1 Натпреварот за Купот на Македонија меѓу “Шкендија” и “Тетекс” во средата беше два пати прекинуван поради националистички и шовинистички испади на двете навивачки групи. На крајот беше одложен. Ќе се игра утре, ама без публика.
Ова без публика ја губи смислата на настанот. Оти кога се игра фудбал за освојување на националниот куп во која било држава, би било нормално тој натпревар да биде празник за фудбалските фанови и убава забава. Исто како што би било нормално таа држава да биде кадарна да спроведе и попис. Можеби кога нема да се лажеме за бројот на навивачите, не ќе мора да се игра без публика.
Ако синоќа во Скопје македонскиот прволигаш “Вардар” и германскиот прволигаш “Шалке 04” пред публика играа пријателски фудбалски натпревар, тогаш што е дуелот меѓу тетовските тимови “Шкендија” и “Тетекс”, што мора да се игра без публика? Непријателски фудбалски натпревар?
2 Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на одлуката на регулаторната комисија со која и оние што се исклучиле од парно греење ќе мораат да плаќаат за греење по околу 10 денари од квадратен метар. Судиите сметаат дека “индиректно и исклучените од парното, поради вертикалните системи на топлификациската мрежа во зградите, добиваат одредено греење, со што стануваат пасивни потрошувачи”.
Имам предлог. Таму некаде кон средината на декември, па докај март, уставните судии нека организираат една подготвителна седница во просторија која е исклучена од парно греење. Ама во просторијата да има и цевки кои одат кон горните и долните катови. Дали под судиските тоги ќе облечат дебели џемпери, дали ќе дишат забрзано, дали ќе се гушкаат меѓусебно и какви алтернативни начини за догревање ќе смислат нивни проблем. Важно е да почувствуваат топлина на пасивни потрошувачи, оти ќе добиваат одредено греење од цевките.
Среќа што Уставниот суд сe уште не расправал по некој приговор на непушач. Еве, на пример, јас можам да поднесам приговор против пријатели што пушат дома кога им одам на гости. Јас сум непушач, ама кога седам во пушачко друштво, станувам пасивен пушач. Страв ми е дека како пасивен пушач, судот ќе ми наложи да намирам дел од трошоците за цигари. Со образложение дека “индиректно и непушачите, поради вдишување на чадот од пушачите, добиваат одредено количество никотин, со што стануваат пасивни потрошувачи”.
3 Четворица кандидати за претседател на СДСМ ги исполнија критериумите на партијата за да можат да учествуваат во трката за лидер. Така одлучил Извршниот одбор. Истиот Извршен одбор донел одлука за иницијативата на над 20.000 членови за останување на Бранко Црвенковски за лидер на СДСМ да се расправа на Конгресот. Иако Бранко рече дека нема да се кандидира. Четворицата кандидати мораа да поминат низ филтерот на партијата, а Бранко оди директно на конгрес.
Значи, изборот на лидер на СДСМ идната недела ќе биде како Избор на песна на Евровизија. Бранко им доаѓа нешто како “големата петорка на Евросонг”. Без разлика какви им биле резултатите на минатите избори, Германија, Франција, Велика Британија, Шпанија и Италија одат директно во финале.
Зоран Заев, Зоран Јовановски, Игор Ивановски и Кире Наумов мораа да пеат за да влезат во финалето. А Бранко, иако си го отпеа своето, има шанса пак да пее за победник.
4 Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристевски на една трибина за вработување на младите рече: “Не ја прифаќам констатацијата дека во Македонија тешко може да се најде работно место, туку е проблем да се ангажираат дел од луѓето да прифатат да бидат работно ангажирани”.
Значи, во Македонија има работа, ама луѓето се пребирливи. И оние што немаат работа не сакаат да работат сешто.
Во Македонија, некои луѓе навистина избираат работа. На пример, избираат во кое министерство да се вработат. Или избираат дали да станат директори или амбасадори. Откако претходно го направиле вистинскиот избор. Се зачлениле во вистинската партија.
Оние што не се зачлениле, се осмелиле. Заминаа во странство по работа.
5 Откако Србија и Косово се договорија, многумина велат дека сега е ред и Македонија и Грција да постигнат договор.
Не мислам дека спорот меѓу Србија и Косово е полесен за решавање од нашиот спор за името. Ама има една клучна разлика. Ни Србија ни Косово не се членки на ЕУ и на НАТО.
Да беше Србија, како Грција, членка на ЕУ, дури тогаш Косово ќе видеше што значи да исполниш добрососедски односи и да бидеш кооперативен во барањето компромис.
6 Ако сакаш да видиш каде живееш, тргни по шалтерите на јавни институции. На пример, еве, како пензионер, оди да се пријавиш за електронска здравствена картичка во Фондот за здравство.
Тоа изгледа вака. Прво од пријавницата во Фондот треба да земеш апликација. За тоа чекаш во долга редица. Потоа треба да одиш во банка за да уплатиш за картичката. И за тоа чекаш редица. Потоа треба да одиш на фотокопир да ископираш лична карта. Ако си заборавил да земеш чек од последната пензија, пак ќе се вратиш да почекаш во банка. Потоа се враќаш на шалтер во Фондот за здравство. Таму има огромни редици, на кои веќе ни редот не им се фаќа. Кога ќе стигнеш на ред, може да се случи да ти кажат дека ти фали изјава со која се согласуваш дека Фондот може да ја користи твојата фотокопија од лична карта. Е тогаш се враќаш назад на пријавница за да ја земеш изјавата и да ја пополниш. И потоа пак назад во редот за да ти дојде редот. Притоа чекаш во мала просторија, во која нема ни воздух за дишење. Вработените зад шалтерот се навистина љубезни. И работат во две смени. Ама не можат да ти помогнат. Едноставно тоа е тоа.
Кога по неколку часа, конечно, ќе завршиш работа, сфаќаш дека работата допрва треба да се заврши. Големото финале е аплицираш за електронска картичка, демек напредни сме, а тие те запишуваат во арабаџиски тефтер. И ти даваат пусулче со бројче. Кога ќе ги прашаш, што да правам со бројчето, ти викаат: “Не знам, ќе кажат на телевизија”.
7 За да ги зачуваме пензионерите со добро здравје и подолг живот, оти тие ни ги ранат семејствата, оваа процедура може да ја заврши и некој помлад. Ако има работа, нека си земе слободен ден. А ако, пак, е некој од оние мрзливите што избираат работа, за кои се жали министерот Спиро ете им работа. Пензијата мора да се заслужи.