КИДНАПИРАНА ДРЖАВА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:119:"Џаферинесакаданèразменизаштонеможеданајдеваквикаконас

    1. Безбедносната ситуација во Македонија е стабилна. Досега имаме само тројца мртви полицајци и четворица живи војници. Бројките не лажат. Добро е. Сè уште има повеќе живи отколку мртви.

    2. Премиерот Љубчо Георгиевски нема што да додаде на досега веќе чуените изјави на министрите за одбрана и за правда, Кљусев и Насуфи. Што значи дека и премиерот мисли исто како Кљусев дека “може некој да ве начека некаде и да ве киднапира”. Нема место за паника. Плус, изјавата дејствува смирувачки кон сите граѓани на Македонија, а посебно кон оние што испраќаат деца во војска и кај самите војници. Навистина, министерот за одбрана најавува дека “и во иднина ќе има случаи на киднапирање”, ама белки како и ова, и идните киднапирања ќе бидат договорени и безбедни.
    Кљусев вели дека било “аморален чин некој да ви ја одземе слободата”. А морален чин е министер за одбрана на јавноста да ѝ каже дека киднапирањето граничари е нормална работа, и – пак да си остане министер за одбрана.
    Во интерес на безбедноста на македонските граѓани, полицијата ќе треба да уапси што поголем број борци на ОВК. Не за друго, туку да се снабди со стока за трампа. Ако почнат да нè киднапираат како што ни предвидува министерот за одбрана, ќе нема доволно криминалци со кои ќе можат да нè разменуваат. Ќе мора да нè убиваат.

    3. А што да прават Љубчо и Кљусев со два милиона луѓе врз главата. И ним не им е лесно. Еве. Љубчо ништо не кажува. Изгледа дека и нему Џафери не сака да му “ги супституира информациите што им фалат на медиумите”. Другите не знаат. А Љубчо премиер, мора да знае, нема каде да бега. Сиромашкиот, и тој како да е киднапиран. Тука е, ама во заложништво. Џафери не го пушта.
    Љубчо вели дека е најважно што е спречена голема трагедија, па војниците се вратија живи и здрави. Точно. Кљусев вели дека секој може да нè киднапира. И тоа е точно. Животот на четворица војници вреди далеку повеќе од судењето на еден криминалец. Точно. Ако се продолжи со оваа практика, отворен е патот за пазарење со криминалци, па наместо нивно судење, ќе ја воведеме институцијата “трампа на киднапирани”. И едните задоволни, и другите задоволни. Како и да ја свртиш работата – не чини. И така – батак, и така – батак.
    Затоа, ќе си молчиме и ќе бидеме среќни што сите сме заложници, ама барем не нè враќаат во лимени ковчези. Сите сме киднапирани. Само што Џафери не сака да нè размени. Каде ќе најде вакви како нас?

    4. Претседателот Борис Трајковски уште не бил подготвен. Небаре треба да се бања, а не да дава изјава. Досега го информирале министрите за одбрана и за правда. Силна подготовка!
    Премиерот Љубчо Георгиевски две недели не знаеше ништо за случајот. И сега нема информација за размената на Хасани со грабнатите војници.
    Потпретседателот на Владата Васил Тупурковски нема никаква информација. Додека да го промовира петтиот том на книгата за античка Македонија, можеби нешто и ќе дознае. Ќе најде нешто во Вашингтонската библиотека.
    Само Арбен Џафери знае. Ама не сака да каже. А и зошто би кажувал. Не е ни претседател ни премиер.

    5. Џафери му кажува само на американскиот амбасадор Ајник. Камерите на ТВ Телма го уловија кога влегуваше во американската амбасада во Скопје. Ајник знае кој најдобро знае во Македонија. И знае со кого може оваа држава да се држи како киднапирана. За трампата подоцна ќе се разговара.
    Претходникот на Ајник Кристофер Хил одеше со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски по селата и пушташе чешмички. Да не се подготвува Ајник со лидерот на ДПА Арбен Џафери да сече ленти на нови гранични премини? Автопатот Групчин – Тетово веќе е при крај.

    6. Случајот нема да ги загрози односите со косовските власти. Напротив, размената одлично функционира.

    7. Убаво е што Владата реши да се пресметува со криминалците на тој начин што ќе ги испраќа надвор од земјата. Ете уште еден начин за штедење. Нема да организираме судења, нема да арчиме пари за адвокати, ќе заштедиме струја, вода и храна по затворите… Освен тоа, чуму ни се криминалци дома? Нека прават бели на друго место.
    Идеално би било кога би можеле така да се ослободиме од сите криминалци. На пример, кога би можеле да ја трампиме Владата. Љубчо рече дека во случајот “грабнати војници” е спречена голема трагедија. По истата логика, кога би ја дале Владата, би се спречила голема катастрофа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира