1. Пак нè зезна НАТО. Ние чекаме да нè бомбардираат, а тие абер немаат. Што надеж имаше Љубчо дека ќе нè бомбардираа вчера…
Туку, којзнае дали им се трошат бомби за нас. Нема двапати бомби да фрлаат за да го решаваат албанското прашање. Башка, Љубчо не е Слобо. Првите две реченици размислува што ќе каже. После му тече мислата и не можеш да го запреш. Само некој треба да го предупреди: “Ало Љубчо, за вести те снимаат, не за К-15!”
Готово! Им избега детето. Ги налути. А што фино дете беше. И Ајник и Тешеира трчаа да го спречат паѓањето на Владата и формирањето ново парламентарно мнозинство. Љубчо им беше најдобар. Кога си играа “каубои – Индијанци”, тој секогаш беше Индијанецот.
Кога премиерот вели дека Пердју и Леотар се однесуваат каубојски, се соживува со играта. Тој го глуми поглавицата Лавот што рика. Другото племе го контролира Џафери како поглавицата Тажниот Орел. Имери е во улога на поглавицата Лутото Куче. А Бранко е Пеперутка со подгорени крилца. Сите тие заедно со каубоите Пердју и Леотар се собираат кај главниот поглавица Борис. Да го пушат лулето на мирот. Борис, како во американската историја, ќе биде поглавицата Бикот што седи и има план.
Е сега е веќе доста. Џафери им ја расипа играта. А Љубчо се налути. Му се смачи да игра цел живот Индијанец.
2. Уште повеќе од бомбите на Љубчо не исплаши Солана. Додека не сме се договореле, не доаѓал. Леле мајко… Што правиме сега.
Солана ни рече дека кај нас, како во секоја европска земја или земја што сака да биде европска, морало да се најде вистинскиот размер во рамнотежата со малцинствата.
На пример како која европска земја? Како рамнотежата со Баските во Шпанија? Или, Албанците, Македонците и на другите во Грција? Можеби како Корзиканците во Франција или Ирците во Британија?
3. Циле се налути. Тој не се согласува дека се игра играта “каубци – Индијанци”. Тој вели дека кај Трајковски се играло покер. Имало четири комарџии, имало влог – Република Македонија и имало пиксла. Пикслата е Борис. Како во секоја сериозна покер партија, и тука има некој што на играчите им најмува простор за играње, им вари кафе, им сервира мезе… За возврат, играчите му оставаат бакшиш по некој денар. Така што во партијата покер што се игра во Македонија не губат сите. Пикслата Борис задолжително ќарува.
4. Во преговарачкиот процес не требаат олеснувачи од страна. Тоа што се договориле Љубчо и Џафери, може да се оствари и со домашни олеснувачи. Инаку, зошто влегуваше Бранко во Владата.
Љубчо му олеснуваше на Џафери да си ја заврши работата.
Бранко сега му олеснува на Љубчо да не падне вината за поделбата на државата само на негов грб.
Секој секому нешто олеснува. Затоа нам ни е тешко.
А најтешко е кога тие што нè доведоа до ова дереџе, сега треба да нè извлечат. На пример, Бранко со 150-те илјади државјанства од неговото време. И со спомените на оазата на мирот кога ниту еден двоглед не беше купен, за да можеме сега терористите да ги гледаме.
Или, пак, Љубчо. Со шверцерските канали преку Блаце, со државничките посети на Хашим Тачи и со релаксираните односи со Џафери.
Единствената надеж ни е Борис. Ако наместо Мендух Тачи, сега Алиа Ахмети му ги организира изборите во западна Македонија.
5. Мора Љубчо да им е многу лут на оние во Брисел. Кај брутално му се мешаат во војната, сега каубојски му се мешаат и во “Окта”. Којзнае колку лошо им мисли, штом им го испрати Џевдет Насуфи како интегратор.
Мора да се признае, тоа му е вистински потег. Кога успеа Насуфи да ги протне низ европското законодавство криминалците Фазли Велиу и Џавид Асани, белки ќе му успее да ја протне и Македонија. Држава со повеќе криминалци – здравје.
6. Којзнае колку Европа е збунета од нас. За Америка, пак, ич да не правиме муабет. Во ни една шема не им се вклопуваме. Луда држава.
Во Македонија воопшто не е лесно да си луд. Има преголема конкуренција.