Канта тропа

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:92:"Когаќесестописнегот,белкиќејаимаМакедонија

    1. Колку е сè релативно. Падна еден снег и сè заборавивме. Паднаа снегови, покрија траги. Тоа што десет месеци имавме војна, не значи ништо во однос на проблемите што ни ги направи снегот. Да не ни е Борис, кој секој ден ни дава нови амнестирани терористи, војната ќе ни беше веќе далечно минато.
    Ако терористите не се убиваа меѓу себе за грабежи од нивните народни пари, ќе заборавевме и нашиве колку украдоа. Туку, нека се моли Владата да потрае поларнава зима што подолго. Да останат смрзнати сите нивни глупости.
    Снегот не само што нè затрупа туку и Македонија ни ја стесни. Ај што западна Македонија ја изгубивме уште пролетта, туку сега ја изгубивме и источна. Со денови источна Македонија е отцепена. Граница Групчин. Граница Лозово. Држава, дали сакаш… За утеха, од Сан Марино уште сме поголеми. За Андора не сум сигурен.
    Којзнае што уште може да ни се случи зимава. Завеани, однесени… Само, мора да сме оптимисти. Во секоја несреќа мора да има и среќа. Од кај знаеш, можеби кога ќе се стопи снегот, ќе ја има уште Македонија.

    2. Откако снегот ги покри сите валканици, во Македонија сè е ново. Па имаме и нови политичари. На пример, Али Ахмети. Тој сега се претставува како социјалдемократ. Ни порачува дека со Македонија владее корумпирана власт и дека немаме перспектива со коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Социјалдемократот Ахмети ја гледал Македонија како држава на среќни рамноправни граѓани.
    Добар политичар овој Ахмети. Шипковица ја завеа снег и Ахмети веќе не е терорист. Бидејќи ќе прави од Македонија Швајцарија на Балканот, тој е социјалдемократ од швајцарска провиниенција. Политичар од завиден калибар. 7,9 милиметри. Со снајперска прецизност.

    3. И пратеникот Хисни Шаќири веќе не е терорист. Тој борец за човекови права имал и партизанско име. Го викале Даскалот. Ни ги украде ОНА и имињата на комитите. Сега Шаќири од Липково ни се претставува како Даме Груев. И него го викале Даскалот. А и Таки од Лавци, што се борел против клетите фашисти, исто така, бил даскал.
    Се гледа дека Шаќири “за оловка се борел”. Учител бил човекот. Остана уште и во песна да му се опее делото.

    4. Хавиер Солана се заканил во некој шпански весник дека ќе си дадел оставка од Европската комисија. На сета беља, уште тоа ни фали. Одвај го прежаливме Пердју, па сега и за Солана ли да се секираме. Ќе ни ја расипе Новата година. Што живот ли ќе биде без Солана? Кој ќе ни кажува што направивме и што треба да правиме.

    5. Оваа недела беа промовирани првите полицајци од Рамковниот договор од припадниците на народот што не е во мнозинство во Македонија. Или, во слободен превод – Албанците.
    Значи, горе-долу веќе сме безбедни. Горе – орлиња, долу – лавчиња. Согласно Рамковниот договор, полицијата ќе промовира ново мото на безбедносните сили на Македонија. “Биди тигар, биди лав, орли те чуваат, немај страв”.

    6. Вечниот синдикален лидер Живко Толевски извојува уште една голема работничка победа. Наместо да ги блокира патиштата, со Владата се спогоди да земе канта сирење. Не им личи на синдикалните лидери, дотерани како за на модна писта, да дремат по смрзнатите патишта. Вака, дома ем не топло ќе си седат ем сирење за ајвар имаат.
    Бидејќи сирењето ќе го изедат до февруари, за тогаш Толевски најави нов штрајк. Работниците ќе немаат веќе сирење, ама затоа кантите ќе им останат. За да имаат на што да тропаат. И онака синдикатите, сосе Толевски и сите околу него се – канта тропа.

    7. Саво Климовски уште не одговорил на јавната понуда на Амди Бајрам да биде лидер на Сојузот на Ромите.
    Еден Бајрам игра мајтап со Саво. Види до кое дереџе дојдоа универзитетските професори. Амди им нуди опција: Јас бев кај вас, сега повелете вие кај мене. Да ви кажам право, толку е смешно, ама многу е трагично.

    8. Денарот прави ‘ршум на берзите. Марката паѓа ли паѓа. Тоа што сме спиеле на перници и душеци полни со марки, не значи дека мирно сме спиле. Во сон сме мислеле како да ја уништиме германската економија.
    Во држава во која сè е наопаку се случува и денарот да е посилен од марката. Кај го има тоа, во војна да ти јакне домашната валута? Канта тропа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира