изнудувањето на рамковниот договор воопшто не беше институционално. Тој беше изнуден на планина, договоран во кафеана, а потпишан во вила на Водно.
    И сега Рада сака човековото право загарантирано со Уставот и изборено преку институциите на државата да го омаловажи пред договорот потпишан по кафеанските муабети во Свети Пантелејмон, пролетта и летото 2001 година.
    Е па не се сите како Али Ахмети. Да беа како него, оние 180.454 критичари на територијалното организирање немаше да чекаат пред канцелариите на намуртените државни бирократи за да се потпишат. Ќе земеа пушка и ќе ги убиеа. Или ќе ги киднапираа.
    Еве им сега шанса и на Али Ахмети и на Албанците, во рамките на системот да изразат протест, или задоволство. Нека излезат на референдум и нека гласаат. А не пак да ни се закануваат со планина, или не дај боже со кафеана.
    Стево Пендаровски пак нека сними спот како за претседателските избори, а невладините организации нека ни праќаат пораки на мобилните. Како беше она? “Ливчето нема само да влезе во гласачката кутија”.

    2. Пред некој ден во “Утрински весник” прочитав дека македонските дипломати биле загрижени оти прашалникот од ЕУ ќе задоцнел ако сме имале насилство за референдумот.
    Баш добри дипломати имаме. Тие се загрижени, ама не си ја завршиле работата. Којзнае што зборуваат надвор.
    Зошто референдумот би бил насилен?

    3. Портпаролката на ЕУ во Македонија Шина Томсон изглдеа ги слуша македонските дипломати. Таа ни порача дека македонските граѓани треба да бидат свесни за консеквенците од референдумот. Наводно, со референдумот ќе се одвлечкало вниманието од реформските процеси.
    Госпоѓата Томсон е од Шкотска, од Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска. Таа доаѓа од земја членка на ЕУ. Уставот на ЕУ ќе оди на одобрување на поединечни референдуми во земјите членки.
    Обединетото Кралство ќе заостанува зад реформите на ЕУ. Ако гласаат за новиот устав, на поданиците на Кралицата Елизабета Втора ќе им се одвлече вниманието од реформските процеси. Замислете уште Тони Блер да ги изнесе на референдум и за прифаќање на еврото, или не дај боже за пристапување кон Шенген зоната. Од нив Европа не бидува.

    4. Министерот за транспорт Агрон Буџаку веќе две години не потпишал дозвола за изградба на ниту една базна станица на “Мобимак” и на “Космофон”. Тие граделе на диво и министерот сега реши да ги урива.
    За градење на диво нема оправдание. Но, вистинското прашање е зошто министерот не дава дозволи со години? Триста дозволи чекаат на неговиот потпис.
    Има ли цена потписот на Буџаку?
    Претходниот премиер Бранко Црвенковски велеше дека Министерството за транспорт и сообраќај е легло на криминал и корупција.
    Министерот Буџаку функцијата ја почна со фалсификуваните дозволи за камионџиите. Потоа, не се мешаше во социјалните станови и продаде локациии во центарот на Скопје за 25 евра квадрат. На ред дојдоа и базните станици.
    Сите овие немешања во својата работа на министерот Буџаку државата ја чинат милиони и милиони евра.
    Што чека премиерот Хари Костов? Го чека Прчевски да покрене обвинение против министерот за да може да го смени? Или Буџаку е стабилен како што е стабилна коалицијата базирана на Рамковниот договор.

    5. Претседателот Бранко Црвенковски доби дрес од бугарската фудбалска звезда Стоичков. На дресот е напишано “С уважение”.
    Другиот ден Бранко играше кошарка со претседателот на Бугарија Георги Прванов. Македонскиот претседател играше облечен во дресот на Стоичков.
    Зошто играше со истата маичка? Кога Јасна ќе ја испере, ќе отиде и потписот на фудбалскиот репрезентативец. Или Бранко ќе си ја чува маичката неиспрана. Мумифицирана од пот. Така потписот на Стоичков и потта на претседателот ќе останат во историјата.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира