1. Зошто Петар Гошев на прес-конференцијата на која обелодени дека не е во состојба да состави нова Влада на Република Македонија и затоа му го враќа доверениот мандат на претседателот на Републиката, не собра доволно храброст да спомне и конкретни имиња, туку зборуваше за “некои партиски раководства” кај кои “почнаа да надвладуваат многу потесни интереси” од оние државните?
Му требаше само малку, затоа што сите знаевме со кого неговата партија реши да прави коалиција и кои партиски раководства беа особено заинтересирани за министерствата за полиција, финансии, правосудство и слично. Не објасни и зошто имал чувство дека ќе биде искористен “за еднократна употреба”. Можеше, на пример, да биде конзервиран и откако немаше да успее, да биде тргнат настрана. Да не им пречи во новите избори на “некои партиски раководства”.
Останува сега, по неговото одбивање на мандатот, да се види што уште ново може да се смисли, а сепак да не се оди на нови избори.
2. Тоа што Гошев, уште пред да стане премиер, го направи првиот кикс, па се “нацрта” во Охрид на разговорите со Милан Паниќ, во ситуација кога, фала му на господа, сé уште важечкиот премиер Никола Кљусев ни е здрав и жив (иако имал “мали” здравствени проблеми) и според Уставот должен да ја извршува премиерската функција до формирањето на нова влада, сега веќе може да му се одбие на неискуство, или пак можеби токму тоа го натерало да има претчувство дека ќе биде искористен за еднократна употреба. Тоа пак што пратениците во Собранието на Македонија на доаѓањето на Паниќ во Охрид, на Илинден оваа година, му дадоа толку големо значење на вчерашната седница, во ситуација кога државата без влада буквално влегува во сé поголем хаос, само покажува дека тие не ни размислуваат дека можеби би било добро и самите да се променат. Или уште подобро – да бидат заменети со нови.
Остави што за џабе им беше целата галама околу идејата на Паниќ за соединети балкански држави. Како да не се сведоци самите, кога одат да пазаруваат, дека унијата со Србија, барем што се однесува до финансиските текови, си функционира. Кога преку државната граница можат да се провлечат и цели камиони живи прасиња, за кои после инспекциските служби по скопските пазаришта се чудат како пристигнале, може да се каже дека бадијала трошевме пари за гранични премини. Освен ако тоа не се специјални места на кои за Илинден ни доаѓа Воислав Шешељ, кој според извештајот на Македонската телевизија “ги изнесол своите ставови за Македонија”. Тоа што во ставовите имало и најава за формирање Српска радикална странка во Куманово и референдум за “Српска Македонија”, не беше упатно да се соопшти на празник. Уште повеќе и затоа што тука го очекувавме премиерот на српско-црногорската федерација Милан Паниќ, за да ни соопшти дека ако сака “уште вечерва ќе ја признае Македонија”. Тоа што, кога веќе доаѓа на празник и згора се прави галантен американски господин, можеше да му предложи на Глигоров да се сретнат во Прохор Пчињски, не му е голема грешка. Таму беше Воислав Шешељ. А српските весници утредента објавија наслов: “Шешељ са Македонцима”.
3. Ете, човекот сакал уште вечерта да нé признае, ама што може да прави, кога нема, како рускиот претседател Елцин, печат во авионот, па тоа да го стори во воздух, да не го поколебаат кога ќе стигне дома. Вака излегоа Русите поопремени од Американците. Затоа што и указите за признавање држави ги потпишуваат во авион. Па и признавањето на Македонија е извршено во воздух. На висина.
Сме немале среќа што Паниќ во Софија не се сретнал со бугарскиот претседател Желев. Инаку, можеби, и него како Елцин ќе го наговореше да нé признае, затоа што “тој најдобро ја познава ситуацијата во Македонија”. Па ќе имаше уште еден повод да се фали и да се претставува како наш спасител.
Ако дојдовме во ситуација Бугарија да нé спасува, тогаш навистина длабоко сме заглавиле. Како спасуваат тие, досега не еднаш сме почувствувале.
4. А “Макпетрол” сé уште се спасува од гневот на граѓаните со глупави објаснувања за ненормална потрошувачка на бензин. Дури ни податокот дека дневно со гориво снабдува одвај 30 – 40 од сто од пумпите, не им е доволен конечно да признаат дека како монополистичко акционерско друштво не се способни редовно да го снабдуваат пазарот на Македонија со нафта и нафтени деривати.
Сега пак ќе почнат да нé мафтосуваат со купување нов танкер. Сиромашката Рафинерија! Ќе успее ли едноподруго да преработи нафта од два танкера? Одамна тоа не го има пробано. Под таков притисок може и да се расипе.
5. Патем, би било добро СОК да не се правда со објаснувањата “деловна тајна”, кога ги бараме податоците кои фирми побрзаа веднаш да си ги подигнат платите за дозволените 50 проценти. Не се сомневаме дека се работи за крајно успешни фирми, одговорни пред своите партнери и потрошувачи, кои жилаво се борат за профит со бескомпромисната конкуренција на слободниот пазар. Колку да имаат што да читаат и кого да озборуваат незаситните граѓани додека се редат во редиците пред пумпите.