1 Дури и дијалозите на ликовите во турските и индиските серии се поверодостојни и поуверливи отколку изјавите на партиските лидери на тема “Предвремени избори”.
Бранко направи голем протестен марш и повика на предвремени избори. Груевски не му даваше оти не можел да ги заврши проектите. После Груевски се премисли, па тој почна да бара предвремени избори. И викаше: “Ајде, Бранко, на избори”. А Бранко му викаше: “Доста беше чаламење, ајде да одиме на избори”. Па дури и се сретнаа во две полувремиња. Груевски исполнил 50 барања, а СДСМ одговара дека главните четири барања не се исполнети. Па после влета и ДУИ во играта. Излегоа од Собрание, се заканија дека ќе ја напуштат Владата, оти не ги прашале за гувернер. И кога експертите на СДСМ ја пуштија анализата за техничка Влада, излезе Али Ахмети и кажа дека коалицијата со Груевски добро му функционира.
Ете како се владее со овој народ веќе 20 години. Како во стариот Рим. Им организирале игри за да биде народот среќен. Леб и циркус.
И сега циркус има колку што сакаш. Само што лебот поскапе. Е тоа веќе може да биде сериозно.
И што уште треба да се случи за да заврши циркусот и политичарите да почнат самите да се занимаваат со печење леб? Да чекаме решение од Брисел и Вашингтон? Да ни понудат решенија амбасадорите на земјите на САД и на земјите од ЕУ? Оти тие немаат други проблеми освен Македонија. Оти немаат свои држави за водење, па ќе ја водат нашата.
Вака се чини дека не е толку лошо во Македонија како што изгледа на телевизија. Оти сите циркуси ги видовме, ама не видовме некој да се побуни, а камоли да понуди решение за да биде подобро.
2 Груевски претера со играта “наша банда – ваша банда”. Тоа го покажа со изборот на гувернер на Народната банка.
Дури и да не ти е гајле ако коалициониот партнер ДУИ не доаѓа на седница на Собранието, оти не си го консултирал. Дури и да покажуваш ароганција кон фактот дека опозицијата го бојкотира Парламентот. Димитар Богов и без тоа ќе беше избран за нов гувернер. Зошто не се потрудија барем да одглумат дека, ако не се почитуваат меѓусебно како партии, ги почитуваат граѓаните.
Такво омаловажување на обичниот човек во оваа државе е веќе без преседан. Кандидатот за гувернер не се појави ни на Комисијата за финансирање и буџет, ни на собраниската седница на која го избираа. Каква порака испраќа власта до јавноста? Овој е од наша банда и вие не заслужувате дури ни да ви се обрати? Па да му се сневиди, неговиот потпис наредните седум години ќе се става на банкнотите на националната валута. Зар толку ние што не сакаме да бидеме од ниту една банда не сме заслужиле малку човечко почитување? Ова веќе не е прашање на политичка култура. Ова е недостиг на општа култура.
3 Министерот за здравство на Косово Ферид Агани, на прес-конференција со нашиот министер за здравство Бујар Османи побара косовските пациенти во македонските болници да плаќаат иста цена како и домашните приватни пациенти.
Ај што овој од Косово безобразно побара. Тој можеше да побара македонските граѓани да плаќаат поскапо. Туку уште побезобразно е тоа што нашиот министер го сфати неговиот предлог сериозно, па уште и најави дека ќе го разгледа. Размислуваше и излезе со брилијантна идеја. Од Македонија ќе правел регионален центар за пациенти. Не било само Косово странство, туку и од други странства ќе доаѓале. Тешко ним. Ќе ни дојдат како утеха. Ќе се мачиме заедно за здравје.
Којзнае, можеби тој регионален центар за пациенти ќе се исплати. Со еден акцелератор и шест месеци чекање резултати од биопсија, најмногу ќар ќе има Судска медицина.
4 Министерството за надворешни работи препорача без поголема потреба да не се патува во Јапонија. Ту, штета. По апелот на МНР многу граѓани мораа да ги распакуваат куферите. Оти сите седеа со спакувани куфери и чекаа да се ослободи место во авионите за Токио.
Ако не се развие регионалниот центар за зрачење на единствениот акцелератор во земјава, можеби и ќе се најде некој што ќе има потреба за патување во Јапонија. Ќе одиме да се зрачиме.
А Владата не мораше да одвојува 100.000 евра помош за настраданите од земјотресот и цунамито. Имаме ние повредна помош што можеме да ја пратиме. По скопскиот земјотрес во 1963 година Јапонците ни го пратија архитектот Кензо Танге. А ние ќе им ги испратиме архитектите Жан Стефановски, Вангел Божиновски и Коста Мангаровски. Откако го задолжија Скопје со куќата на Мајка Тереза, новиот Стар театар и Триумфалната порта, време е и Јапонците да го освежат вкусот. Премногу се модерни.
5 Грчкиот милијардер Димитрис Кондоминас купи две парцели на Плоштадот Македонија на кои ќе ги гради барокниот хотел и Офицерскиот дом од проектот “Скопје 2014”.
Од прозорецот на собата на грчкиот хотел ќе се гледа во Александар Велики. Разумен компромис си е разумен компромис.