КУПАЌИ – ЕЛКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:136:"Ајсегапатриотитеипредавницитедагиподелимеипоестетскикритериуми.

    1 За прв пат по седум години можеме на раат да си одиме на одмор во Грција без да го чекаме Самитот на ЕУ на крајот од јуни. Оти на тие самити секогаш ги чекаме извештаите за Македонија и дали ќе добиеме датум за преговори. Е па, за среќа, оваа година на Самитот, што ќе се одржи на 27 и 28 јуни, за Македонија нема да има ниту заклучок ниту датум за преговори. Конечно, можеме да здивнеме од чекање датум, оти во делот за проширувањето на Унијата евентуално ќе се носат заклучоци само за Србија и за Косово.
    Сега веќе полесно може да се дише. Ниту Владата мора да брка некакви стандарди од кои божем зависел датумот, ниту, пак, ние ќе се надеваме дека од тој датум ќе ни биде подобро. Животот ни се сведе на чекање датуми и читање извештаи. Те чекај го крајот на јуни, па чекај го крајот на декември. Ако нема датум во декември, ќе го чекаме јуни. Купаќи, елка, купаќи, елка, помина животот.
    Е па нема да го чекаме декември. Нашиот датум дојде. 21 јуни прв ден на летото. Само вчера и завчера над 20.000 Македонци ја поминаа границата со Грција. А зошто да не заминат? Мирно море, жешко време… Преземаме конструктивна акција за добрососедски односи.
    2 Единствено се плашам со секое ново недобивање датум, каква ли нова поделба ќе нe снајде. Оти премиерот Груевски на прославата на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ ја спомена Грција дека избегнува интензивни разговори за отвореното прашање, ама рече дека има и фактори однатре кои се обидуваат да им дадат аргументи на оние од ЕУ да го попречат нашето зачленување.
    Тамам доволно кажа за повторно да се интензивираат поделбите на патриоти и предавници. Веќе не треба ни да мислиш поинаку. Доволно е само да поставиш прашање за кое владејачкото мнозинство мисли дека не треба да се поставува и автоматски стануваш предавник, непатриот, кодош на државата, комуњар… Небаре тие што поставуваат прашања и критикуваат се мешаат во работи на некоја друга држава, а не на својата. Па белки и тие што не се согласуваат стопроцентно со сите политики на ВМРО-ДПМНЕ имаат право да живеат во оваа држава. Па и да критикуваат. А ВМРО-ДПМНЕ да може да го поднесе тоа.
    Ако толку сакаат да ја поделат Македонија на наша и нивна, нека извинат што не сакам да им учествувам во играта. Македонија е една таа во која сум избрал да живеам. А и немам друг пасош, освен македонскиот. За нив не сум сигурен.
    Велат дека карактерот е судбина. Се прашувам дали поделбата е во табиетот на Македонецот. Не ни се криви ни Турците, ни Србите, ни Бугарите. А богами ни Грците. Оти по 100 години повторно поделбата ни е судбина. До каде ќе одиме? Дали откако ќе завршиме со делењето на патриоти и предавници, следната делба ќе биде на живи и неживи?
    Па, ене го на влезот во Општина Кисела Вода , Тодор Александров како споменик на една таква поделба во историјата. Што сакаме? За некои педесет години да градиме споменик на некој нов Александров?
    3 Американскиот заменикпомошник државен секретар Филип Рикер и на власта и на опозицијата им порача дека Македонија во спорот со Грција треба да го следи примерот на Косово и Србија.
    Има една клучна разлика меѓу двата спора. Ни Србија ни Косово не се членки ни на ЕУ ни на НАТО. Да беше Србија членка на ЕУ, а Косово да чекаше датум за датум, дури тогаш Косово ќе видеше што значи да исполниш добрососедски односи. И да бидеш кооперативен во барањето компромис.
    4 Гледам лидерот на ДУИ бил на пикник со Филип Рикер и со американскиот амбасадор Пол Волерс некаде во близина на Кичево. Во својата дипломатска активност пред тоа, Ахмети разговарал за името и со грчкиот амбасадор Лалакос. Во Мала Речица го примил и шефот на канцеларијата на НАТО во Македонија Александар Александров. Во Берлин даваше интервјуа за германски медиуми и бараше помош за евроатлантските интеграции на Македонија. Пред тоа беше на дипломатска обработка во Вашингтон.
    За тие што не знаат, ДУИ е коалициски партнер во Владата на Груевски. Нејзиниот лидер се среќава со сите за да покаже дека ете и тој е активен во решавање на проблемот. А и самиот е дел од тој проблем.
    5 Продолжува собирањето потписи против преоблекувањето на Градскиот трговски центар во Скопје со барокна фасада. Со тоа се зголемува и списокот на предавници на државата.
    Исто како што во расправата за новиот закон за прекин на бременоста имаше замена на тези, така е и со ГТЦ. Оти прашањето не е дали абортусот е убиство или не. Туку дали правото на абортус е право на избор и цивилизациска придобивка. Во расправата за барокниот ГТЦ, прашањето не е дали модерната фасада е убава и дали барокната фасада ќе биде поубава. Прашањето не е ни дали некому нешто му се допаѓа или не. Туку дали со пресоблекувањето на наградуваното дело, со потпис на признат автор ја уништуваш сопствената материјална култура или не?
    Ич не е проблем што градат нови згради. Тоа што новите објекти личат на стари е прашање на вкус, па и тоа не е проблем. Конечно, имаат пари, па нека градат.
    Ама можеш ли да избришеш дел од историјата само затоа што не ти се допаѓа некоја стара зграда? Имаме ли ние право на некаква меморија? Конечно, до каде ќе одиме ако секој кој ќе добие мнозинство на избори реши да менува фасада ако не му се допаѓа некоја зграда?
    Ај сега и патриотите и предавниците да ги поделиме и по естетски критериуми.
    6 Мој школски другар почина во вторникот. Имал некакви тегоби и му закажале коронографија. Не го дочека терминот. Ќерка му го нашла со апаратот за мерење притисок три недели пред закажаниот преглед. И тој не дочека датум.
    Немам јас проблем со реформите на министерот за здравство Никола Тодоров. Никој нормален не би спорел реформа. Ги знаеме состојбите во јавното здравство. Ама начинот на кој министерот ги прави тие реформи е како да нема контакт со реалноста. Еве, вчера распиша оглас со кој бара некоја агенција или фирма што ќе го мери задоволството на пациентите и ќе дава оценка на квалитетот на здравствената услуга.
    Не сакам да прашам каде ќе се мери задоволството на пациентите. Во болница или на гробишта. Оти веќе ми е шубе и да пишувам за работи кои се очебијни. Минатата сабота ја коментирав реформата на министерот за хоспитална култура и прашав што ќе се случи ако некој почине пред да му дојде време за преглед. Сe уште на радио ја слушам рекламата дека ако не може да се јави на закажаниот преглед, пациентот е должен да се јави и да го откаже.
    Е па, еве, јас го откажувам прегледот за мојот школски, оти неговата сопруга и четирите деца што ги остави сe уште се во шок. Има слободен термин за коронографија на 11 јули. За точното време ќе препрашам. Сликајте некој задоволен пациент.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира