1. Претседателот повторно ни е расположен. Кога го видовме колку е загрижен по враќањето од Берлин, сите се фрливме на работа да откриеме што го мачи. И – одеднаш Глигоров повторно весел. Маката му била Медлин Олбрајт.
Претседателот бил љубоморен зошто државниот секретар на САД им напиша писма на Љубчо Георгиевски и на Бранко Црвенковски. Соочен со опасноста дека на претседателот веќе нема кој да му пишува, Глигоров паднал во депресија. И тоа расположение ѝ го пренесе на целата нација.
Медлин Олбрајт решила да му помогне на Киро. Си рекла, дај да му се јавам да го утешам, да не мисли дека го оставиле сам. Пред да си замине од работа, за да не прави телефонски сметки од дома, му свртила на Киро. Арно ама, кога кај Медлин е дење, на Глигоров му е мрак. И така, тие разговарале ноќе.
Од соопштението на кабинетот на претседателот не дознавме детали како течел разговорот. Сигурно претседателот веќе бил в кревет. За да не се налути госпоѓа Нада што дома ѝ се јавуваат жени во ниедно време, Киро морал да шепоти, за да не ја разбуди. Така, Кики со Меди нежно си шепотел на перница. Што е право, Медлин малку била лута на љубомората на Киро. Му рекла: “Аман, бе Кирчо, не гледаш колку проблеми имам за решавање по светот, па не можам сé на тебе да мислам. Знаеш дека си мој”. Да го чуела ова госпоѓа Нада, немала да се јави во “Македонија денес” во Скопје, туку директно во Вашингтон во редакцијата на “USA Today”, па ете ти нов секс-скандал.
Важно е дека претседателот сега ни е задоволен и дека повторно е уверен во љубовта од преку Атлантикот. Љубовната приказна продолжува. Само, да не излезе на крајот тажен “хепиенд”.
2. Војниците на НАТО сигурно веќе седат во авионите и чекаат на Љубчо да ја формира владата, па да долетаат во Скопје. Под услов Хавиер Солана да им каже каде да летаат, зашто, според неговите изјави, изгледа дека ова, сепак, е една безимена територија, на која во овој момент треба да ѝ се даде услуга и ништо повеќе.
Смее ли да се праша: “Ќе имаме ли некаков ќар од ова?”. И, ќе ја бидува ли новата влада да се испазари. Ако е само до доаѓањето на Солана и на други високи функционери кои срдечно ќе се прегрнуваат со претседателот и ќе им заблагодаруваат на “оваа земја” и на “овој народ”, не гледам некоја голема корист. Тие ќе продолжат да нé навредуваат, не изговарајќи ја ни буквата “М” од нашето име, ќе нé омаловажуваат, редејќи нé во редиците за визи пред амбасадите, ќе ни испраќаат разни емисари да ни делат лекции и ќе нé потчукнуваат по рамо, велејќи ни: “Алал да ви е!”. Единствената придобивка можеби ќе биде скусувањето на чекањето за асоцијативно членство во Европската унија. Досега бевме некаде во редот на земјите од десеттиот круг. Сега ќе нé префрлат во деветтиот.
3. Новиот претседател на Собранието Саво Климовски, бара лојалност од опозицијата. Изгледа дека го пронашол начинот како да ја добие. Ќе измисли потпретседателски места за сите. Ако веќе има потпретседатели од ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, како претставници на власта, и од СДСМ, како најбројна опозициона група, зошто да нема потпретседател и од ПДП, зашто тие имаат повеќе пратеници од ДПА. А, ако веќе се четворица, зошто не би биле и повеќе. И ЛДП заслужува потпретседателско место. За гревота се. Ѕинго, како раритет, исто така. Е, па, ако добие Ѕинго, тогаш нема смисла да се поттикнува расна, национална и верска нетрпеливост, нека му се даде потпретседателско место и на Амди Бајрам.
Сите овие места се во согласност со предизборните ветувања на коалицијата “За промени” за намалување на јавните давачки.
Во рамките на таа програма е и проширувањето на владата со уште пет-шест министерства. Меѓутоа, за време на договорите, коалиционите партнери направиле еден пропуст. Смислувајќи ги новите министерства, заборавиле да смислат и министерство за намалување на јавните давачки.
4. Наскоро може да се отвори и прашањето за замена на возниот парк. Премиерот и министрите од неговата партија преферираат да се возат со “пежо”- поради лавчето како заштитен знак. Во Демократската алтернатива би ги задржале и досегашните “аудиа”, зашто крукчињата им личат на знакчето на нивната партија. Но, што правиме со ДПА. Дали нивните министри ќе инсистираат да се возат со мотоцикли? Логично е да го одберат “Хaрли Дејвидсон”, поради орелот како заштитен знак.
Ај што овој проблем може да ни ја раскара владината коалиција. Туку, што правиме, ако одеднаш и “Ауди” и “Пежо” сакаат да влезат во Македонија. Нема да предизвикаме само криза на владата, туку криза во Европската унија.
5. Од идниот месец во Македонија ќе може да се купи “вијагра”. Во исто време почнува и националната кампања за борба против сидата. Значи, ништо не е препуштено на случајот. Сé е под контрола и е координирано. Истовремено ќе има “вијагра” за потенција и бесплатни кондоми.
Е па, народе, мисли му ја!