1. Подобра честитка до народот за Денот на независноста на државата не можеше да биде смислена. Избори. И покрај фактот што општонародната забава, наречена предизборна кампања, ќе трае еден месец помалку отколку што се очекуваше и порај тоа што празникот не беше споен со викендот, чувството дека народните избраници што ги бендисавме пред четири години, по целата лакрдија што ја направија со институцијата парламент, конечно ќе си одат од ТВ екраните, беше доволно силно за празникот да го почувствуваме во најголема светлина.
2. Вчера беше обелоденета и првата партиска коалиција која ќе оди на изборите. На демократите на Петар Гошев им се придружи Демократската партија за економско единство на Балканот на д-р Ангел Џамбазовски. Инаку, Џамбазовски е и прв човек во Здружението на девизните штедачи и познат физиотерапевт, кој има рехабилитационен центар за физикална терапија во Скопје.
Веднаш почнаа говоркања дека сега Демократската партија во коалиција со девизните штедачи ќе стане најбогата партија. Ама и тоа дека власта сега има дополнителна причина да не ги одмрзнува штедните влогови на граѓаните. Со заробени девизи не може да се прави пропаганда.
Првата најавена коалиција ги поттикна размислувањата под кој слоган таа ќе излезе на избори. Демократите досега одеа кусо и јасно: “Конечно”. Како ли тоа сега да се усогласи со слоганот којшто д-р Џамбазовски своевремено го употребуваше за рекламирање на неговиот рехабилитационен центар: “Влези искривен, излези исправен”. Конечно исправен!
3. “Јас исправам криви Дрини” е најверојатниот слоган со којшто лордот Дејвид Овен ќе ги рекламира моделите на една меѓународна текстилна компанија. Вчера беше соопштено дека неговата женевска канцеларија јавила дека мировниот посредник на Европската унија за бивша Југославија ќе стане директор на меѓународната текстилна компанија “Коутс Виеља ПЛЦ”.
Ова му доаѓа како еден вид унапредување. За време на неговото занимавање со бивша Југославија и особено со Босна, тој научи да црта, да крои карти, да креира територии. На почетокот настапуваше како манекен, со ноншалантно префрленото црвено шалче околу вратот. Потоа тесно ѝ го скрои на Босна и Херцеговина. Без сомнение, со такво кројачко искуство и мајсторија во креациите тој ќе биде од исклучително значење за текстилната компанија. Само, штета што, според соопштението од неговата канцеларија, оваа негова должност ќе биде од “секундарно значење”. Подобро сите свои напори да ги сконцентрира таму. Побезбедно е ако се утнат мерките на некој модел, отколку на цела држава.
4. Најлошо ќе поминат фудбалските клубови на Македонија, ако некој нивни навивач утне и во навивачки занес, наместо “Напред наши”! викне “Уа Ѕинго!”. Затоа што не знае дека во Фудбалскиот сојуз на Македонија донеле некаков правилник за дисциплинирање на навивачите, според кој се забранува да се употребуваат навредливи зборови на сметка на раководството на ФСМ. Државата Македонија го укина вербалниот деликт, ама претседателот на ФСМ Љубисав Иванов-Ѕинго, како држава во држава, повторно го воведе. Па така, ако некој навивач викне нешто против него или кој било од раководството на ФСМ, а тоа го сторил на прволигашки натпревар, фудбалскиот клуб ќе плати казна од 10 илјади марки, ако тоа се случи на второлигашки натпревар, казната е 5 илјади марки, а на третолигашки – уште помала.
Гледајќи ги пред некој ден на свечената трибина на натпреварот Македонија – Данска еден до друг, Ѕинго, претседателот Глигоров и премиерот Црвенковски, си помислив, што ако сега некој викне “Уа Ѕинго!”. Ако го исвиркаат претседателот на државата или премиерот, па и да викаат, против нив не е важно. Тие не спаѓаат во законите на ФСМ. Ама што ако некој викне: “Уа Ѕинго!”. Кој ќе плати? Казната ќе мораше да си ја плати ФСМ како организатор на натпреварот. И според рангот: трета лига, втора лига, прва лига, репрезентација – Ѕинго ќе мораше од фондовите на Сојузот да издвои 20 илјади марки.
5. Со мачнина ги следев расправиите на филмските работници во Македонија, нивните меѓусебни плукања по весниците, несериозниот однос на Министерството за култура, надуени филмски величини и повредени суети… Затоа, кога ги слушам извештаите за извонредниот прием на “Пред дождот” во Венеција – филм што и самиот имаше проблеми при снимањето, но за кој младиот режисер Милчо Манчевски во комуникацијата не падна под нивото на неговите постари колеги и со тоа не беше воопшто интересен за јавноста во државата, имам некакви симпатии, уште на невидено. Којзнае, можеби врз основа на чисто субјективна, младешка солидарност.
А можеби и затоа што било кое добро уметничко дело од Македонија за државата може да направи повеќе од многу преговори, посредници, дипломатски ноти, изјави… Можеби филмот нема да гостува на Меѓународниот фестивал во Солун, каде што е поканет. Во него сепак се зборува македонски, се споменува името на државата, се вее знамето со шеснаесеткракото сонце, во кадарот се појавува црвен авион на којшто е испишано името на компанијата “Палер Македонија” – па можеби сето тоа ќе биде пречка филмот да добие виза да ја помине една од најзатворените граници во светот. Но – филмот е поканет да се појави во Солун. Само тој податок е доволен да се докаже дека сите работи не ги прави политиката.