1. Кој вели дека најавеното отворање на универзитет на албански јазик во Тетово е политички проблем? Дали некој смета дека прашањето треба да се разгледува во рамките на системот за образование? Нема врска. Ако некој сé уште има дилеми, нека ги погледне снимките на кои се гледа како државата правилно го лоцирала проблемот и од сите расположливи инструменти за негово решавање се решила за најсилниот – булдожерот.
Така, албанскиот универзитет среде Македонија се сведува на урбанистички проблем. Дивоградба. Од сите можни државни структури кои требаше да се занимаваат со ова прашање, најагилно излезе Министерството за урбанизам, односно неговата тетовска подрачна единица. Па расчистувањето на случајот започна со уривање на покривот на несудениот ректорат. И на оградата. Кај оди универзитет без покрив? Башка и да сакаат да го отворат, инспекциите на истата подрачна единица нема да му дадат дозвола за работа, затоа што без покрив не ги задоволува основните хигиенско-заштитни стандарди. А без ограда, студентите ќе бегаат од часови кога ќе ги пуштат на паузите за голем одмор.
Велат дека во урбанистичкиот проблем има зрнце политика. Тоа некои параноици виделе создавање на паралелен образовен систем, па си смислиле цела приказна дека и тоа е еден од чекорите за создавање паралелна држава. Тие дури и за уривањето велат дека имало симболика. Демек оградата настрадала затоа што таа била симбол на гетоизација на Албанците во Македонија. А покривот затоа што некој сака да стави капа на целата работа.
Нема место за паника! До денес не се има јавено никој иницијативен одбор за формирање албанска академија на науките и уметностите со седиште во Гостивар.
2. Затоа пак се јави управата на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје со соопштение дека усвоила Концепт за едукација на воспитувачки кадри за предучилишните установи и наставнички кадри за основните и средните училишта и дека овој концепт обезбедува студентите припадници на националностите, методиките да ги слушаат и полагаат на својот јазик. Ај мајката! Како една работа што се влече три години бива усвоена само на два дена пред најавеното насилничко отворање на албански универзитет. Нели Унијата на албанските интелектуалци уште пред три години бараше педагошки факултет? Нели толку време траат и расправите за тоа прашање, со него се занимаваат и разно-разни експерти и медијатори од странство, а управата на скопскиот универзитет доби сила дури по понеделничкото соопштение на Владата. Ова само како прилог на тезата за автономија на Универзитетот. Мислам на овој легалниот, зашто тој тетовскиот веќе ја има апсолвирано таа проблематика.
Впрочем така е со секоја работа што има макар и најмала врска со меѓунационалните односи. Зошто минатиот состав на Собранието не успеа да го донесе сопствениот деловник за работа? Што се случи со законите за локална самоуправа, за судовите, за употребата на јазиците на националностите… Сé се остава за некои други времиња. Прашање е само дали ќе бидат подобри или полоши.
Што се однесува до иницијаторите за албанскиот универзитет, тие се јасни: можат властите да ги урнат и сите куќи, тие него ќе го отворат. Чудо едно како тие луѓе така ладно зборуваат за уривање на куќи. Си велиш, школувани луѓе, доктори на науки, професори. Зарем не им се будат некакви грозни асоцијации и на самото споменување за уривање? А и овие што ги урнаа покривот и оградата свршија работа. Фадил Сулејмани стана национален херој.
3. Таков тип национални херои, ем доктори, ем научници, дрмаат со светот. Ете, сега д-р Радован Караџиќ им забранува на авионите на ОН да слетуваат на сараевскиот аеродром. Ќе им дозволел да го користат само за ротација на силите на УНПРОФОР. Тие треба да ги најавуваат своите летови во штабот на Караџиќ на Пале.
За разлика од Босна, кај нас УНПРОФОР може несметано да си ја извршува својата задача. И не треба да бара дозвола од никого. Напротив, работи заедно со Владата.
Пред некој ден искрено се потресов кога ја прочитав веста во весниците дека УНПРОФОР и УНИЦЕФ во соработка со Владата започнале активности на здравствен план за сузбивање на вошливоста кај учениците. Во основното училиште “Моша Пијаде” во скопската населба “Ѓорче Петров” на 800 ученици им поделиле шампон против вошки.
Ова веќе заслужува официјален протест. Од кога тоа УНПРОФОР во Македонија го прошири својот мандат. Тие се тука за да јавуваат и набљудуваат нешто да не ни дојде од надвор. Ако се докаже дека вошките се наши, тоа е веќе мешање во внатрешните работи и сериозна закана за суверенитетот.
4. Видоа Грците како нивните пријатели Срби се однесуваат со УНПРОФОР, па се обидоа и тие да ги имитираат. Прво им дадоа дозвола на Нордијците да го користат солунското пристаниште за редовна ротација, па потоа ги држеа неколку часа на граница. Демек, не им јавила Владата во Атина дека ќе пристигнат. Не помислиле белким дека нашава армија бојадисана во бело оди да им го освои Солун.