1 Премиерот Груевски направи еден храбар чекор со намалувањето на ДДВ-то за земјоделците. Ама за да не ни се кренат премногу очекувањата побрза да најави некои популистички мерки.
Сака да го менува законот за избори за да може да гласаат иселениците.
Што има иселениците било што да ми кажат за мојот живот тука, а не пак уште и да ми гласаат на избори? Тоа се мои избори. Тука живеам, тука работам и плаќам даноци и патувам со македонски пасош. Сум заслужил мојот глас да ми ја одредува мојата судбина. Зошто јас да не можам да гласам за нив во нивните втори татковини? Дури и по пет долари нека дадат, не сакам да гласаат за мене. Тие таму не можат да се договорат меѓу себе што ќе прават со една црква, а тука ќе ми водат државна политика.
Башка што ние и овие гласови што се тука не можеме да ги контролираме на изборите, па сега уште ќе ги собираме ливчињата по авиони и по странства.
Што направија нашите иселеници како дијаспора за Македонија? Да не донесоа некоја инвестиција? Или можеби закупиле барем една страница во “Њујорк тајмс” да ја кажат македонската верзија за името наспроти тоа што го прави грчката дијапсора. Тие се заглавени кај Александар Македонски, а Груевски се надева дека ќе му лобираат за Македонија.
Еве им во новата влада двајца министри иселеници. Доволно е Веле Самак и Глигор Ташковиќ наредните 4 години да научат да зборуваат македонски.
Нам ни требаат инвестиции од странство. Не ни требаат гласови.
2 Втората популистичка мерка на Груевски е најавата дека покрај изградбата на стариот скопски театар, одново ќе се изгради и Офицерскиот дом што го урнаа по земјотресот во Скопје 1963 година. Ќе биде тоа една нова, убава стара зграда.
Време им е на архитектите да излезат од илегала, од под Камениот мост каде што секоја втора година тајно се среќаваат на Бимас и да се изјаснат: Сакаат да покажат колку им е креативноста за 21 век, или ќе ги прецртувуваат проектите од минатиот век. Дали ќе градат со современи материјали и техники палати од челик и стакло, или ќе делкаат камења?
Во едно субстандардно село какво што е Скопје, да градиш нови реплики на стари згради е исто како да ставаш парфем на смрдливи мишки.
Груевски кога оди да купува чевли, бара нов, италијански модел, или купува опинци за да ја почитува традицијата? Што му значат нему старите згради на Театарот и Офицерскиот дом? Не бил ни роден кога ги урнале. Зошто тогаш мора нашите пари што ќе му ги плаќаме како даночни обврзници да ни ги троши за подгревање на спомените на нечија прва ерекција.
Можете ли да замислите како би изгледало свеченото отварање на новиот Офицерски дом? Гостите ќепристигнуваат пред домот со стари мерцедеси без клима уреди. Оние помалку битните ќе дојдат со фиќовци. Ај што ќе дојдат, туку прашање е дали ќе можат да излезат од колите. Оти ако врне дожд ќе зацапаат во кал среде плоштадот. Не дај боже да се погоди и снег да заврне. Ќе останат завеани среде метрополата заедно сосе ѓубрето од контејнерите. На коктелот ќе служат млади манекенки облечени во стари офицерски униформи. А филхармонистите за да не штрајкуваат за редовни плати, хонорарно ќе свират “Марширала марширала Краља Петра гарда”.
3 Наскоро премиерот ќе оди во Берлин, па не е лошо домаќините малку да го прошетаат низ градот. Ќе види дека Ангела Меркел не работи во урнатата, па одново изградена канцеларија на Хитлер, туку во научно-фанстастична зграда што на берлинчани им личи на “големата машина за перење”. Врз Рајхстагот Германците ставија модерна стаклена купола. Отспротива изградија железничка станица што изгледа како да е сценографија од “Матрикс”. Помеѓу нив дигнаа мост по проект на светски познатиот архитект Калатрава.
Ним не им текна да ги искористат камењата од Хитлеровите палати за да изградат постари и поубави згради. До старите палати залепија нови, во стакло челик и алуминиум, а пред нив ставија фотографии да се знае како изгледале и – завршија со старото.
Ако Македонија веќе има 30 милиони евра за да изгради две нови згради, тогаш нека распише светски конкурс, или нека покани двајца врвни светски архитекти за во Скопје да остават нешто за светското културно богатство.
4 Единствена придобивка од новите згради на стариот Офицерски дом и стариот театар е шансата конечно да има доволно камен за да се заврши реконструкцијата на Камениот мост. Којзнае, можеби и кулата на мостот што падна пред три години ќе ја дигнат. Да не зборуваме дека кога ќе се изградат Офицерскиот дом и Стариот театар, можеби ќе светнат и сијалиците на Камениот мост и пред новиот МНТ. За да се исчисти ѓубрето ќе мора да помине малку повеќе време.
5 Груевски вчера го одбележа првиот училиштен ден со посета на основното училиште во кое учел. Се сретна со првачињата. Груевски беше меѓу своите.
Не беше јавено каде првиот училиштен ден биле Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Антонио Милошоски и Лазе Еленовски. Дали и тие биле меѓу своите. Во детските градинки.
По истиот принцип се очекува Груевски на 1 октомври да го одбележи и почетокот на академската година. Ќе оди во Прилеп каде што студирал економија.
А на 15 јануари цела влада ќе оди на зимски распуст. Ќе го градат снежниот град во Маврово. Кој не сака да работи во Бунец, нека одмара во “Шула Мина” во Крушево.
Дознаваме дека вчерашната посета на училиштата и градинките не била само протоколарна. Имала и работен карактер со конструктивни разговори. Министрите барале кадри за вториот ешалон на власта.
6 Унгарија ќе ги признава Шенген визите на македонските граѓани за транзит низ нејзината територија. Ама, не секогаш. Патниците ќе мора да докажат дека транзитирањето низ Унгарија кон старите членки на ЕУ е логично. Дали е, или не е, ќе оцени полицаецот на граничниот премин.
И Македонија е во транзиција веќе цели 15 години. Ама полицаецот уште не оценил дали транзитираме логично. Затоа не не пушта во ЕУ.