1 Чудата во Македонија не престануваат да се случуваат. По неверојатната вест од пред две недели дека во струшко Мислешево на приватен јарбол било подигнато македонско знаме, вчера се случи уште едно чудо. Стигна веста дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се договориле да одат со заеднички кандидати на локалните избори во Струга и Кичево. Додека го пишував текстов веста сe уште не беше официјално потврдена. Ама самиот факт дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за нешто макар и пробале да се договараат е историски преседан. Последен пат за Струга се имале договорено во 1990 година.
Сега се гледа колкав е бенефитот од едно оро и некоја ракија, што Македонците во Мислешево ја испија славејќи го јарболот со македонското знаме. Се себап и Македонците можеле да се договорат меѓу себе.
2 Почна кампањата. Ама лидерите на најголемите партии ја утнаа темата. Бранко зборува за парламентарни избори. А Никола зборува за Бранко.
Гледам дека на митинзите влечат полни автобуси од едни до други градови, небаре некој од Берово ќе гласа да им се решат проблемите на охриѓани. За кое фајде, не знаеме. Или, да си ги измериме и проблемите. Да си се тешиме чиј проблем е помал.
ВМРО-вците настапуваат скоцкани, униформирани, со лајкови, со црвени вратоврски, распеани, полни со пари и арогантна самодоверба. А СДСМ-овците настапуваат прилично изненадени од изборите. Зеле кредити и изгледаат како да се полни со гнев и желба за одмазда. Ја заборавија дури и “ладата” од отпорот. А и “Бела чао” веќе не се слуша како контра на рускана патриотска песничка, што Владо Јаневски им ја подметна на ВМРО-вците како трајна официјална химна.
Тотално сум збунет. Никола се фали: “Сега ќе видиш што е народ”, а Бранко му одговара “Сега ќе видиш што е отпор”. Плус, Али Ахмети спрема авиони од Швајцарија за освојување на Кичево.
Мислев дека на 24 март ќе имаме локални избори. Дека ќе зборат за ѓубре, за улици, за светла, за паркирање, за паркови и зеленило, за чист воздух, за канализација… За живот. За реален живот. А тие зборат за името. И се обвинуваат кој ќе го смени, кој го сменил и кој нема да го смени. И така 20 години.
3 Комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе завчера порача дека сега топката не е кај членките на ЕУ, туку кај земјите кандидатки и аспиранти за влез во ЕУ.
Да, топката е кај нас. Ама судијата е кај нив. Минататата недела извадија жолт картон. А ако не дај боже извадат и црвен, ќе викаме “Судија педер!”
4 Се појави вест дека на војската и давале да пие јогурт, затоа што млекото што го имале не било со доволно висока масленост. Истиот ден се појави и веста дека на амбалажата од пивото ќе мора да се декларира и калоричната вредност.
А зошто на војниците не им одредат дневно следување пиво? Ем ќе внесат доволно калории. Ем холестеролот ќе мирува. Ем е добро за нерви.
5 Помеѓу два рекламни спота од изборите, вистинско комично освежување беа две вести на телевизиите.
На една словенечка телевизија емитувале прилог од минатонеделните насилни протести во Скопје и го пуштиле новиот министер Талат Џафери како зборува во Собрание, ама по грешка употребиле снимка од скеч на К-15. Во скечот министерот е натсинхронизиран со гласот на Миле Паника и вели: “Јас сум новиот министер за одбрана, оти сe уште нема министерство за напад”. А Словенците сериозно го сфатиле и уште па и го превеле на словенечки.
Они си помислиле дека е нормално министер да изјави такво нешто во Македонија и протестите ги поврзале со тоа. Добро што не им текнало и анализа да направат зошто навистина немаме Министерство за напад. Па ЕУ да се сети и тоа да ни го стават во бенчмарковите за следниот извештај.
А ние будали секој пат стрепиме што ќе кажат земјите од ЕУ за нас. Па уште и важност им даваме.
Некој ден подоцна, во јавување во живо од Плоштадот Македонија во Скопје, среде вестите на Канал 5, се појави еден прилично весел граѓанин и на новинарот му постави директно прашање: “Се извинувам господине Канал 5, колку е саат?”.
Стварно колку е саат? Колку вчера ова време? Како што би рекол еден поранешен министер, да го прашаме Панта Реи. Може тој го знае одговорот.