1. Црешовото топче ни дојде во Македонија. Турците ни го изнајмија на три месеци. Сега уште и српските попови да дозволат да ја ставиме плочата на АСНОМ во Св. Прохор Пчински барем на еден ден и ќе можеме мирно да ја дочекаме 2004 година. Затоа што премиерот Бранко ни порача дека дури в година Владата ќе се занимавала со економија. Идното лето нема да не интересира ни плоча, ни касета, ни црешово топче, ни српски попови. Ќе бидеме зафатени. Нема да знаеме како да ги потрошиме парите што ќе ги заработиме. Ќе бидеме растрчани по туристички агенции и ќе се думаме кое поскапо и поегзотично место на земјинава топка да избереме за летување. Се разбира, ако имаме одмори, оти сите ќе бидеме вработени и ќе го вртиме капиталот.
Зошто Бранко толку песимистички настапи за “Слободна Европа”? Зарем биваше да не растажува со изјавата дека можело и подобро во еден таков жиснерадосен момент пред свеченото пристигнување на Црешовото топче. Дај малку оптимизам Бранко! Вистина, можело и подобро, ама зарем не можело и полошо. Ионака веќе 12 години не велиме: “Од добро подобро!”, туку “Од лошо – полошо!” Ќути, имало и бетер.
Кога Бранко ни вели дека големи биле очекувањата, дали мисли на ветувањата што ни ги даваше пред изборите минатата есен. Кога на митинзите викаше: “На 15 септември…!”, што не ни кажа дека не треба премногу да очекуваме. Или, барем да се стрпиме до 2004 година.
Ако Владата мисли да се занимава со економија дури в година, се прашувам што ли работат министрите за економија, финансии, транспорт, земјоделие… оваа година. За нив нема работа оти Владата прво ќе ги решавала безбедносните прашања. Нека не трошат пари од буџетот, ако цела година се бескорисни. Нека ги испрати Бранко на принуден одмор. Гошев и Филиповски годинава се технолошки вишок.
2. Белким в година и медиумите ќе имаат попаметна тема отколку дали Пахомие ќе дозволи ставање на плочата на АСНОМ. Забележувате ли дека веќе две недели се занимаваме со дипломатските активности околу плочата, објавуваме изјави на функционери на српската и на нашата влада, правиме интервјуа со Никола Поповски дали ќе оди, или нема да оди во Прохор Пчињски… Теми – колку сакаш. Па после, кога нема да дозволат ставање на плочата, ќе следуваат коментари за клетите српски попови. И така ќе ни дојде 8 септември. Па после Нова година. Таман за да заборавиме на тоа што многу сме го очекувале од оваа влада, а што ќе го добиеме в година.
Која сериозна држава обрнува толку внимание на хировите на поп што е обвинет за педофилија? Може ли еднаш едноставно да покажеме барем малку достоинство? Објавете дека местото каде што се одржало Првото заседание на АСНОМ сега е на непријателска територија и – крај на приказната.
3. За централната прослава на Илинден во Крушево, нема специјални покани. Министерот за култура Благоја Стефановски рече дека сите партии се поканети и сите граѓани се добредојдени.
Во исто време излезе соопштение во кое се вели дека на 1 и 2 август, движењето по патиштата кон Крушево ќе биде ограничено. Па сега не се знае како гостите ќе стигнат до Мечкин камен.
Среќа што министерот Стефановски собра 100 коњи во чест на 100 годишнината од македонската државност. Со тие и со традиционалните коњи на Змејко, ќе можеме да поминеме дел од патот кон Крушево. Заради симболика, на пол пат ќе не тераат да го менуваме превозното средство. За да се покаже дека “големи биле очекувањата”, ќе не префрлаат од коњ на магаре. Што и не е толку лошо, оти и од лошо има полошо. Замислете ние да излеземе магариња. Ако веќе и не сме.
4. Воодушевен сум од досетливоста со која заменикот министер за транспорт и врски Дејан Кошутиќ ја бранеше идејата радиодифузната такса отсега да се плаќа на сметките за струја, ама да нема посебна ставка и да не знаеш што плаќаш. Тој рече дека до сега на шалтерите луѓето ги прашувале дали ја плаќаат цела сметка, или само струјата и тие имале право да избираат што ќе платат. Сега, кога на сметката не пишува колку е радиодифузната такса, луѓето ќе немале избор. И замислете – тој тоа го зборува како да е нормална работа да немаш избор. Убаво си одеше слоганот на Коалицијата “За Македонија заедно” – Еден е изборот. Нема избор.
5. Замислете што би било кога би имале избор. Би живееле во Арачиново.
Добро е што во Арачиново процентот на наплата на сметките за струја достигнал 10 отсто. Значи дека дури 10 отсто од арачиновци плаќаат и радиодифузна такса. Сега државата во знак на почит кон нивната лојалност веќе нема да им ја исклучува струјата.
Во ЕСМ не кажаа дали тоа што само 10 отсто Арачиновци плаќаат струја е по рамковен договор или не е. Да знаеме. Ако ним, што цело време не плаќале, а сега секој десетти плаќа, им пуштаат струја, тогаш дај и ние што сме плаќале цел живот, отсега да плаќаме само 10 отсто од сметките.
6. Гледајќи ги оние црно-бели серии што ни ги даваат на МТВ, со луѓе на кои веќе и двесетгодишен парастос им вадат, се прашувам: Зошто мене сега ми собираат пари, кога за таа програма платиле уште баба ми и дедо ми?