1. Не е доволно тоа што охридскиот градоначалник Пашата апелирал до незадоволните ТАТ-овци да не прават белји во Охрид за време на свеченостите околу маратонот, и што лобирал меѓу тамошните ВМРО-вци да не прават од Охрид второ Крушево, а од маратонот, илинденско празнување. Потребно е и министерот за правда Ѓорѓи Спасов, денеска да им го прекине годишниот одмор на судиите и да прогласи општа мобилизација на судовите во државата. За секој случај, да не му текне некому да ја расипува идиличната слика во Македонија кога претседателот Киро Глигоров ќе им честита на победниците на охридското пристаниште.
Вистинска штета е што за маратонот не е предвиден говор. Не ќе беше лошо уште еднаш да ни кажеа колку ни е убаво. На пример дека девалвацијата е супер работа и дека ќе претставува стимул за папсаното стопанство. Да може уште една уште поарно за стопанството. Дека е добро што пропаднаа преговорите со “Ауди”, бидејќи си го заштитивме суверенитетот на државата и им пративме јасен сигнал на сите што во иднина ќе сакаат да ни влезат тука со странски капиталистички пари. Еве, од последното соопштение на “Ауди” се гледа дека уште сме излегле и – ќар. Германците потрошиле милиони марки за преговорите. Добро е и што не нé примија во НАТО, затоа што сега ќе имаме доволно време да го увежбуваме новиот строев чекор на македонската армија. Убаво е и тоа што се предлага намалување на породилното отсуство. Зошто да раѓаме, кога вакви какви што се сега, мајка никогаш повеќе нема да може да роди. А и годишниот одмор може да се скрати. За кого одмор? Сé поголем е бројот на тие што остануваат без работа.
2. Во рамките на идиличната слика за државата се вклучува и телевизиското судење на знамегазачот од Мечкин камен и силата на правната држава што казнува со најстрогата казна, кога е во прашање такво дело.”А сега, почитувани гледачи, во емисијата “Диоптрија” ќе гледате опширен извештај од судењето во Крушево.” И ние гледаме. Човекот се кае, човекот вели дека бил пијан, дека бил револтиран, му е жал што го исклучиле од партијата.. . А државата силна, силна, да ти е милина да гледаш.
Колку ли ќе биде интересно кога државната телевизија во емисијата “Диоптрија” ќе дава опширен извештај од судењето на актерите на аферата “ТАТ”.
Па тие се каат, па не си ја бојосале косата којзнае од кога, па којзнае од кога не биле на состанок на највисокото тело на партијата.. . А државата силна, силна да ти е милина да гледаш. Одвај чекам да седнам пред телевизорот. Па тоа што пропуштил да праша судијата, ќе праша строгата новинарка: “А дали сте вие член на некоја политичка партија?”. “А дали знаете дека партијата ве исклучила од членство?”
3. Почнаа жетвените активности на министрите. Време е да се води сметка за летната реколта. Некој треба и да ги пожнее успесите од последните владини мерки.
Жетвата почна од Пехчево. Завчера таму беа потпретседателот на Владата Димитар Бузлевски и министерот за надворешни работи Благој Ханџиски. Зошто токму од Пехчево – којзнае. Можеби затоа што таму има многу стопанственици. Вистински успех за министрите е и самото тоа што во град каде што ништо не работи, па дури ни фабриката за дрвени штипки, успеаја да најдат толку директори на фирми.
Дилемата што бараше меѓу стопанствениците и Бузлевски и шефот на македонската дипломатија Ханџиски, беше разрешена кога ги видовме извештаите од местото на настанот. Ханџиски ја истакнал готовноста на Министерството за надворешни работи за поддршка на секоја иницијатива што овозможува извоз и на други пазари. Министерот е малешевец, па изворно е запознат со можностите на тамошното стопанство. Фабриката за стакло не работи, фабриката за керамички плочки не работи, конфекционерската куќа не работи.. .
Што има во Пехчево за извоз? Сливи. Малешевци си ги викаат магарешки сливи. Во тек е сезоната на берба. Сега му е мајката Министерството за надворешни работи да се ангажира за извоз на сливи и на тој начин да заживее спогодбата за трговија со Европската унија. Македонија ќе направи пробив во Европа преку Пехчево. Магарешки сливи за Европската унија.
4. Во Бугарија нешто се менува. Порано се знаеше што е бугарски телефон. Апарат на кој што можеш само да примаш пораки (од Москва), а не можеш никого да бараш. Сега бугарските телефони функционираат така што претседателот Петар Стојанов може да му се јави на македонскиот претседател Киро Глигоров и да го замоли да ги пропушти камионите на граница со хуманитарна помош, за “Бугарите во Албанија”.
Се сеќавам дека кога неодамна премиерот на преодната бугарска влада Софијански дојде во Скопје да бара лебно жито од македонскиот премиер Црвенковски, ни беше сугерирано тоа да не го објавуваме, зошто “Бугарите биле греота”, а во официјалните соопштенија тоа не беше ни навестено. Како ли ќе реагираше тогаш Софија, ако пратката македонско жито ја испратевме за Македонците во Бугарија?
5. Во Скопје гостува циркусот “Медрано”. Организацијата на гостувањето е во надлежност на “Паластурист”. Вања Битољану пак прави циркус во државата.
Многу ми се допаѓа тоа што шаторот е поставен пред зградата на Народната банка на Македонија. Поубаво место за циркус во Македонија не можеше да се најде.