КОЛЕКТИВНА ПСИХИЈАТРИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:162:"ОдметнататачетворкавоПретседателствотонаЈугославијасеснабдисоневропсихијатар

    1. Целиот обземен од колективниот занес на преживеаните и истрауматизи­рани остатоци од малтретираниот, обесправен и заклан српски народ, просто надуен од среќа што токму нему му се укажала историската шанса големиот Слобо да му ја довери улогата на претседател на Југославија – рамноправна заедница на сите Срби и оние кои се чувствуваат Срби, Бранко Костиќ-Корен ги собра на едно место, на тркалезна маса, во седиштето на српската федерација во српскиот главен град Белград “најодговорните претставници на народот што сака да остане во Југославија”. Со помош на генерал Кадиевиќ, кој конечно откри кој сака, а кој не сака да остане во Југославија, им објави војна на сите кои не се Срби, до конечно формирање на САО Европа, САО Америка, САО Африка, САО Азија и САО Австралија, со што ќе ја остварат вековната желба на напатениот српски народ да живее во една држава. Кој не сака да живее со нив може да се отцепи, ама мора да ги остави териториите, заедно сосе корењата за исхрана. Што се однесува до Бранко, другите можат да се збијат на Антарктикот и Арктикот, па таму нека си ги прават своите усташки и фашистички држави.
    Како награда, Бранко можеби се понадева дека на местото на саканиот Мар­шал од сега ќе виси неговата слика. “Народна армија” веќе објави дека на саканиот врховен командант Тито местото му е во музеј, па најави простување од него “на достоинствен начин”. Сликите ќе ги вадат достоинствено. Со нужна почит кон врховниот командант Слобо Велики.
    Генералот Кадиевиќ нема време достоинствено да ја извади сликата на најдрагиот Тито, бидејќи е зафатен со плановите за борба против фашизмот. Па сега, кога ќе удри на Хрватска, нема да запре до Загреб, туку ќе оди најмалку до Бон, да им удри две-три шлаканици на усташоидните Кол и Геншер, па потоа ќе им го разурне и Берлин, да не можат Германците никако да се преселат во старо-новиот главен град. Сето тоа ќе го направи сосема легитимно, според одлуките на легитимниот самопрогласен врховен командант. Сега, кога на двата Костиќа, Јовиќ и Сејдо ќе им се придуржи и Радован Караџиќ од Босна, ќе бидат петмина, па ќе можат дури и да ја укинат непосредната воена состојба. Караџиќ им дојде таман. Од кога бараа еден невпропсихијатар за своите сеанси?

    2. Од кога студентите од српска националност на Правниот факултет во Приштина бараа еден разбран, умерен и угледен професот по “Увод во правото”? Конечно го добија.
    Тешко ѝ на државата, која згора на сé, се фали дека е и “правна”, во која “Увод во правото” предава Воислав Шешељ.

    3. Од кога Македонија не видела некоја интересна шоу-претстава во зградата на македонското собрание? Има речиси цел месец. Токму затоа, гладниот за забава македонски народ заедно со народностите, националностите, етничките групи и другите граѓани, со нетрпение очекува кога Стојан Андов ќе ја стави на дневен ред актуелната политичко-безбедносна ситуација во Републиката. Тогаш и Љупчо Георгиевски треба да ги образложи причините за својата оставка.
    На прес-конференцијата беше соопштено дека ВМРО-ДПМНЕ ќе мине во “конструктивна опозиција”. Бидејќи истата партија контролира неколку значајни ресори во Владата на Македонија, некако не ми е јасно како тоа ВМРО мисли да премине во опозиција, а да ги поддржува своите министри. Или пак, наместо “конструктивна опозиција” ќе претставува – “неконструктивна позиција”?

    4. Како секоја сериозна конструктивна опозиција и ВМРО-ДПМНЕ би требало да си формира влада во сенка. Нека не ми забележуваат што им се мешам во внатрепартиските работи, ама би им препорачал за министер за надворешни работи да го именуваат Цветан Јовчески од Прилеп. Тој на собра­ниската комисија за надворешна политика, освен што го караше владиниот министер за односи со странство Денко Малески (повикувајќи се на информации од “угледниот” весник “Глас”), дека тој на Американците им велел да им речат на Бугарите да не ја признаваат Македонија, побара да ги види и стенограмите од мировната конферен­ција во Хаг. Да проконтролира нешто… Сега сигурно Цветан работи интензивно на превод на стенограмите од англиски на прилепски. Се подготвува за конструктивен опозиционен настап на собраниската говорница.
    За оние кои не го знаат Цветан да ги потсетиме: тоа е оној пратеник што припаѓа на категоријата слична на Драги Арсов – влегува во постојаниот состав на Собранието, заедно со инвентарот, со таа разлика што Цветан не бил стручна служба како Арсов, туку социјалистички самоуправен делегат. Првото сериозно раскинување со мрачната историја беше неговото историско “Не” на минералната вода “Књаз Милош”, по што овој унитаристички производ на големосрпската политика засекогаш беше избркан од македонскиот собраниски дом. Потоа се јави како милиоционер кој му бараше лична карта на Киро Глигоров, за да може да ја прифати неговата кандидатура за претседател на Републиката. Од пасивна одбранбена позиција премина во активен напад, кога како резервист на тенк Т-34 борбено ја изговори славната реченица: “Господине мајоре, какав сам такав сам, со врска и со чевли!” Сосема логично би било кариерата на овој надежен политичар да заврши како шеф на македонската дипломатија.

    5. Оригинални македонски правила за регистрирање претпријатие:
    а) обезбедување парични средства за почеток на работата;
    б) пријава во надлежен стопански суд;
    в) на отворањето задолжително да биде присутен Киро Глигоров, или Васил Тупурковски, или Стојан Андов, или Никола Кљусев во комплет со Блаже Ристевски;
    г) МТВ да го емитува поздравниот говор на гостинот – во целост.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира