1 Сe си доаѓа на свое место. Мала криза и, оп веднаш Американец ти ја води државата.
По двојното убиство во Гостивар, прв со официјална изјава се појави американскиот амбасадор Пол Волерс. Додека македонските политичари молчеа, тој имаше да каже нешто. За секој случај. Рече дека случајот треба да се решава според законот и правните процедури. Што значи дека во Гостивар не пукал Македонец и убил двајца Албанци. Туку пукал полицаец и убил двајца граѓани.
Американскиот амбасадор само ги потсети локалните политичари дека нам сега не ни треба криза. А богами ни тие сега не сакаат да губат време и нам да ни решаваат криза. Побрза тој да испрати политичка порака, оти знае како тука функционира полицијата, како функционира судството, каков политички дијалог водат власта и опозицијата и како функционираат коалициите меѓу македонски и албански партии. Се исплаши Волерс да не му се отвори дополнителна работа во Македонија. Оти знае дека во кризни моменти најмногу се гледа колкав е капацитетот на македонските политичари. Се сведува на менување фасади и отворање тендери.
2 Ден пред тоа, американскиот амбасадор имаше потреба на македонските политичари да им испрати уште една порака. Дека не треба да го замајуваат народот со приказни за Чикаго и за НАТО. “Колку што знам, на агендата на НАТО во Чикаго нема точка за членство. Никој нема да го отвори прашањето, доколку се знае дека за него ќе нема консензус”, рече амбасадорот Волерс.
За разлика од претседателот Ѓорге Иванов, кој другиот ден во Штип му се налути на Волерс и побара грешката од Букурешт да се исправи во Чикаго, оти Судот во Хаг пресуди во корист на Македонија, мене ми е јасна пораката. Сфатив што сакаше да ни каже Волерс и за консензусот, и за солидарноста, и за долгогодишното партнерство и за непринципиелната политика и за пошироките глобални интереси.
Политиката е себична. Тие ќе се занимаваат со нас само ако има голема беља што може ним да им наштети. Како што имаше во 2001 година.
Значи, во случајот Гостивар треба да важат правдата и законот. А во случајот Чикаго правдата не важи.
Зошто НАТО не нe прима? Оти му се може. И оти има сила. Зошто не почнуваме преговори со ЕУ? Зашто и` се може. И оти има сила.
Е па и на Груевски му се може. И тој има сила. Тој е НАТО во мало. Кога сака бомбардира, кога сака преговара. За кого сака му важат законите, за кого сака не му важат. Со кого сака разговара, со кого не сака се кара. Кој не му противречи напредува, кој се буни го снемува. Што му се допаѓа надградува, што не му се допаѓа менува фасади…
Тие му пишуваат негативни извештаи за реформите во судството и за нефункционирањето на правната држава, а во исто време, му порачуваат дека за влез во НАТО не важи Судот во Хаг, и за почеток на преговори со ЕУ не важат Копенхашките критериуми. Единствениот критериум кој важи е силата. Груевски тоа го научи од нив.
3 Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за криминалното минато на полицаецот убиец од Гостивар рече дека таа во 2002 година, кога тој бил примен на работа, не била на власт.
Не кажа дека Бранко е крив.
4 И шефот на неформалната влада во сенка на СДСМ Мирослав Грчев не кажа дека Бранко е крив. Напротив, кога од “Нова Македонија” го прашале зошто генералниот совет на партијата не функционира како влада во сенка, Грчев објаснил: “Влада во сенка воопшто не е на дневен ред во СДСМ. Влада во сенка се прави во демократски општества каде што опозицијата рамноправно партиципира во јавноста, како и самата власт. Нашето општество не е демократско. Во такви услови формирањето влада во сенка е наивно и несоодветно на реалноста”.
Стварно е несоодветно. Во која реалност тие живеат? Ако СДСМ не е на власт, тогаш општеството, по дефиниција, е недемократско. Најголемата опозициска партија со пратеници во Собранието и со стабилно гласачко тело, што редовно учествува на избори, па и победувала, тврди дека живееме во диктатура. Ако е навистина така, тогаш нивниот придонес за диктатура е исто толку голем колку тој на власта. Тие се соучесници.
Кој да понуди излез од диктатурата, ако не опозицијата? Што сакаат тие? Да фаќаат сеир во Собрание, да лаат по кафеани, да се жалат по странските амбасади и да чекаат ние да се умориме од Груевски, за пак нив да ги изгласаме. Тоа ли е понудата на СДСМ за демократија?
4 По зградата на Владата, зградата на Министерството за транспорт, и на кафеаната “Пелистер”, дојде редот за НАМА и за поранешен “Метропол”. Треба да се преоблечат во барокни калапи. Таа вест ме натера да размислувам што ли значи фразата што власта упорно ја повторува дека Македонија бара решение за името што нема да задира во идентитетот. За какво зачувување на идентитет зборуваме, ако власта брише 50 до 70 години од историјата на сопствената држава, и тоа само затоа што не и` се допаѓа? Што е тоа, ако не е бришење на идентитетот? Што е најстрашно, идентитетот не ти го брише ни Грција, ни Србија, ни Бугарија, ни Албанија. Тоа ти го прави твојата држава.
Ме плаши леснотијата со која власта е спремна да ја брише реалноста што не и` се допаѓа. Денес не им се допаѓаат фасадите. Утре нема да им се допаѓаат граѓаните!?
5 Дека националниот идентитет е приоритет за оваа власт, најдобро се виде оваа недела. Без струја останаа врвните национални институции Македонската опера и балет, Националната и универзитетска библиотека, Танец, Театарот во Штип, Библиотеката во Битола. Не платиле за струја, и ЕВН ги исклучи.
Најдобро во одбрана на националниот идентитет се снашол директорот на Библиотеката во Битола. Се приклучил на диво и крадел струја од комшиите. На телевизија изјави: “Ги презедовме сите активности за да функционира Библиотеката”. Кога е идентитет во прашање, и крадење струја не е грев.
Една недела претходно, власта што не плаќа струја за клучните културни објекти, одобри 120.000 евра за светилки за нова барокна фасада во центарот на Скопје.
6 За малку ќе ја заборавев главната вест. Македонија доби автобус што ќе вози од центарот на Скопје до аеродромот “Александар Велики”. Дури и торта сечеа. Славеа. Александар побрзо до Индија стасал отколку што ние добивме автобус до аеродром.
Чудото со автобусот се случи ден откако беше украден кабел на пругата Скопје Велес и цел железнички сообраќај беше во прекин.
А вчера покажаа како ќе изгледаат бродовите кои градоначалникот на Скопје Коце Трајановски ќе ги донесе на Вардар. На плажата Коцекабана ќе заринка “Коце Конкордија”.
Ај сега биди лош и не ја сакај Македонија!