1. Прво Али Ахмети ни се закани дека пак ќе ни направи војна. Потоа Бучко се исплаши од заканата на коалициониот партнер. После Бранко ни рече дека нема да можеме да влеземе во ЕУ. Па Рада не искара дека сме биле против Рамковниот договор. Па Никола Поповски не предупреди дека ќе сме потрошеле многу пари, од оние што тој ионака незнае да ги потроши. Па за да не остане покусо од другарката Рада и другата комсомолка од рамковниот договор, другарката Теута ни откри дека референд умот бил “добра шанса за Македонците да се изјаснат дали се за интеграцијата во евроатлантските структури, или се за дезинтеграција на државата”.
Сега Македонците се тие што сакаат војна, а Ахмети и Теута миротворци кои биле за Европа. Тоа го вели ДУИ, а СДСМ му помага со глупавата теза за еднонационален референдум.
И до каде стигнавме? Хавиер Солана немало да ни се меша во референдумот, но се надевал дека оние што се против децентрализацијата нема да успеат да го убедат населението во своите аргументи. Кој му рекол на Солана дека потписниците на иницијативата за референдум се против децентрализацијата? Добриот СДСМ наспроти лошиот народ што ги донесе на власт пред две години? Или проверените миротворци од ДУИ?
Пред три години некои луѓе во Македонија убиваа со пушки и киднапираа цивили на кои уште не им е најдена трагата. Тие луѓе добија награда да станат парламентарци и министри.
Солана е Шпанец. Веројатно знае колку членови на ЕТА има во Парламентот на Шпанија.
2. Неделава ја минав во Вашингтон. Се уверив во тоа што го претпоставував и додека бев дома. Во САД имаат црно-бела слика за референдумот. Тој е против децентрализацијата, против рамковниот договор и против правата на Албанците и против реформите во државата.
Постои ли некаде влада во светот која го кодоши сопствениот народ? Кој е во Македонија против децентрализација? Кој уставното право на 180 илјади луѓе го сведува на теорија за фашизоидни Македонци кои се против правата на измачените Албанци? Кој две години не направи ништо ни за економијата, ни за реформите во судството, ни во борбата против корупцијата? Кој ги нацрта картите на општините без ништо да објасни, а после арогантно ни соопшти дека народот не е толку паметен за да гледа подалеку од нив? Кој отиде во Струга да ја дигне на нозе цела Македонија?
Се сеќавате ли со каква еуфорија пред две години, ова време, луѓето го чекаа 15 септември. Го знаеја Бранко и од пред 1998, ама се надеваа дека се изменил. И дека ќе најде нови лица оти со тие старите изгуби од Љубчо.
Кога победија пред две години химната на СДСМ се пееше во кафеаните. Барем додека и нив не ги затворија. Тоа, заедно со преместувањето на Струга во Скопје е е единствената акција што успешно ја завршија.
И што направија?
Ни го вратија Тодор Петров на насловните страници. Како што тргнале, ќе ни го вратат и Љубчо.
3. Министерката за надворешни работи Илинка Митрева се налути оти сме шпекулирале дека ќе ја сменат. “Во овие текстови препознавам познати рецепти од познати готвачи на од политичките кујни кои секогаш се јавуваат пред важни настани во државата како што се сега Конгресот на СДСМ”, рече Илинка.
Која година сме сега? Конгресите на СКМ беа важен настан во државата до крајот на осумдесеттите во минатиот век. Ама ако живееш за партијата, а не за државата, тогаш конгресот на СДСМ е навистина важен настан.
Во Ирак има исчезнати македонски граѓани на кои не им се знае трагата. Ама министерката за надворешни работи се грижи дали ќе ја сменат и кој ќе биде претседател на партијата.
Сиромашките Кумановци во очај отишле и во Ирак, само за да заработат. Зарем толку им било лошо во Македонија? Не би требало. Партијата на Илинка е на власт.
4. Имам грижа на совест откако прочитав дека министерот за финансии Никола Поповски се жали дека луѓето занемаруваат колку пари ќе чини референдумот. Имам идеја како да му помогнам да собере пари.
Во САД во тек е кампања за избор на претседател. Ама капиталистите и од политиката прават пари. Во баровите се нудат алкохолни коктели под името “Избори”. Двајца претседателски кандидати, два вида коктели – републикански и демократски. Ако нарачаш Демократски коктел ќе добиеш мешавина од вотка со џус од портокал , некоја мексиканска ракија и неколку капки лимон. Републиканскиот коктел е многу пожесток. Тој се прави со вотка, бурбон и три вида ликер кои удираат на сина боја.
И во Македонија би можело да се нудат коктели на тема “Референдум”. Па имаш коктел За референдум и коктел Против референдум. Коктелот “Против” треба да се прави со виски и албански коњак. За да може да го пијат Бранко и владата. Ако републиканците на Буш можат да издржат мешавина од вотка и бурбон, тогаш и љубителите на Бранко и Али Ахмети ќе се навикнат на миксот од виските и коњакот.
Многу поголем проблем е да се најде мерката за коктелот “За референдум”. Како во една чаша да го погодиш вкусот на Тодор Петров, Никола Груевски, Павле Трајанов, Циле И Ѕинго, да додадеш неколку капки за Љубчо, па одозгора да украсиш со нешто по вкусот на Трифун. Тоа би можела да биде некоја кашканица на бела и жолта ракија со пиво, вино, кока кола и малку шампањско.
Кај нас може да има и резервна варијанта на коктел Референдум. Таа би била за луѓе од типот на Рада и Теута. Тие се за бојкот. Кога другарките ќе излезат на пијачка ќе го нарачааткоктелот на Бранко само што наместо албанскиот коњак да го мешаат со виски, додаваат вотка. Коктелот ќе се нуди под името Европски комсомолки.
Луѓето ќе пијат, кафеанџиите ќе даваат фискални сметки, Стевче нема да ги затвора кафеаните. Белким со ваква мотивација и Хари ќе се убеди да го продолжи работното време. Кога веќе ништо не му трга од рака, барем нека ни ја врати душата.