Леб и туљумби

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:84:"НегоменувамеУставот.Ќејасменимедржавата

    1. Со нетрпение го чекам денот кога ќе почнат преговорите меѓу Македонците и Албанците. Ај што не успеаја да ја средат државата во Владата и во Собранието, белки ќе ја довршат работата некаде во Европа.
    Замислете си, Доста Димовска и Бедредин Ибраими седат еден до друг во Владата. И од седница на Влада, заминуваат на преговори. Ќе патуваат за Белгија. Дамата фаќа еден авион, господинот друг. И се среќаваат со посредник во Брисел. Во Скопје заедно владеат, а во Брисел преговараат. Од таа средба можеби ќе излезе договор за промена на Кривичниот закон. На пример кога полицијата ќе фати голорак Албанец од Македонија со три бомби, двесте куршуми и два митралеза во неговата кола, треба веднаш да го ослободи, зашто нема доволно докази за кривично дело.
    Истиот ден, Никола Груевски тргнува на пат на преговори со Џевдет Насуфи. Груевски во еден авион, Насуфи во друг авион. Се среќаваат во Стразбур. И таму министрите водат тешки преговори, како Албанците да почнат да плаќаат даноци и еднаш веќе да бидат рамноправни со Македонците. Доста беа дискриминирани.
    Откако министрите ќе преговараат меѓу себе, за сè што ќе остане недоговорено, ќе се погрижат Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери. Каде ќе одат тие? Мислите дека работава ќе заврши во Европа? Не! Тие ќе патуваат за Америка. Ќе се сретнат во Кемп Дејвид.

    2. Ако Владата се согласи на преговори по европските центри, значи признава дека во Македонија нема институции. Ако нема институции – нема ни држава.
    Зошто се дигна толку врева дека ќе се менувал Уставот. Не го менуваме Уставот. Ќе ја смениме државата.

    3. Додека релевантните политички структури развиваат европски туризам, во Македонија Љубе Бошкоски ќе го развива селскиот туризам. Ене го како вежба за туристички водич.
    Зар пустиот државен секретар мисли дека е херој кога се слика за МТВ и ни покажува што се испофатила македонската полиција по шарските села. Што се фали? Сака да ни покаже дека МВР ништо не работело? Дека додека брат Љубе командуваше со единицата на Лефтеров за освојување на успешните фирми, терористите ја копале цела Шар Планина и правеле митралески гнезда?
    Македонскиот Рамбо ни откри дека во митралеските гнезда имало тазе леб. Ни рече дека тоа е доказ дека терористите имале логистичка поддршка од фурните од околните села. Фурнаџијата во ров, фурнаџиката пече леб.
    Се гледа дека Љубе е искусен угостител. Покрај тазе леб, може на падините на Шара да распали и скара. А за лукче и кромитче немајте гајле. Мештаните се многу вредни. Секое утро копаат. Некој ден се многу расположени за работа, па им се погодува копањето. Ќе почнат да копаат леа, а тоа станало ров.

    4. Како Доста ја повлекла полицијата од северната граница затоа што не сакале да бидат вознемирувани од полицајци. Госпоѓо министерке. Те молам повлечи го сообраќаецот што постојано ме казнува за погрешно паркирање. Штом го видам, ме вознемирува. Ми доаѓа некој ден и мобилката да му ја фрлам. Одвај се воздржувам.
    Ако под итно не почнеме преговори за подобрување на моето човеково право да си паркирам кај што сакам, ќе побарам помош од меѓународната заедница. Ако може вие да преговарате во странство со домашни Албанци, зошто јас да ја трпам тортурата од мојот сообраќаец без заштита? Ќе ја дадам Доста на Хашкиот суд.

    5. Не се сите фрлени на преговори во странство. Бизнисот мора да врви и дома. Мора да се мисли на себе, на фамилијата…
    Ете, додека други се занимаваат со терористи, преамбули, преговори, нонпејпери, министерот за економија Бесник Фетаи си увезува шеќер без царина и други давачки. Мисли човекот на нас. Покрај фурните на Шара, мора да работат и слаткарниците под Шара. Леб и туљумби. И по некоја бомбица.
    Долче вита.

    6. Кога воената полиција одела по куќи да ги повикува резервистите, од зад врата им било одговарано: “Немам книшка!”.
    Овие им одговарале: “За војна не треба книшка!” А резервистите се чудат: “Па нели секаде барате книшки? Кога баравме работа нè прашуваа: Имате ли книшка на ВМРО-ДПМНЕ. Сега зошто не ни барате?”

    7. На АРМ ѝ требаше време за да тргне во напад. Ама сега кога тргна, не може да се сопре. Кога НАТО не води сметка од таа страна на границата.
    Ама, пак го згреши патот. Наместо на Солун, пак фати правец накај Срем.

    8. Кога ќе сопре војнава? Кога ќе каже Европа.
    А кога ќе каже Европа? Кога ќе снема цигари на Косово.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира