1. Кога и Доста не успеа да го издржи Љубчо по 11 години – значи тешко нас.
2. Искрено да ви се пожалам, многу се разочарав кога го слушнав Љубчо дека ако паднел братот Љубе, ќе паднела и Македонија. Толку наивно верував дека токму Љубчо е гарант за суверенитетот на државата, кога сега ќе морам да се навикнувам на новиот идол Љубе.
За да ја спасиме Македонија, најдобро е Љубе да си го прогласиме за доживотен министер. Море, каков министер – претседател да ни стане. Има генерали. Тој ќе биде маршал. Љубе маршале, љубичице бела…
По пофалбите што ги слушнав од премиерот, се покајав дека некогаш и сум помислил нешто лошо за маршалот. Навистина, човекот работел со своја глава, малку избрзувал, ама барем не бил лигуш. Уф мори мајко…
Ако веќе Љубе го имаме за доживотен маршал, најубаво е никогаш и да немаме избори. Без Љубе нема држава, па тогаш зошто ни се и избори. Освен тоа, ако го слушаме премиерот, изборите би ја дестабилизирале државата. Со тоа би станале единствен пример во историјата на современите демократии каде избори дестабилизираат држава.
Затоа, нетрпеливо ја чекаме офанзивата. Да видиме како Љубчо ја замислува “војната во Куманово и во Скопје” и како “Тетово за два часа ќе биде измасакрирано”. Зашто, само офанзива го спасува Љубчо од избори.
3. Ако офанзивата е спас за Љубчо да остане на власт, тогаш за Македонија спасот е во тројството со светата буква “Љ”. Тоа се Љубчо Георгиевски, Љубе Бошковски и Љубомир Фрчкоски. Љубчо, Љубе и Љубомир во историска мисија за спас на државата.
Трите “Љ” во Македонија ја имаат улогата на полициските пунктови. Тие стојат во одбрана на своите позиции. Од едната страна, Дружината “Братско стебло”, со Љубчо, Љубе, генералите, “лавовите”, “тигрите” и, како што би рекол премиерот, “Не знам уште што…”. Од спротивната страна на пунктот, Децата од Павловата улица – Борис, Доста и Фрчко, збогатени со Ѓунер, како етничка рамнотежа.
4. Туку, да не пишуваме многу за полицијата, оти, како што ни рече Љубчо, ако се удира по нив, тоа било “исто како да си против Господ Бог”. Можеби затоа МВР официјално не ги коментираше информациите дека мајор и полицаец ограбиле менувачница во Куманово. Божја волја не се коментира. Плус, сигурно не било така. Веројатно мајорот учествувал во тактичка вежба. Ограбил менувачница, па мерел за колку време ќе успеат да го фатат.
Море молчете. Добро што грабежот го извршил мајор. До сега уште ни еден генерал не ограбил менувачница. Дури тогаш би виделе што е грабеж. Ама, не губете надеж. Па нив само што ги поставија.
ВЕСТ пред некој ден од МВР побара официјално да ни ги испрати биографиите на новопоставените генерали. Сакаме да ги објавиме, па сите заедно да се гордееме со нив. Арно ама, од МВР уште не ни ги пуштаат. Нема смисла. Нели нѐ чека пролетна офанзива. Ред е да знаеме кој ќе нѐ брани.
5. Многу убава работа се овие баловите. Особено кога на нив има аукции. Може да се соберат многу пари. Особено ако се продава нешто што е национално богатство.
Предлагам, министерот Бошковски, како најголемо национално богатство, и премиерот Георгиевски, како помало национално богатство, исто така, да ги дадеме на аукција. Притоа да не ставаме минимална цена. Постои опасност наддавачите да не ја достигнат. Па ќе останеме и без Љубе и без пари.
Ќе ни остане само Доста. Колку за потсетување. Ми е страв дека, натажени и трогнати од оставката, ќе заборавиме сѐ што таа, заедно со Љубчо направи за Македонија.
6. Бранко се спакува и со социјалдемократската дружина замина за НР Кина. Не беше соопштено на покана на која партија е отиден таму, ама претпоставуваме дека е некоја со демократски предзнак.
И Борис се подготвува да летне за Пекинг. Ама Бранко го испревари.
Истото се случи и кога Борис отиде за Божик во базата на НАТО во Бунарџик. Бранко и тогаш побрза, тој пред Борис да им го честита Божик на “Лисиците”.
Значи, со Борис и Бранко имаме светла иднина. И двајцата ќе нѐ внесат и во Кина и во НАТО.
7. Гледам, СДСМ почна со некакви предизборни трибини. Таму Бранко зборува дека ќе национализира сѐ што ВМРО-ДПМНЕ приватизирала.
И во 1998 година, Љубчо зборуваше исто како Бранко. Дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, ќе ја поништи приватизацијата на СДСМ.
А бе Бранко, смени го текстот. Кажи нешто ново.