1 Вчера во Брисел во седиштето на НАТО премиерот Груевски најави дека Македонија ќе испрати уште војници во Авганистан. Дури 4 отсто од војниците на АРМ ќе учествуваат во мисии на НАТО надвор од земјата. На тој начин Македонија според бројноста на војници во Авганистан пропорционално според глава на жител станува четврта најсилна земја во коалицијата против меѓународниот тероризам. А не сме во НАТО.
Генералниот секретар на НАТО Расмусен се заблагодари за “одлуката на Скопје”. Нормално, за да не ја навреди земјата членка на НАТО што испраќа нешто над 0 отсто од својата војска во Авганистан, не ни го спомена името, туку викаше “вашата земја”. И на сите прашања врзани за Македонија и НАТО одговараше “прашањето за името”.
Зошто испраќаме наши војници, а уште не не примаат во НАТО? Не ни имаат намера да не примат додека не се договориме со Грција. Зошто ние сакаме да го решаваме нивниот проблем? А не се занимаваме со нашиот? Политиката е обичен суров интерес и нема место за емоции.
Немаме ние толку војска да испратиме, колку што тие можат да бидат солидарни со Грција. Оти нели, “тие се внатре, а вие сте надвор”.
2 На почетокот на неделава што изминува државната МИА пренесе вест од грчки весник дека од денеска попустите во Солун ќе одат дури и до 70 насто.
Истиот ден беше објавено дека тим на ММФ ќе замине за Атина за да ја советува грчката Влада како да се извлече од огромниот долг.
Не знам каква е ситуацијата денеска на преминот Богородица. Но знам дека ние се трудиме да го решиме и овој нивен проблем. ММФ помага со совети. А ние помагаме конкретно.
И после некој во ЕУ ќе се осмели да каже дека Македонија не била кооперативна. Во право е премиерот Груевски кога бара Грција да зборува со факти. Така би објавила колку Македонците го помагаат нејзиното стопанство. Или барем би се заблагодарила.
3 И српскиот претседател Тадиќ понуди помош да посредува во решавањето на спорот меѓу Грција и Македонија.
Ние, како што не дал Господ кооперативни, можеме да му понудиме на Папандреу да биде посреденик во спорот меѓу МПЦ и СПЦ.
Па така, ако не подберат, барем нека не стиснат од двете страни. Да немаме каде да бегаме.
4 Колешката Биљана Секуловска на А1 правеше дебата за политичките напади и притисоците врз судиите на Уставниот суд. Дебатираа долгогодишната судијка на Судот за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска и пратеникот Александар Николовски, за кого во официјалната биографија на веб сајтот на Собранието пишува дека се уште е апсолвент на Правниот факултет во Скопје.
Толку ли ВМРО-ДПМНЕ не можеше да го испрати министерот за правда Михајло Маневски, или професорот Владо Поповски… Или било кој стручњак со поголемо познавање од она на студент пред завршување? Или намерата им е уште еднаш да докажат дека на силата на аргументите исцрпени од меѓународно искуство, во Македонија секогаш победува силата на аргументите исцрпени од партиската програма. Среќа што дебатата оди јавно, па се гледа дека партијата може да ти издејствува да се појавиш на телевзиија ,ама не може да те направи да бидеш рамноправен соговорник.
Ден пред тоа се појави и пратеникот Влатко \орчев да го брани законот за забрана за пушење. Тој дебатираше од аспект на сопруг на трудна жена и син на мајка пушач. И не убеди дека законот е добар оти мајка му пред законот пушела 20, а сега само 23 цигари дневно.
Ете идеја за колешката Биљана од А1 да направи нова дебата на тема: “Улогата на мајката во развојот на ВМРОвските кадри и нејзиното влијание за поттик за студирање”.
Тоа што Николовски и Ѓорчев се појавувуваат на телевизија, а немаат доволно школо и не е битно. Се работи за дебата и за лично мислење. Но, тие се битни фаци и во Парламентот, избрани пратеници за да ги носат законите. Таму стискаат копчиња што ни го менуваат животот. И после не им чинел Уставниот суд, оти им ги враќа законите.
Сепак, ако не им е доволен мотив тоа што се пратеници да завршат фалултет, белким овие трибини ќе ги опаметат. Тоа што партијата ги праќа да се појавувуваат јавно на квалификувана расправа ќе биде мотив конечно да завршат факултет. И еден ден да го достигнат нивото на соговорниците.
А тоа што и едниот и другиот два дена по ред доцнеа на емисија нема врска со образование. Тоа има врска со домашно воспитување. Освен ако не сакаат да го глумат премиерот. Не оди шефот да доцни, а тие на време да стасуваат. Не ќе да е толку строга партиската дисциплина, па ако не задоцнат да добијат и партиска казна.
5 Сите се жалат на новиот закон за забрана за пушењето. Се пожалил и еден прилепчанец. Вели, откако го забраниле тутунот, жена му отишла да пуши кај комшијата
6 Една невладина организација се закани дека ќе го даде македонскиот јазик на Уставен суд. Оти учениците Албанци во Македонија не можеле да учат македонски јазик од прво одделение. Ќе се збунеле. Биле многу оптоварени. Ќе им дошле многу јазици за учење.
Дали 14.000 првачиња Албанци имаат намера да живеат во Македонија? Или родителите ги спремаат да ги иселат. Што ќе им е македонски во Македонија. Ионака ќе живеат во Швајцарија.
Се уште не сме чуле дека таму одбиваат да учат германски и француски уште во прво одделение.
7 Македонија беше ставена на 21 место во Њујорк тајмс, од 31 земја што вредат да се посетат во 2010 година.
На сајтот имаше поставено еден единствен линк, и тоа за еден познат кафе бар во Охрид. Кога ќе кликнеш на линкот, тексот што се појавува е само на македонски, а галеријата за слики не работи. Тоа е многу корисна информација за некој што дури од Америка ќе реши да дојде во Македонија.