КУКЛИ ЗА ЕРГЕНИ

Имаше шанса да блесне како политичар. А тој блесна на плажа. Што убава боја фатил.

    КУКЛИ ЗА ЕРГЕНИ

    1 Се извадив од памет. Не знам и кој не би се извадил ако внимателно го слушал говорот на премиерот Никола Груевски на Илинден во Крушево. Јас многу сериозно го сфаќам секој негов говор, па и овој, кога ни најави дека “следуваат моменти во кои сите ние ќе бидеме соочени со бројни предизвици кои ќе имаат за цел да го раздвојат македонското национално ткиво по неколку линии, внесувајќи немир, вознемиреност, можеби и фрустрација и чувство на девалвација кај Македонците”.
    Јас веќе почувствував вознемиреност. А како да не бидеш вознемирен кога премиерот во празничен говор ни соопштува дека ќе бидеме соочени со “провокација од разни структури, домашни и однадвор, на разбивање на кохезијата на македонскиот народ, на повторно етикетирање и стимулирање на вештачки подвојувања, и тоа ќе се обиди во насока да се компромитираат македонските државни и национални интереси, кои се длабоко исправни и реални”. Премиерот вели дека е свесен за тоа и “ние ќе одговориме заедно со нашиот најсилен сојузник народот”.
    Премиерот мора да знае нешто повеќе од нас штом решил да го стави тоа во празничен говор. Кога премиер на која било држава ќе сподели со јавноста вакви страшни сознанија дека некој сака да ги компромитира државните и националните интереси, тоа мора да го кажува врз основа на сериозни разузнавачки податоци и анализи. Сигурно и американскиот претседател Обама немаше да затвори 22 амбасади на САД во светот ако неговите разузнавачи не му го сугерираа тоа. Празникот помина, говорот се репризираше на МТВ тричетири пати, Груевски, веројатно, замина некаде, ама до денеска не чув дека некој го праша премиерот врз основа на какви податоци и анализи тој ги сподели стравовите со нас. Дали се тоа истите разузнавачки извори кои му шепнаа на претседателот Ѓорге Иванов да му даде поддршка на турскиот премиер Ердоган, оти зад протестите во Истанбул стојат странски сили?
    Што значи кога премиерот ќе соопшти дека разни домашни и однадвор структури ќе ја разбиваат кохезијата на македонскиот народ? Дека ќе се занимаваме со внатрешни непријатели? Или, можеби, има некој надворешен што треба да го фатиме?

    2 Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски во понеделникот одржа пресконференција за отчет што сработил, под наслов “100 дена слободна Општина Центар”.
    Слободна? За што? За да може градоначалникот слободно да си оди на одмор и да спојува викенди? Кога дојде на власт, кога почна да работи, кога се измори од работата? Ноќта меѓу саботата и неделата полицијата му ги растера сограѓаните сосила и ги исече дрвјата кај хотел “Бристол”. Градоначалникот кој живее на 200 метри од паркот, се појави другиот ден. Наспан, освежен и џвркнат од сонцето. Рече дека бил многу згрозен. И свика итна седница на Советот на Општината. Ама во среда по три дена. Не баш толку итно за да не им го расипе продолжениот викенд на сопартијците и на коалициските партнери. И не прекуден, оти е жешко, туку навечер, кога ќе зајде сонцето.
    Се сеќавам дека кога го основавме “Вест”, решивме да не одиме ни на викенд ни на одмор, затоа што излеговме среде лето на 5 јули. Цели осум месеци ги работевме сите викенди. Дури после се охрабривме да правиме дежурни екипи. Оти сакавме да се докажеме. Оти сакавме да успееме. Оти сакавме да бидеме најтиражни. Оти сакавме да ја тепаме конкуренцијата. И што е најважно чувствувавме одговорност кон тие четирипет илјади читатели кои на почетокот ни дадоа доверба, па среде лето почнаа да го купуваат новиот весник. Нив не смеевме да ги разочараме, а моравме да придобиеме нови.
    Андреј Жерновски има одговорност пред најмалку 15.000 жители на Општината, кои гласаа за него. Одговорноста е дотолку поголема што луѓето ги малтретираа дури три пати да гласаат за него. Одговорноста е уште поголема оти многумина гласаа не за Андреј, туку за инает на ВМРОДПМНЕ. Затоа треба да има и поголем предизвик да успее. Да им докаже дека вредело да се гласа за него. Андреј има одговорност и кон странските амбасадори кои меѓу вториот и третиот круг се сликаа со него. Не дека многу го сакаа. Туку затоа што сакаа да $ пратат порака на ВМРОДПМНЕ дека знаат за нивното силеџиство.
    Неговите сограѓани седат во шатори покрај “Бристол”, го чуваат паркот, садат нови дрвја и упорно се обидуваат да докажат дека не е до дрвјата. Дека е до покажувањето сила.
    На толку силна поддршка и очекувања, Жерновски самиот требаше да се врзе за дрво. Тој самиот требаше да биде влечен од полицијата. Тој самиот требаше да спие во шаторите. Тој самиот требаше секој ден да држи говори. Имаше шанса да блесне како политичар. А тој блесна на плажа. Што убава боја фатил.

    3 И власта одмора. Премиерот им дал задолжение да бидат дежурни министрите Миле Јанакиески и Никола Тодоров. Секој ден мораа да промовираат по нешто. Од кукли до авиони.
    Министерот Јанакиески се појави на пресконференција на унгарската авиокомпанија “Визер”, на која беа најавени три нови лета од април идната година. Во која држава министер за транспорт промовира летови ем на странска ем на приватна компанија, и го претставува тоа како инвестиција и државен успех? Па во држава во која Владата $ дава субвенции на таква компанија. Нема логика, ама функционира. Да се промовирало нешто. Да има што да се јави на вести. И да личи на успех.
    Знаете што е добро со компанијата што ја промовираше министерот? Тоа што за разлика од другите компании, овде секој патник, ако плати, може со себе да носи дури шест големи патни торби. Едно четиричлено семејство може да се спакува во 24 торби. Комотно да се исели. Сосе фотоалбумите. За да раскажува колку е убаво во Македонија.

    4 Министерот за здравство Никола Тодоров промовираше кукли на кои лекарите ќе вежбаат како да оперираат. Тоа е супер. Иако, колку вреди животот во Македонија, можеби, е поевтино сè уште да вежбаат на луѓе.
    Куклите се купени за проектот реформа на здравството. А за проектот “многудетно семејство”, пратеникот Влатко Ѓорчев би можел да промовира друг тип кукли за вежбање. За да може ергените од неговата партија да вежбаат додека не најдат сродна душа за размножување. За да не пука пиштолот во празно.

    5 Минатиот викенд имаше застој на патарините. Се чекаше и по неколку часа на патарината кај Куманово.
    Остроумниот репортер на една телевизија прецизно ја лоцираше вината за хаосот на патарините. Рече: “Туристите ги блокираа патарините”..Охридскиот осет за туризам се проширил дури до Куманово.

    6 Австриската приватна компанија за дистрибуција на струја ЕВН заедно со државната компанија за производство на струја ЕЛЕМ ќе ја реновираат фасадата на познатата зграда со стаклена фасада од времето на модерната архитектура за да се вклопат во амбиентот на “Скопје 2014”. Заедно ќе потрошат 4,3 милиони евра.
    Ај државната ЕЛЕМ што ќе плаќа, јасно ми е. И онака цело “Скопје 2014” оди на државна сметка. Ама како се најде во приказната приватнава компанија од Виена што треба да инвестира во трафостаници, броила, квалитетно напојување со струја и мрежа? ЕВН уште не обезбедил да не ни снемува струја секој пат кога малку повеќе ќе залади и ќе се оптовари мрежата, ама ете, фасадата мора да е приоритет. Во Виена немаат такви предизвици, оти си имаат барок, и тоа одамна. А тука предизвик најдоа во можноста да го сменат ликот на авторско архитектонско дело, кое е идентитет на градот повеќе од половина век.
    Од каде Австријците ќе ги извадат тие пари? Од нивниот профит? Или ќе скастрат од квалитетот на снабдувањето со струја? Или, можеби, ќе наплатат струја во Кондово и во Арачиново?
    Во сметките за струја што ни ги испорачува ЕВН има една ставка за ангажирана моќност. Таа ставка секогаш ми била нејасна. Е сега веќе добива смисла. Ќе плаќаме за барокна моќноста.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира