КОНСТРУКТИВЕН ПРАЗНИК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:122:"Владаштоимаваковсиндикатнетребадасегрижизасвојатаиднина

    1. Чудно, како оваа година не беше организирана првомајска парада. Мислам дека тоа е голема грешка на претседателот на Синдикатот, Живко Толевски. Требаше да реагира веднаш кога премиерот му рече дека Владата ја смета оваа годи­на за година на растеж. За да порасне во очите на премиерот, Толевски веднаш треба­ше да ги активира синдикалните организации низ целата држава и да направи грандиозна првомајска парада. На дело да покаже колку Синдикатот и власта се заеднички во борбата за остварување на националните интереси. Прво­мајската парада требаше да се организира под мотото: “Влада што има ваков синди­кат не треба да се грижи за својата иднина!”.
    За жал, парада немаше. Живко Толевски направи само свечена седница на Советот на синдикатите, на којашто, како што е редот, ги покани премиерот Црвенковски и министерот за труд и социјална политика Насер Зибери. Бранко Црвенковски беше поканет да присуствува на седницата, за да им каже на синдикал­ци­те какви треба да бидат во иднина за да ѝ се допаднат на Владата. Според извешта­и­те од свеченоста, премиетрот Црвенковски му оддал признание на Синдикатот и ја потенцирал потребата од неговото постоење! Замисли! Колку е добар премиерот! И демократ! Не само што им дозволува на синдикатите да постојат, туку вели дека и треба да постојат. Среќа што Владата го има Живко Толевски. Да го немаше, ќе требаше да го измисли.
    Откако се согласија дека и на Македонија ѝ треба синдикат, премиерот стави забелешка. Внимавајте, не било каков синдикат. На државата не ѝ е потребен послу­шен, туку конструктивен синдикат, му порача на Толевски Бранко Црвен­ковски и му дообјасни дека тој синдикат треба да води сметка и за националните интереси. Ете, таков синдикат ни треба. Не некој што ќе се бори за плати, за поголема социјал­на помош за невработените и тие што останале без работа, за редовна исплата на заработувачката, за пријавување на вработените на “црно”, против криењето и неплаќањето придонеси…
    Глупости… Со такви работи се занимаваат буржоаските синдикати, каде што капиталот е опиум за работничката класа. Ние тука правиме држава. И нашите работници се национално освестени, со висока свест за интересите на државата. Таман работа, како таму некаде во Берлин, да земат да демонстрираат за Први мај. А ваму границата со Србија неодбележана, Албанија нé признала како ФИРОМ, Бугарите не му даваат на ОМО “Илинден” да оди на гробот на Јане Сандан­ски, а преговорите со Грција во Њујорк продолжуваат во јуни. И оди ти, беснеј, барај поголема плата!

    2. И – бидна празник. Токму како што порача премиерот. Се фрли работ­ничка­та класа низ цела држава на конструктивно празнување. Насекаде во светот за први мај – демонстрации. И кај нас, исто така. Имавме масовна демонстрација. На добра храна. Насекаде во светот чад од солзавец. Кај нас очи не можеш да отвориш од чадот од распалените скари.
    Ова е многу значаен празник. Сигурно многу позначаен и од националниот празник “Илинден” и од  Денот на независноста 8 септември, штом се слави дури пет дена. На тие пак што во понеделникот го славеа и Курбан Бајрам им се фати цел годишен одмор.
    Па и вреди Денот на трудот да се прослави со пет дена неработење. И онака во државава имаме 220 илјади невработени. И уште толку пензионери. Редно е тие 350-те илјади што работат да одвојат некој денар од платите што им доцнат неколку месеци и покрај скара, со салата и ракиичка, да го величат достоинството на трудот.
    Во првомајскиот проглас Сојузот на синдикатите ги повика  работниците “да ја продолжат вековната борба за достоинство на трудот и овој празник да остане вечен симбол на таа борба”. Доста ни е со векови да јадеме тавче гравче и ајвар. Барем на овој ден, што е симбол на вековната борба за достоинство на трудот, ќе јадеме плескавици и ќебапчиња. А за да му докажеме на премиерот дека сме нацио­нал­но освестени и конструктивни, ќе се фрлиме и на понекое јагне, што останало од Велигден или што не успеало да отиде во странство. Ние ги штитиме интересите на државата, јадеме македонски јагниња и водиме сметка за солидарноста со вработените во кланичката индустрија.

    3. Во предвечерието на големиот празник на трудот Владата мораше да работи и да се занимава со прашањето: Кој ни подметна турски домати на пазарите? Какви се тие национално неосвестени елементи што го девалвираат трудот на македон­скиот земјоделец и му ги уриваат цените на раноградинарските производи со дома­ти од увоз? Вакво нешто и минатата година им се случуваше. Ќе влезат доматите како транзит и ќе останат во Македонија.
    А Владата се чуди! Од каде ли дојдоа доматите? Да не паднаа случајно од небо. Поминале ли некаква граница, турски цариници ли стојат на нашите гранични премини? Турско ли министерство за стопанство и турско ли минис­терство за надво­реш­ни работи ги издава потребните дозволи… Што ли ни прават, само да ни наштетат.
    Владата ги задолжила надлежните министерства и соодветните инспекции со заеднички настап да го спречат натамошното внесување вакви производи во земјава. Тоа значи дека надлежните министерства и соодветните инспекциски служби сега ќе вршат инспекција  на сопствената работа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари