1 Можете ли да замислите колку е несреќен Никола Поповски? Го гледа Бучко како се расфрла со ветувања за пари и не може да поверува. Сите пари што макотрпно ги собираше како министер за финансии сега лидерот ќе му ги списка во кампања за еден месец.
А Бучко дава, ли дава… На пензионери, на стечајци, на лозари, на музичари, на војска, на адвокатите на Љубе, па дури и на тат-овци… Продава земјиште, дели станови… Дај да одиме да му побараме нешто додека уште е располжен да дава. Не знам кој побарал нешто, а не добил ветување дека ќе добие. Комунизам и ренесанса. Секому според потребите.
Единствената надеж на Никола Поповски е дека можеби Бучко лаже. Па на крај нема да даде ништо. Ако победи, баш му е гајле што ветувал. Ако изгуби, ќе има оправдување зошто не дава.
2 Премиерот занесен со дарежливоста, помеѓу две ветувања и три дарувања, се сретна со бугарскиот премиер Станишев. Бугаринот го начека во добро предизборно расположение, па си побара и за себе. Илинден да го слават заеднички двете држави. Бучко се збуни, заборави дека Станишев не му е гласач и набрзина му вети и нему. Кај отишле толку пари за предизборни ветувања, нека оди и еден државен празник.
После Бранко се обиде да го спаси. Па рече дека премиерот жали за лошата формулација. Демек, остави го, ионака никој сериозно не го сфаќа.
Ама има кој е сериозен. Љубчо Георгиевски. Тој е воодушевен од идејата на Бучко и Станишев. Долгогодишниот сон на Љубчо го остварува СДСМ. Бранко го шеташе бугарскиот цар на Плаошник, а Бучко ќе му го слави Илинденското преображенско востание.
3 Бучковски најави изградба на автопат кон Бугарија. Сигурно ќе поминува покрај пругата што ја изгради Бранко.
Штета. Јас пак мислев дека уште еднаш ќе го градат патот Велес – Прилеп преку Бабуна.
4 Државната изборна комисија вели дека не им може ништо на партиите кои пред официјалното почнување на изборната кампања наголемо трошат пари за кампања. Велат, имало дупка во законот.
Меѓународната заедница е позаинтересирана за фер и демократски избори од внатрешните играчи. Европската унија и САД велат да направиме избори за петка, а ние им велиме: “Не можеме, имаме дупка во законот”. Почна кампања пред време, се трошат пари наголемо, партиите не ги имаат пријавено сметките и на крај ќе се фалат дека сме имале фер и демократски избори. Што мислат? Дека Европа тоа не го гледа? Или дека како што ние имаме дупка во законот, тие по 5 јули ќе имаат дупка во помнењето!?
Како што предвреме извадија пари и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, не било дупка во прашање. Вреќата немала дно.
5 Пред избори, покрај пари се делат и вработувања во државната администрација. Пред четири години примаа ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, сега примаат СДСМ и ДУИ. Не знам само уште колку луѓе може да примат на државни јасли. Има ли место за сите? На крај ќе мора да дојде некој да ја купи Македонија и да ги избрка сите од работа како од приватна фирма.
Разликата во вработувањата од пред четири години и овие сега се што СДСМ не смее да му каже “Не” на ДУИ. Па на сите конкурси мора да се примаат Албанци. Македонците поднесуваат документи, ама џабе им е. За нив повеќе нема место за државна служба.
Во некоја нормална држава ова што сега се случува со конкурсите би се нарекувало – дискриминација. Ама кај нас дискриминацијата има друг збор. Таа се вика “соодветна и правична застапеност”.
6 Времето е многу студено за овој период на годината. Знаете ли зошто? За да се создадат сите услови за скандинавски избори.