1 Значи ова кошаркарите не размазија. Не навикнаа на победа. што е огромен шок за македонската душа која е навикната постојано да се жали и да плаче. И секој пат некој друг да и е виновен оти не сме успеале.
Оти нели ние сме родени за мака. Така вели песната: “Со маки сум се родил, со маки и ќе си умрам”. Тоа значи ич да не се мачиш. Однапред знаеш што ќе ти се случи. Па усше и “маките да ми ги напишете на гробот мој”. Да бидат заверени за да знае и потомството што го чека. Да не се мачи бадијала.
Е па не е така бе луѓе. Зарем ни во изминатите 20 години независна Македонија, зарем ни во изминатите 57 години признаена македонска нација и јазик уште не ни текнало дека за мачниот живот не ти се секогаш виновни другите. Дека треба сам да преземеш акција, да се бориш, да се караш, да преговараш, да учиш, да работиш… Да дадеш решавачки кош во последните две секунди.
Ни ја подуја главата со зботрот “обединување” и демек “заедно под едно сонце”, а ни самите немаат доблест тоа да го направат. Па, драги мои, малку бевме одвоени на Македонци и Албанци, па ВМРОвци и комунјари, па христијани и муслимани, па верници и атеисти, па државни слу\беници и приватници, па патриоти и предавници,… сега усше ја наметнаа и дилемата кој бил позаслужен за 8 септември 1991 година. Кљусев или Глигоров? Глупости. Па повеќето сведоци на тие настани сме фала богу, живи и здрави. Дваесет години не се толку далечни за паметење. Бевме млади, ама сепак бевме доволно зрели за да знаеме што се случва. Затоа и не давам овие што тогаш беа во градинка, или во основно училиште да ми го расипуваат роденденот со злобни коментари. Радувајте се со нас ако сакате. Ако не, плаечете си на жалната судбина. И жалете се кој во Брисел, кој во Вашингтон, кој во Софија, кој во Белград, кој кај Бранко, кој кај Никола, кој во Приштина, кој во Тирана. Ние си имаме работа.
2 Рекоа “обединување” и си најдоа уште еден збор со кој ќе не мафтосуваат. Па обединувањето не паѓа од небо. Одлична ви е идејата, ама на единството треба да се работи. Погледнете само околу себе како партиски ги поделивте луѓето, како до ниво на омраза го донесовте секојдневниот говор и на улицата и во медиумите и дојдете да не фасцинирате со таа флоскула кога ќе славиме некој друг јубилеј.
Не дека и ние обичните луѓе не сме виновни за тоа. Ние 20 години трпиме неспособни политижари. Ние го прифаќаме партиското подвојување оти така ни е полесно, по линија на помал отпор.
Ама што се однесува до прославата, без оглед кој што кажал, кој дошол, кој не дошол, кој што пеел, кој што облекол, ние обижните луѓе си ја славевме својата земја. Со сите дилеми, со сите проблеми, со сета немаштија, со сета правна несигурност, со сето лошо здравство, судство, образование, новинарство, естрада…Било кич, се потрошиле многу пари, се величала владејажката партија и Груевски… А која прослава не е кич? Родендените какви ни се? Свадбите какви ни се? Сунетите како се слават?
Не сакам да го расипувам текстот со глупостите што ја следеа и оваа прослава. Не сакам да си го расипувам слевеничкото расположение. Само сакам да потсетам дека славевме 20 години независност. ама се уште децата ни седат во училишните клупи купени далеку пред 1991 година, по пругите што се изградени далеку пред 1991 година се трклаат локомотиви купени далеку пред 1991 година, до Штип, Струмица, Охрид и Битоа се вози по патишта направени далеку пред 1991 година…
А за оние од градинката што ја наметнаа дилемата Кљусев или Глигоров и што не ги паметат слетовите за Тито па сега му се додворуваат на Груевски на сличен начин, во продолжение ќе објавам извадоци од моите колумни објавени ден пред референдумот и една недела по прогласувањето независност.
– 07.09.1991
…Просто ме фаќа срам. Така спокојно си седам и си пишувам само на еден ден пред референдумот, додека сите соседи паѓаат во очај од секирации само што ќе помислат што се може да и се случи на самостојна и независна Македонија.
Како може човек да не биде трогнат до солзи кога ќе прочита дека: “Општинскиот одбор на СК” – Движење за Југославија од Лесковац, на итен состанок им дал полна поддршка на напорите на Македонските комунисти да му го зачуваат достоинството на македонскиот народ”. Сега дури и Жељу Желев, со историската изјава дека ќе ја признае независноста на Македонија, ама без народот што живее во неа, може да се слика.
Лесно ни е нам, кога за нашето достоинство се грижат комунистите на Лесковац. Што да кажат Американците, кога ќе им се налутат Грците. Грчкото радио и предложи на својата влада да ги прекине дипломатските и сите други врски со оние земји кои ќе ја признаат независна Македонија. Во исто време “Та неа” дознава дека: “Ако Вашингтон реши да ги признае другите југословенски републики, тогаш ќе ја признае и скопската репулика и нејзиното право да се нарекува Република Македонија”. Ако тоа се случи, тогаш на Грција нема да и остане ништо друго туку да ги прогласи САД за окупатори. Во што сигурно ќе добие поддршка од верниот другар Слобо Велики. Кој, доколку до тогаш заврши со ослободувањето на Хрватска, е подготвен да отвори нов солунски фронт. Тенковите ќе мораат да минат низ “скопската република”.
Само така ќе бидеме спасени од предавството што пред неколку дена го откри “Слободанка експрес”. Овој “угледен” весник вели дека е “повеќе од сигурно оти е направен договор за подела на Македонија” Во сценариото им е дадена улога на сите водечки личности, почнувајќи од претседтелот Глигоров преку премиерот Кљусев, па до Љупчо Георгиевски и Борис Змејковски, ама “клучна улога на разбивач на Југославија му е доверена на Васил Тупурковски”. Тој бил, како што дознава “Слободанка експрес” – “врската на Скопје со Запад, преку Софија”. Играл тројна улога. Веројатно затоа што Циле секогаш се наоѓа на три места одеднаш. Од кои задолжителна локација му е Женева, каде што тајно се сретнува со Димитар Гоцев, од софиската врховистичка ВМРО – СМД…
…Она што сепак не може да се скрие, е тврдењето на “угледниот” белградски весник дека “Бугарија има силни упоришта во македонската Влада и Парламентот”. Во бифето на Собранието за појадок даваат кашкавал “Витоша”. . Со бугарскиот кашкавал во сендвичите Бугарија врши континуиран притисок врз стомаците на пратениците. Што во пресудни моменти за Македонија може да биде многу опасно.
Воопшто, во овие предреферендумски денови низ Скопје се чувствува засилено бугарскиот елемент. Ете, на пример, вчера без проблем на Зелено пазарче си купив една пита “Витоша”. Килограм 100 динари. Мора да се признае дека цела пита е навистина тешко упориште на Бугарија за еден домашен фрижидер. Го спакував во комора за длабоко смрзнување, па додека Македонија не прогласи независност, ги замрзнав односите со Бугарија.
14 септември 1991
…Искрено кажано, неизлегување на Албанците на референдумот за самостојна Македонија го доживеав исто како кога пријателот ќе ти го сврти грбот тогаш кога ти е најтешко и кога ти е најмногу потребен. Потоа ми помина лутината, бидејќи видов дека самите Албанци дозволуваат нивните партиски лидери да ги третираат како необразована маса, неспособна да мисли со своја глава, употреблива само како гласачка машина. Конечно и референдумот си го толкував како бегство од освојувачката политика на Слободан Милошевиќ, па си размислував штом тие не ја признаваат оваа држава, зошто наместо да ги бараат своите права кај Киро Глигоров, не отпатуваат на прием кај Слободан Милошевиќ…
…Додека траат судирите меѓу куќните соседи Грција може мирно да спие. Затоа што нема да имаме време да работиме на проектот “Вардарски слив”. Весникот “То вима” пишува дека: “:…Вардарската долина поради својата широчина е погодна за транспорт на оклопни единици и поволна за вооружена закана или напад на Грција”.
Сиротите тие, не знаат дека ние покрај оклопните возила веќе создаваме и воена морнарица. Кајчарите во Охрид веќе деноноќно работат на изградба на флотата разурнувачи со која за почеток ќе го бомбардираме Солун. А, “Макпетрол – Темко” ги усовршува градобијните ракети и ги приспособува во далекуметни проектили, со ласерско водење, со чија помош ќе го гаѓаме грчкиот парламент среде Атина. Само тоа го држиме во најстрога тајност, така што дури ни агилните и добро известени новинари на “Политика” не ги имаат откриено злосторничките намери на агресивната “Скопска република”…
…Како и би можеле да откријат, кога беа зафатени со следење на приредбата на скопскиот плоштад, на која ги откриваат диригентските способности на премиерот Никола Кљусев. Самостојноста на Македонија не беше крунисана само со промоција на новото македонско шампањско, туку и со нов начин на пеење на химната “Денес над Македонија,” под диригентската палка на премиерот. Додека премиерот на Владата му диригираше на народот, а неговата десна рака Блаже Ристевски го подбуцнуваше да ги спушти рацете и да ги пушти луѓето да пеат како што сакаат, министерот за информирање Мартин Треневски ја претстави новата модна колеција за сезоната есен – зима: Референдумска памучна маичка со куси ракави, над свечената бела кошула и свилена вратоврска. Истата вечер, на Третиот Илинден, со својата појава брилираше и првиот келнер на самостојна и суверена Македонија – градоначалникот на Скопје Миле Струја со манир на француски угостител ги делеше чашите со шампањско.
На здравје!