КАЛИМЕРО МАЦЕДОНИАН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:109:"Ем-Ти-Випрвајапризнанезависностанамакедонскатадржава

    1. Македонската нација одвај зема душа по силните вибрации предизвикани од колетивниот патриотски оргазам, што настапи во истиот момент кога Маке­донската телевизија ја призна независноста на Република Македонија. Распаметените од радост граѓанки и граѓани на главниот град на вековно напатената држава дефилираа пред ТВ камерите и од улиците и кафеаните си нарачуваа која земја сакаат да ги признае. Во тој критичен момент на, како што сега се вели, незапирливиот процес, целата работа можеше да ја расипе една госпоѓа, која во анкетата се чудеше “зошто Франција вака се однесува”. Среќа што во тоа време господинот Митеран имаше проблеми со приемот на сликата на Ем-Ти-Ви. Инаку ќе се правдаше на повредената суета. Демек, ние не ѝ веруваме на француската принципиелност. Убаво се виде колку тие го почитуваат ми­слењето на првиот човек на својот уставен суд.
    Затоа пак веселбата покрај малите екрани достигна кулминација кога почнаа да се јавуваат дописниците од разни места низ републикава, известувајќи за хистерична расположба на нивните сограѓани кога дознале дека веднаш по Ем-Ти-Ви со признавање се огласиле браќата од Бугарија. Во сеопштата народна веселба “Со песни и ора низ Македонија” тогаш добро ќе дојдеше една пригодна благодарница во вид на песна со наслов “Мерси Б’лгарија”, по углед на хрватската “Данке Дојчланд”. Тој уредувачки пропуст нема никогаш да биде заборавен, колку и да се правдаат одговорните дека тие веќе подготвиле пригодна песна со наслов “Тешекур Туркие”. Од музичката продукција на МРТ нé известија дека песната е компонирана во ориентален стил и дека ја изведува Сузана Спасовска, со голото меше. Наводно и една акчилница во Старата скопска чаршија веќе се прекрстила во “Кај Сулејман”. Но, бидејќи Љупчо Георгиевски веднаш “ја поздрави дрскоста на Бугарија”, во знак на благодарност, а по угледот на загрепското кафуле “Ген­шер”, скопското раководство нареди акчилницата да се претвори во “Кафé Желé”.
    Така Турција, доколку не побрза со признавањето на Македонија, со што ќе ги задоволи нарачките на анкетираните скопјани, ризикува Старата чаршија повеќе никој да не ја нарекува “Турска”, протерување на баклавите, тулумбите и кадаифот од овие простори и – што ќе биде најтрагично, никогаш да не го видат сценскиот настап на голото меше, како ориентално се извива по тактовите на музиката “Тешекур Туркие”.

    2. Кога ќе видиш, како и да ја завртиш работата, не можеме да се ослободиме од Балканот. Иако, на пример, министерот Малески постојано, од петни жили се трудеше да нé научи на европско однесување. Затоа што во Европа владеело правото, а не силата. Па сега веројатно и самиот тој не знае како да се однесува европски, кога Европа се однесува грчки?
    Од сите приказни за принципиелната Европа накрај излезе дека би можела да ни држи лекции од најстариот занает. Како стара дама, барем за тоа има богато искуство.
    Штета што и ние малку не се потсетивме на сопственото богато искуство, што го имаме, на пример, со Франција и Англија од времињата кога принципиелно ја решаваа судбината на Македонија, делејќи ја меѓу соседите. Па сега претсе­дателот Глигоров разочарано изјавува: “за жал, се покажа дека правдата и политиката не одат заедно”.

    3. Целата оваа ситуација не мора да се сфати сосем трагично. Македонија и ваква, непризната, мора да води сметка за својот имиџ. На пример, да размислува за свој заштитен знак, според кој ќе биде препознатлива во светот. Првото нешто што ми паѓа на ум, кога го чувствувам разочарувањето од потезите на Европа, е нашата маскота да биде она мало црно пиленце од цртаните филмови, со половина лушпа од јајце на главата, кое постојано вика: “Нема правда! Нели?” Ќе се вика “Калимеро Мацедониан 92”.

    4. Тешко е да се дознае што е на менито на Мицотакис и Милошевиќ, но прет­­по­ста­вувам дека е некој супер специјалитет, штом се среќаваат за појадок секои два дена. Бидејќи ние му веруваме на Милошевиќ, убедени сме оти не се работи за пилешко, во било кој облик. Не за друго, туку загрижени сме за неговото варење. Пилешкото е тешко за појадок.
    Што не значи дека таква храна не може да се конзумира за вечера. Особено ако за предјадење има грчки маслинки, а со вечерата оди француски шампањ. Без него не би можела да се замисли новогодишната атмосфера, која во Атина му ја создаде домаќинот Мицотакис на францускиот гостин Митеран.
    Додека Митеран и Мицотакис принципиелно се насладуваа, малку посеверно на Балканот, на брегот на Охридското Езеро, во хотелот “Силекс”, претседателот Глигоров и големиот Ѕинго веруваа во чесноста на Европејците.

    5. Во секој случај, нормално е новогодишната ноќ во Атина да мине во пријатна и лежерна атмосфера. Сé додека од север ги заштитува умерениот Глигоров. Доколку атињаните и нивните европски пријатели ја пропуштат мож­нос­та сега да ѝ ја признаат независноста на Македонија, мораат  да водат сметка дека тука ќе има и нови избори. Можат ли да претпостават, кога си изграат со трпението на народот, кој ќе биде победникот? Тогаш Македонија навистина може да стане проблем.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари