ЉУБОВ И РАДОС

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:43:"...ИпоследојдеБранко...

    1 Смртта на првиот премиер Никола Кљусев ме натера да се вратам на моите колумни од 1992 година. Читајќи ги, добив силен впечаток дека времето било многу тешко, се живееше во немаштија и неизвесност, но сме биле весели и полни со елан, оти правевме држава. “Сос љубов и сос радос”, како што викаше Кљусев.
    И него го паметам како весел човек и шегобиец кој никогаш не ми забележал за шегите што ги правев на негова сметка додека беше премиер. Тоа беше вистинска македонска пролет. На првата експертска влада не можевме да и најдеме никаква сериозна забелешка дека направила катастрофални потези за државата, освен да ги задеваме за смешките што ги кажуваше веселиот премиер Кљусев и ултрасериозниот вицепремиер Блаже Ристовски.
    На 6 јуни 1992 година сум заблежал дека потпретседателот на Владата Блаже Ристовски се жалел на новинарите оти “си прават злободневни и прилично слободни коментари што можат да се слушнат во нашата јавност”.
    Тоа беше реакција по легендарното гостување на премиерот Кљусев на државната телевизија на една емисија што се викаше “Директно со владата” кога образложувајќи ја антиинфлационата програма по воведувањето на денарот ни препорача да штедиме:
    “Во овие тешки времиња треба да се воздржиме од раскошното однесување со купување фрижидери, перални, гардероби, чевли, телевизори, коли што лежат по улиците недоволно искористени, а некои дури купуваат и перални за садови”, рече тогаш Кљусев.
    Кога неговата влада си даде оставка, за да отвори простор за партиските влади од кои до денешен ден не се имаме спасено, во “Сакам да кажам” од 11 јули 1992 година го забележав ова:
    Нека гледа претседателот Глигоров да пронајде побрзо нов мандатар, а пратениците од Собранието нека не се пазарат со месеци. Зашто, ако овој тампон период потрае подолго, а на народот не му се најде нов објект по кој ќе може да се извика за се што му фали, тешко ним.
    Затоа пак овој меѓупростор ќе им дојде супер на ексминистрите. Да почувствуваат малку и тие од благодетите на животот што им се нуди. Па ќе може пензионираниот професор Кљусев, бидејќи ќе има време колку што сака, да си ја земе “тојотата” и да си застане да чека бензин. Во редот ќе се сретне со ексминистерот за стопанство Стојан Трајановски. Па ќе си зафатат муабет, за ова, за она, и накрај ќе ја испцујат Владата зашто нема бензин. После ќе им дојде Фрчковски. Ама, господин човек, нема сигурно да се поти на педесет степени во редици, во кои никој не му гарантира дека и по пет-шест часа ќе дојде до бензин. Ќе ги “потпали” другите да ги свртат колите и да одат да ги блокираат улиците околу Владата, Собранието и “Макпетрол”. Па ќе направи хаос. Па ќе му дојде полицијата, зашто не смее да блокира патишта и јавни установи. Па сите заедно ќе викаат “Уаааа”! Пред Собранието ќе ги сретне “земјоделецот” Ангелов, како заедно со комбајнерите тропа со празни канти зашто нема дизел за жетвата. Ќе направат делегација и внатре ќе ги прими Киро Поповски. Ќе им вети дека нивниот проблем ќе го разгледаат пратениците на една од наредните седници. Тие потоа ќе му речат на Тодор Петров да направи анкетна комисија, за да испита дали полицијата ги пречекорила своите овластувања кога интервенирала против демонстрантите на Фрчко. И на крај, за се ќе ја обвинат Владата.
    … И сите ќе си живееме во љубов и среќа до крајот на животот…

    2 И – потоа дојде Бранко…

    3 Претседателот Бранко Црвенковски веднаш по загинувањето на 11 офицери и војници во паднатиот хеликоптер, на местото на несреќата изјави: “Веќе од овој момент почнуваат сите истражни постапки со коишто треба да се утврдат причините коиишто доведоа до оваа трагедија”.
    Штом така рече Бранко, сигурно ќе има истрага.
    Имаше истрага и за падот на “кингерот” и загинувањето на претседателот Борис Трајковски. Имаше истрага и за атентатот врз претседателот Киро Глигоров.

    4 Колку луѓе уште треба да загинат во Македонија за некому да му текне дека работа во воздухопловството не се добива како награда за успешно лепење предизборни плакати?
    Од кафеварачки во Агенцијата за цивилно воздухопловство, па преку чистачки и шалтерски работници на аеродромот, до обезбедување и директори за безбедност, па дури и контролори на летање се примаат со списоци од партиите.
    Партиските водачи ќе плачат по гробиштата, ама упорно не се откажуваат од девизата: “Не треба да е стручен. Важно е да е наш”.
    Убава им е девизата. Ама кога партиските книшки им се најважен услов за работа, дури и во воздухопловството, тогаш и патниците нека ги избираат со партиски список.

    5 Јавното сообраќајно претпријатие “Скопје” слави 60 години. Празнично еден стар автобус беше бојосан со слоганот: “ЈСП Скопје ваш верен сопатник”.
    ЈСП е сопатник кој најмногу сум го чекал во животот. Толку е верен што никогаш го нема тогаш кога најмногу ти треба.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира