ЛЕВО ДЕСНО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:297:"Неепроблемштополовинаоддуќанџиитенеиздаваатфискалнисметки,амаможедабидеголемпроблемштокајтиештоиздаваатнемаиставказадржавнатателевизија

    1. Премиерот Бранко Црвенковски во Москва изјави дека за Македонија односите со Русија се од највисок приоритет. Ај да погодуваме од три пати што ќе изјави кога ќе оди во Вашингтон.
    Два дена пред оваа изјава потпретседателката Радмила Шеќеринска изјави дека Македонија за неколку месеци ќе поднесе апликација за членство во ЕУ. Другиот ден Собранието го ратификува договорот со САД за неиспорачување американски државјани на Меѓународниот кривичен суд. Никола Поповски рече дека кога ќе станеме членка на ЕУ, ќе го раскинеме договорот со САД. А со Кина што правиме? Гледате колку не ценат, дури и прослава по повод десетгодишнината откако не признаа направија. Кина отиде во вселенета, а ние во Русија. Се во погрешен правец тргнало.
    Радмила како електроинженер ќе ги брка правните работи со Европска унија. Славко Петров, како адвокат ќе го решава земјоделството. Хари како банкар брка терористи по планините. Среќа што на другите местата им одговараат на струките, па се покажаа.
    Бранко дава десен трепкач, а вози лево. Карамбол.

    2. Со Кинезите си разменивме честитки, како во старите времиња. Само, не јавија дали кога Борис патуваше кон Јапонија, кога ја прелетуваше Кина испратил поздравна телеграма до нивниот претседател. Така правеше Тито.

    3. Не само Владата, туку и меѓународната заедница се побуни против освојувањето на “Тетово табак” за седиште на штотуку легализираниот Тетовски универзитет. Велат дека Фадил Сулејмани и командант Баци работеле против легализацијата на универзитетот.
    Ако Владата веќе решила да го легализира Тетовскиот универзитет, значи дека Фадил Сулејмани работи против одлука на Владата. Што и не е ништо ново за него. Ако Сулејмани успеа по толку години да го легализира малоречанскиот универзитет, тој ќе ја легализира и сопственоста на “Тетово Табак”.
    Зошто воопшто трошат зборови за Сулејмани и Баци. Нека прашаат надвор како таму би постапиле со узурпатори како нив. Еве, нека ја консултираат Европската унија. Оти во Америка знаеме како би го решиле случајот. Тие прво пукаат, па после прогласуваат колатерална штета.

    4. Што ќе правиме со толку универзитети? Ако им помине идејата на ВМРО-вците, заедно сосе Штипскиот, ќе имаме пет. А од ЕУ ни пресметале дека на некои факултети 90 отсто од студентите не ги завршуваат студиите.
    Ако на сите пет универзитети 90 отсто од студентите не завршуваат, значи дека во Македонија имаме студенти што завршуваат само за половина универзитет.

    5. Власта е упорна само кога треба да се земе арач од гласачите. Два пати Борис не им го потпишуваше законот со кој радиодифузната такса влегува во сметките за струја. Три пати пратениците гласаа за измената на тој закон. Не ги мрзеше.
    И сега што е поголем проблем? Дали тоа што половина држава не плаќа струја, или тоа што дел од тие што плаќале струја, не сакале да платат и за телевизија? Решението е супер. Половина држава ќе продолжи да не плаќа струја, а тие што плаќале сега нема да знаат колку струја потрошиле. Ќар до гуша. Не знаат како да ја наплатат струјата, ама знаат како да ја наплатат таксата.
    По истата логика, не е проблем што и половина од дуќанџиите не издаваат фискални сметки, ама е проблем што кај тие што издаваат нема и ставка за радиодифузна такса.
    Сега ептен ќе се офајди и МРТВ, што прибирала одвај повеќе од 60 отсто од собраните пари од таксата. Оти од нашите пари ќе можат да направат повеќе емисии како онаа “Лет во место – до кога”, пред некој ден, во која си ги опишуваа своите маки. Па сме платиле, ќе ги жалиме. Немаме друг избор.

    6. ДПА не е против разоружувањето, ама немало да ја поддржи акцијата за враќање на нелегалното оружје. Уште не биле создадени услови за тоа. На пример, немало секаде двојазични табли. Во ДПА прво ќе испитале како се спроведува рамковниот договор, па ќе виделе дали да го вратат оружјето. А кога ќе испитаат ќе им текне уште нешто, па пак ќе видат дали се создадени услови за да го вратат оружјето.
    Во државава постои закон кој забранува поседување на нелегално оружје. Ама тоа е само закон. Законот не е добар услов.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира