1 Многу се зборува за притисоците врз новинарството. Ама бидејќи завчера го славевме дванаесеттиот роденден на ВЕСТ, уште ме држи добро расположение. Па ќе ви раскажам една анегдота на која се смееме на работа, оти отсликува како тие притисоци понекогаш излегуваат комични.
Ми се јавуваат гласници од партијата и вознемирено ми соопштуваат дека во штабот забележале застранување на весникот оти „не сте објавиле ништо за кружниот тек“. Јас немам поим за каков кружен тек станува збор, ама си велам толку ли е важен тој кружен тек, па дури и за него мора да има партиска реакција. Па уште и добронамено ме предупредуваат дека „тука веќе никој не може да ги убеди дека необјавувањето на информацијата за кружниот тек не е по налог на Бранко“. Добро. И тоа сме го чуле, ама слушајте го сега ова: не само што е по налог на Бранко туку јас сум убедувал и колеги од други медиуми да не објавуваат ништо за кружниот тек.
Нејсе. Го примам притисокот како по опис на работно место и ја викам уредничката на Скопска рубрика. Ја прашувам: Кој е тој кружен тек кој на власта толку многу иж значи, а ние не сме го објавиле, а богами ни на вести на МТВ претходниот ден немаше ништоо. Таа ми вика дека, колку што знае, нема нов кружен тек, ама, за секој случај, ќе провери уште еднаш, да не има некој нов споменик на некој стар кружен тек.
И се фрламе ние во истражувачко новинарство. Цела Скопска рубрика и фоторепортерите растрчани низ Скопје го бараат фамозниот кружен тек за кој дури и порталот Курир нема ни збор објавено. Во меѓувреме, и колегите од комуналните рубрики на другите весници го бараат кружниот тек, за да не излезе дека намерно ја саботирале веста по налог на комуњарите. И по обемна истрага и сеопфатно чешлање на цело Скопје, на крајот на денотдојдовме до заклучок.
Не било Кружен тек. Било Јужен тек.
2 Што е уште посмешно, ние веста за Јужниот тек, по кој министерот Зоран Ставрески евентуално ќе донесе гас од Русија до крајот на 2015 година, ја имавме објавено, ама не на насловна страница. И други колеги што беа искарани, исто ја објавиле веста, ама со некои наслови кои, веројатно, не му паднале во очи на Центарот за комуникации.
И сега што? Тој што се јавува од партијата, видел дека нема на насловна, па не ги ни читал весниците за да види дека веста, всушност, ја има. Не само што не ги видел весниците туку претходниот ден ни вести не гледал, за да знае дека нема нов кружен тек за кој евентуално мора да се пишува. Добро е што Јужниот тек станал Кружен тек. Зашто, ако се прекинеле комуникациите во Центарот за комуникации, можеше и министерот Ставрески од веста за гасоводот да стане Ставре. Па на крај ќе избиеше уште поголема паника. Зошто го немаме војвода Ставре на коњ на новиот кружен тек?
Ветувам. Во иднина нема да има недоразбирање. За да се прави разлика меѓу Кружен тек и Јужен тек, ние ќе го пишуваме Јужен поток.
3 За разлика од Кружниот тек, на кој не му дадовме никакво значење, мислам дека Зелениот бран на Партизанска во Скопје добро го истретиравме. Нема зборови за такво големо достигнување во екот на европската економска криза која, ете, за жал, ја зафаќа и Македонија.
И затоа ми е криво што спектакуларно најавениот Зелен бран, со кој сите треба да се гордееме, вчера не функционираше. Само еден ден откако се сликаа да го одбележат ова големо достигнување, од градот испратија соопштение дека „поради чести испади на електричната мрежа, зелениот бран на булеварот Партизански одреди, кој во четвртокот беше воспоставен, често е надвор од функција“.
Е ваков дефект, сто отсто сум сигурен дека не можел Бранко сам да го направи. Мора да се здружил со Љубчо.
4 Ова не е анегдота. Ова е политичкиот амбиент во Македонија:
Од една страна Бичиклиски секој ден држи пресконференции и прашува зошто Бранко молчи за изјава на некој српски криминалец, дадена пред две годинина на некоја босанска телевизија за наводен шверц на нафта од пред 15 години.
Од друга страна Љубчо и Бранко се умислија дека се Сталин и Черчил што се обединиле да го поразат Хитлер.
Од една страна е сопствената опседнатост од достигнувањата и опиеноста од нивниот успех што води до апсолутна контрола на на се што мрда и лета. Толку се свесни за својата надмоќ, што дури и кружен тек и зелен бран не оставаат да помине незабележано. Од друга страна е безидејноста и дезориентираноста дека шест години чмаат во опозиција, а кога биле на власт чмаеле под сенката на Бранко, и не се ни надеваат дека наскоро ќе се вратат на власт.
Од таму е хистеријата . Од таму е и гневот со кој се хранат и едните и другите ,и отровот со кој не трујат.
Во секое зло има и добро. Во случајов се разоткрија и едните и другите. Не станува збор ни за идеологија, ни за државотворност, ни за одговрност, ни за чесност, ни за морал, ни за визија. Од ова цунами од злоба и отров кога зборуваат едни за други, апла се гледа дека единствено им е важна борбата за власт и личната корист.
А локалните избори се в година, во март. Ало! ЛОКАЛНИ избори се. Не утре. Не на 15 септември. Туку в година. ИДНАТА година. ИДНАТА пролет.
Ако локални избори уште сега им се прашање на живот или смрт, што ли ќе биде на парламентарните избори? Нема да има опција за живот?
5 Туку, добро е што Владата со субвенции на странска компанија овозможи евтини летови до Европа. Ако решиме да му избегаме на цунамито од злоба, барем преселбата од Македонија да ни биде поевтина. Ќе доаѓаме еднаш годишно, ќе донесеме подароци за блиските и ќе им завидуваме: „Уф, што убави кружни текови ви направиле. А и зелениот бран ви се погоди“.