1. Што ти е судбина. Минатиот петок ова време пишував за Поштарот – жив. Додека излезе весникот Поштарот веќе беше мртов. Во саботата добив СМС порака на мобилниот од телефонски број за кој ми рекоа дека има забрана за идентитет. Претпоставувам дека е од полиција оти текстот на пораката гласеше вака: “Извинете, ви ги заебавме денешните коментари во ВЕСТ за Поштарот!”
Стварно е така. На кој начин? Брутално. Побрутално не можеше да биде. Го убија човекот во полициска акција.
Во минатиот текст “Сакам да кажам”, кога не знаев дека на Поштарот му спремаат заседа во Карпош напишав: “Да се викаше Поштарот Џејми Шеј, како што му е прекарот на еден командант на ОНА од потерницата на МВР, полицијата немаше да тргне да го апси. Ќе си ја чекаше Жане Лупевска во влечки дома и ќе даваше интервју дека е амнестиран.”
Кај ви Џејми Шеј? Каде ви се Чакала и Бреза?
Дали за акцијата во Карпош го известивте коалициониот партнер? Дали ДУИ даде согласност за акцијата? Или, нив не ги интересира кога се апсат Македонци? Дали ОБСЕ ја оцени акцијата како регуларна и во согласност со Рамковниот договор? Каде се соопштенијата од НАТО, ЕУ и САД? Дали полициската единица која ја поставувала заседата била од мешовит етнички состав?
2. Хари Костов е како Киро Глигоров. Има проблеми со времето. Киро Глигоров велеше дека ФИРОМ е провизорно име за 2 месеца. Хари велеше дека Бреза и Чакала ќе ги уапси за еден месец. На Киро два месеца му траат 10 години. Колку години ќе му трае месецот на Хари?
3. Љубен Пауновски виде што се прави со тие по кои има распишано потерница. Си се спакува и право – во Шутка. Си рекол, дај овие да не ме запукаат некаде со 16 куршуми, по скопската магла, да си одам јас во затвор сам. Ќелијата си е сигурна работа. Од таму можеш и жив да излезеш. Ама на улица веќе не си сигурен.
4. Бранко во Москва замина со стари проспекти со реклами на непосточеки авиокомпании. Во Вашингтон замина без материјали за печатот, па на фото – сервисот на Ројтерс го претставија како Љубчо Георгиевски. Во Русија отпатува со “Палер”, а од САД се враќа со туѓо име.
Грешката на “Ројтерс” беше исправена дури по 18 часа. И тоа по реакција од фото-репортер на нашата редакција. А Кабинетот на премиерот побара извинување дури следниот ден.
Ова ме потсетува на една случка од бившото југословенско време. Кога убедувале еден од највисоките функционери дека нешто треба да се објави, а тој сакал даа ја скрие информацијата, му рекле дека во секој случај, тоа ќе го има на “Ројтерс”. Тогаш тој наредил: “Зауставите Ројтерс”.
Како и да јави Ројтерс, ние знаеме дека Бранко не се вика Љубчо. Плус, Бранко сигурно беше во Вашингтон, а Љубчо не. Ама, откако јавија дека таму е Љубчо, а не Бранко, не сме сигурни, кој беше со премиерот. Дали неговиот портпарол Сашо Чолаковски, или портпаролот на Љубчо Влатко Ѓорчев. Влатко Чолаковски ги брифирал странските новинари за посетата на премиерот Љубчо Црвенковски.
5. Во Детроит, амабасадорот на САД во Македонија Лоренс Батлер, го пофалил амабасадорот на Македонија во САД Никола Димитров. При жива и здрава Илинка покрај него, Батлер рекол дека Димитров е најдобриот македонски амбасадор.
Од каде знае Батлер какви се другите амбасадори? Дали тој ни води сметка и за другите, па може да прави споредби? Или Борис и Илинка му поднесуваат извештај за сите?
6. Откако го раскопа плоштадот Македонија без да добие дозвола за градба, градоначалникот на Скопје Ристо Пенов се судри со сопствениците на имотите околу плоштадот. Од вчера плоштадот има нова ограда што ги одбележува приватните имоти. А таа влегува длабоко во раскопаниот дел што се подготвува за градба.
Сега очекувајте Пенов да се појави со тажна фаца на телевизија и да се жали дека некој пак му прави опструкции. “Јас сакам да ви направам плоштад, ама еве други не ми даваат”. А кој му даде дозвола да го раскопа без да провери до каде може да копа?
Се гледа дека наскоро нема да имаме плоштад. Ќе си го бараме стариот, со коцките и со сето ѓубре на него. Оти и тоа е подобро отколку калта што долго ќе ја газиме.