КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:78:"ИнвестирајтевоМакедонија,амабезБранко

    1 На австрискиот претседател Хајнц Фишер му падна незгодно што Владата не го игра Претседателот, па го тешеше домаќинот: “Ај, не секирај се. Не мора сега да се потпише договорот за одбегнување на двојно оданочување. Има време”.
    Владата и во 100те чекори и на секој чекор вели дека создава клима за инвестирање. Договор за одбегнување на двојно оданочување е прилично важен услов за странска инвестиција. Особено со Австрија чии компании се едни од најголемите инвеститори во Југоисточна Европа.
    Ама, министерот за финансии Трајко Славески не сакаше да го потпише договорот со Австрија затоа што церемонијата требаше да биде во просториите на Претседателот, а не во Владата.
    Што ѝ е поважно на Владата? Да создава клима за инвестирање, или да се кара со Бранко?
    Нека го извади Груевски повторно оној цепелинот што лебдеше над Владата и нека им порача на странците: “Инвестирајте во Македонија, ама без Бранко”.
    Тоа значи дека климата за инвестиции евентуално ќе се поправи во 2009 година кога му завршува мандатот на Претседателот. Ако Бранко успее пак да победи, тогаш Груевски ќе има проблем. Ќе чекаме глобалното затоплување да му го реши проблемот со климата за инвестиции.

    2 Минатата недела бев на историската промоција на новиот авион на Боинг “дримлајнер” во Сиетл, САД.
    Историски настан, а бедна промоција. Ај што не бил поканет Буш, туку ниту еден политичар не бил поканет. Само некој од локалната власт. Ај тие, туку немаше ни претставници на меѓународната зедница и дипломатскиот кор. Што промоција ќе беше тоа кога главни на забавата беа само купувачите на авионот што веќе дале милијарда долари, бизнисмените партнери од цел свет, инвеститорите, инженерите и едно 15.000 работници на Боинг што работеле само на тој авион.
    Во Македонија шанк не може да се отвори без премиерот да се појави, а амин да даде меѓународната заедница, САД, ЕУ и НАТО, а не пак нов тип авион да се измисли.
    Замислете си промоција на “дримлајнер” во Македонија. Како би изгледало тоа чудо.
    Прво никој немаше да се занимава со достигнувањето на новиот производ, туку дали ќе го промовира Претседателот, или премиерот. Откако ќе се скараа преку весници кој кого поканил и зошто не, големата претстава ќе одеше приближно по следново сценарио:
    Премиерот ќе задоцнеше на промоцијата барем половина час, оти бил зафатен, примал странски инвеститори. Потоа ќе одржеше говор во кој ќе потенцираше дека ова е успешен проект благодарение на програмата на Владата и воведувањето на рамниот данок.
    Зад него ќе се вртеше спот на кој ќе се појавеа сите министри и ќе одеше слоган “По сто чекори фативме залет и ни пораснаа и крила”.
    СДСМ би прашал колку чини спотот и зошто не бил избран на транспарентен тендер.
    Претседателот ќе се обрати со соопштение до јавноста во кое ќе го поздрави големиот успех, но ќе потенцира дека тоа е проект што е почнат уште во времето кога тој бил премиер.
    ДУИ ќе се закани со излегување од Собранието затоа што на ознаката на авионот не се внесени одредбите од Охридскиот договор и Мајскиот записник со кој би се одбележале заслугите на албанскиот народ во овој проект. Али Ахмети ќе испрати писмо до ЕУ и НАТО со предупредување земјите членки да не го купуваат авионот додека Владата не ги реши сите барања на Албанците.
    ДПА ќе бара од едната страна на трупот на “дримлајнер” да биде напишано на албански јазик. Во спротивно ќе ја напушти коалицијата и Красниќи од Кондово ќе ги дупне гумите за да не може да полета.
    Нормално, проектот како важен чекор кон евроинтеграциите ќе биде поздравен од европретставникот Ерван Фуере. Тој притоа ќе каже дека Македонија мора да исполни уште многу услови за да добие датум за преговори.
    Тука ќе биде и американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ која ќе каже дека САД не го менуваат ставот кон името на Македонија, дека тие немаат проблем со нас, туку ние имаме со Грците и би било убаво да си го решиме.
    А Грците сето тоа ќе го сфатат како нова скопска провокација оти Икар и Дедал биле Грци, ќе се заканат со вето за НАТО и ќе ја отповикаат грчката амбасадорка оти изјавила за некој весник дека авионот на ФИРОМ, за жал, е реалност што треба да се почитува.

    3 На враќање дома слетав на аеродромот “Александар Велики”. Таму пред полициските шалтери стојат памфлети на англиски “Инвестирајте во Македонија”.
    А инвеститорите во чудо. Среде сезона, од двете ленти за багаж, едната не работи, не се знае кој куфер од каде доаѓа, чие дете плаче и си ја изгубило мајката, а некои услужливи вработени со свртени беџови навнатре бараат “колку за пиво” да ти помогнат, а оние совесните се правдаат: “Така е секое лето”.
    Тоа што аеродромот не функционира ако слета повеќе од еден авион е ништо во однос на тоа што вработените ќе добијат униформи од по 10.000 денари. Одбрана е најскапа понуда на тендерот оти “Портата на државата не смее да има службеници со излижани ракави на костумите”.
    Наместо “Инвестирајте во Македонија” треба да се закачи табла: “Се молат и оние патници од Македонија што имаат визи да не патуваат, оти ќе ги измалтретираме на враќање”. На разгласот треба да оди предупредување: “Се молат патниците да не дишат интензивно оти клима уредот не може да постигне”.
    А на странските инвеститори треба да им се даде уште еден памфлет: “Не влегувајте во тоалет. Рамниот данок нема да ве заштити од заразни болести”.

    4 Лидерот на ДПА Мендух Тачи на некоја официјална средба на стопанственици рекол дека “постојат канали, постојат рекет и луѓе кои работат со проценти”. И се заканил: “Ќе ги сосечеме пипките на економската мафија!”
    Рече Тачи и веднаш се фати за работа. Си ги исече ноктите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира