КОЛЕКТИВНА УБАВИНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:30:"Дајтенитачкици

    1. Кога министерот за финансии Петар Гошев ќе ни каже дека работата добро ни оди, веднаш ми се поправа расположението. Затоа што јас не сум како некој од оние поединци што се жалат дека економската состојба ни е се полоша. Јас се потпирам на статистиката. Си го гледам БДП-то што се покачило за 2,2 отсто и веднаш сфаќам дека иако ништо не работи, ситуацијата ни е одлична.
    Убаво ни кажа министерот: “Има перцепција од поединечното кон општото и на ниво на општото собирање на сите движења, статистиката собира се што се случило и покажува дека индустриското производство е поголемо за 4,3 отсто во првите пет месеци, и дека БДП во првиот квартал има пораст од 2,2 отсто”.
    Значи, поединечно ни е лошо, ама глобално ни е убаво. Ние живееме сиромашно, ама во колективна убавина. Министерот не може да биде одговорен за расположението на секој поединец. Поплаките за лошата економска состојба се поединечна перцепција. На два милиона луѓе. Ама, што се два милиона луѓе во однос на два отсто поголем бруто домашен производ.

    2. Баш ми е жал што оваа година на буџетарите нема да им дадат К-15. Сите ние што работиме приватно, сите невработени, стечајци, и оние што не зеле плата повеќе од неколку месеци би биле пресреќни кога на државните административци би им одвоиле уште некој денар за да одат сиромашките на одмор. Многу се. Секој ден се помалку луѓе во државата примаат плата, а државната администрација станува се побројна. Би било убаво да одат на одмор, бидејќи веќе нема место за сите во канцелариите.
    Нека се одморат бирократите за да може од септември повторно да не префрлаат од шалтер на шалтер. Додека чекаме со часови и денови пред шалтерите на кои пишува “Пауза”, среќни ќе им ги слушаме летните приказни додека го пијат заслуженото кафе со колешките и колегите. Ние сме им го платиле одморот, барем да слушнеме како си поминале.
    Минатата влада им делеше пакети, ама тие не ги бендисуваа. Сега, ако нема пари, нека не им даваат ни пакети. Дајте им “тачкици”.

    3. Нека го прашаат заменикот министер за надворешни работи на Кина, како тие го решаваат прашањето на К-15 со милијарда луѓе. Имаа прилика да го елаборираат овој проблем и да го имплементираат кинеското искуство во македонското законодавство, на највисоко ниво.
    Тој заменик- министер, а кај нас сите се изредија. Борис примаше компјутери, Бранко го реафирмираше ставот за една Кина, Илинка се извинуваше за тајванскиот хеликоптер, па дури и Киро Глигоров отиде да се види со старите пријатели.
    Кинезите ќе ни помогнеле во Советот за безбедност на ОН. Како ќе ни помогнат. Веројатно тогаш кога ќе мора пак да поддржиме некоја американска иницијатива што е спротивна од Обединетите нации. Така сме добри и со Кина, и со САД и со ОН.

    4. Кина, Кина, ама да не ни дадеа на времето Тајванците хеликоптер, како ќе го вратевме Бојку. Тајванецот се покажа корисен. Од Борис, преку Илинка, до Бојку, сите без него не можат.
    Повторното апсење на струшкиот макро беше како во евтина американска акциона драма. Прво, Батлер не искара дека малку сме го осудиле. После Бојку случајно избега. Па Американците понудија 10 илјади долари награда за тој што ќе го фати. И другиот ден Бојку го фатија, и експресно спектакуларно го вратија дома. Го најдоа во кафеана што се вика “Капетан Кука”. Макро во пиратска кафеана. А шефот на полицијата во Црна Гора се вика Сабри Базуковиќ!
    Сега им е страв како од Шутка да го однесат до Битола, на судење. Да не чека зад затворот некој случајно паркиран автомобил, со отворени врати и запален мотор.

    5. Сега е 16 часот, петок, и до затворањето на весникот се уште не пукнала ниту една бомба, ниту пак некој е убиен на улица. Цели 16 часа, ситуацијата е под контрола. Македонија 16 часа е мирно место за живеење, а кога ќе ги читате овие редови не ви гарантирам.
    Вчера Македонија се потврди како оаза на мирот.

    П.С. Од 1 јули, Редакција ВЕСТ ги извезува сите македонски дневни и неделни весници во Грција. Првиот ден имавме проблем со грчките цариници на преминот Евзони. Со едно телефонско јавување во амбасадата со Скопје, проблемите ги снема.
    Но, секојдневно имаме едно чудо бирократски пречки со македонската царина. Весниците се носат прво во терминал во Гевгелија, па некој ден плаќаме 600, некој ден 900 денари, па некогаш има белешка, некогаш нема белешка, па за да ја забрзаме постапката судот мораше да ни даде потврда дека не се води прекршочна постапка против нас…
    Нека кажат. Ако на оваа држава не и е од национален интерес македонски весници да се читаат во Грција, да не се мачиме. Ниту ние, ниту царинската бирократија. Можеби затоа Грците се демократски и дозволуваат да им продаваме македонски весници. Знаат дека ние самите ќе си ги забраниме.
    Ако за петсто – шесто весници дневно треба толкава процедура за да се извезат (запаметете, не да се увезат), колкава ли процедура им треба за извоз на јаболките, или лубениците. На терминалот во Гевгелија ќе им ги бројат семките?
    Дали истата процедура што важи за извоз на весниците важи и кога се увезува узо. Со свои очи видов како еден човек товари 20 шишиња од по две литра узо “Тсантали” во багажникот на својот автомобил со велешка регистрација на паркингот пред грчкиот фри шоп. Во Македонија влезе без да покаже пасош. Во куќичката имаше двајца полицајци. На царина помина со мавтање. Имаше еден цариник. Ако директорот на Царината Љупчо Михајловски – Џанго и министерот Хари Костов се заинтересираат за овој случај, подготвен сум да им го дадам и регистарскиот број на автомобилот и да им кажам прецизно кој ден и во колку часот и колку минути ова се случуваше.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира